Сезонски стомачни зaболувања кај децата и возрасните во летниот период
Летото е во полн ек и температурите се високи, а со тоа се зголемува и опасноста од цревни инфекции. Црвените инфекции ги има од мај до септември, но својот максимум на ширење го достигнуваат во јули и август.
Цревни инфекции од вирусно потекло:
Цревните инфекции обично ги предизвикуваат ентеровирусите, меѓу кои клучен е т.н. рота вирус. Патот на оваа инфекција е фекално орален, односно доаѓа преку загадена храна (недоволно измиено овошје и зеленчук) и вода, како и валкани раце. Карактеристично за стомачните вирози е тоа што членовите на едно семејство се заразуваат еден од друг, по инкубацијата што трае од еден до три дена. Стомачниот вирус најчесто се шири при контакт со заболено лице или индиректно преку загадена вода, храна, предмети (детски играчки, прибор за јадење...). Постарите лица, децата, трудниците и лицата со ослабен имунитет се особено чувствителни на овие вируси. Првите потешкотии се проследени со болки во стомакот, кои се остри, продорни и дифузни. Се манифестира и нагон за повраќање или повраќање. Се јавуваат и течни столици без слуз и крв, кои во просек траат од четири до осум дена. По столицата и натаму останува чувство на лажни повици на празнење. Блага малаксаност, исто така, е впечатлив симптом како и покачена температура.
Цревни инфекции од бактериско потекло:
Со оглед на храната која се јаде во летниот период (особено на одмор) по ресторани и киосци за брза храна, не водејќи многу сметка за условите, хигиената и квалитетот на подготвување и чување на понудените оброци, во овој случај доминираат труењата од недоволно термички обработена храна, како месото и јајцата, мајонезот, кремовите, или домашните сладоледи.
Бактериските инфекции се со потешка клиничка слика. Предизвикувачи се салмонелата, шигелата, стафилококите и ентеробактериите од видот ешерихија коли. Најчест причинител за летните цревни инфекции е салмонелата. По ден - два од земање на загадената храна почнува повраќање, болки во стомакот и дијареја. Столицата во почетокот е кашеста, а потоа воденеста и обилна. Болните губат доста течности и омалаксуваат. Се јавува и покачена температура проследена со главоболка и болки во мускулите. Симптомите главно се смируваат по пет дена од првите тегоби. Извори за оваа инфекција се јајцата, како и расипано пилешко или мелено месо. Освен салмонелата, шигелата исто така знае да направи непријатни здравствени проблеми. Симптомите карактеристични за ова инфекција се болки во стомакот, дијареја со слуз и малку крв, но и покачена температура. Овие инфекции исто се пренесуваат преку загадена храна и вода. Стафилококните инфекции даваат клиничка слика само неколку часа од моментот на инфекцијата. Се јавува нагон за повраќање, лоша општа состојба, како и чести столици.
Патувачки цревни инфекции
Цревна инфекција може да се добие и при патување. Промената на климатските услови (долга изложеност на сонце), храна, вода, плажа (недоволна хигиена на рацете), честопати може да предизвикаат бројни нарушувања на дигестивниот систем: стомачни тегоби и мачнина од патување, пролив, запек, повраќање, дехидратација. Исто така, и водата од јавниот водовод во местото на одмор за летувалците може да е причина за цревна инфекција. Иако, таа се прочистува, самиот состав на водата кој е различен од онаа која дома ја користиме може да ги вознемири цревата. А цревната инфекција, честопати потекнува и од водата за капење (море, езеро, река).
Третман
За време на инфекцијата се губи поголема количина на течности и електролити, поради што треба веднаш да се почне со рехидратација, односно со надоместување на изгубените течности и електролити. Притоа важно е и да се запре дијареата со примена на соодветни пробиотици најдобро во комбинација со цинк и витамин Б6 а за стомачните тегоби можат да помогнат и нане и камилица. Храната богата со шеќери како што се слатките, тестенините и лебот треба да се исклучат, бидејќи шеќерите ја црпат водата од ѕидот на цревата и ја разредуваат и онака течната столица.
Кај бактериските инфекции антибиотикот треба да се зема исклучиво со препорака на лекар, никако на своја рака. При антибиотската терапија неопходно е да се користат пробиотици со цел да не се наруши цревната микрофлора и да се стабилизира столицата.
Во случај на силно изразена клиничка слика може да биде потребна и хоспитализација и затоа е важно брзо да се реагира.
Превенција
За заштита и превенција од летните цревни инфекции се препорачува избегнување контакт со заболен, одржување лична хигиена, редовно миење раце, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред консумирање, чистење и дезинфекција на површините, а особено на детските играчки.
Храната која се конзумира треба да биде добро термички обработена (месо), да се јаде во проверени локали а остатоците од храна брзо и добро затворени да се одложат во фрижидер.
Имајќи ја во предвид опасноста од дехидратација кај малите деца, посебно внимание треба да се обрне на одржување на личната хигиена и развивање на хигиенските навики кај децата. Исто така, особено е важно редовно миење раце на децата за време на престојот во градинка и во училиште а особено на плажа.
Што се препорачува за децата
Проливот е опасен поради можноста масовно да се изгубат течности и да се наруши електролитниот баланс во организмот. Оваа состојба е особено опасна за децата помали од една година и за постарите пациенти со други хронични заболувања, како хипертензија, срцеви и други заболувања. Доколку се јави дехидратација на организмот, тоа може да доведе до шокова состојба, особено ако брзо не се надоместат изгубените течности и да страдаат повеќе органи. За да не дехидрира организмот и да се стопира дијареата се препорачуваат комбинирани прашоци од пробиотски соеви и ОРС кои се приготвуваат со превриена вода и таа течност да се пие голтка по голтка. Принципот е давање почесто по малку. На помалите деца една до две лажички на пет до 10 минути. На поголемите деца им се дава да испијат неколку голтки, но не повеќе од 10 до 20 милилитри со пауза од 10 минути. Доколку тоа не е доволно задолжителен е болнички третман со инфузии. Не е препорачливо да се даваат овошни сокови, како и газирана вода.
Летна исхрана
Лекарите советуваат во летниот период да се користи полесна храна со почесто оброци. По можност секој ден да се внесува многу овошје и зеленчук кој е добро измиен, како и производи од жита, односно црно интегрално брашно. Од месо се препорачува пилешко и риба. Покрај вода, треба да се пие слатко и кисело млеко, јогурт, билни и овошни чаеви, негазирана минерална вода, малку посолена супа.
М-р фарм Лидија Николоска Пешталеска