Сите го употребуваме името, но ретко кој ја знае суштината: Што е интелектуалец?

Што значи да се биде интелектуалец?

Интелектуалецот не е некој сериозен, закочен тип со очила и кошула закопчана до грло, кој слуша само класична музика, чита само германски филозофи и руски класици, опериран е од чувство за хумор и зборува некаква неразбирлива реченица во која се фрла со латински изрази и домашни архаизми.

Интелектуалецот не е ниту ултрамодерен њу-еиџер со екстравагантно однесување, кој завршил престижни факултети и постдокторски студии на Запад, цитира Илон Маск, пропагира модерни трендови кои се популарни во светот, се смета за дел од градската екипа, елита, се дружи со снобови, фрла англицизми и интернет лигави жаргони...

Интелектуалецот е оној кој, пред сè, има ширина да врз основа на научените знаења и стекнатото животно искуство, умее да ја раздвои пченицата од плевелот и во морето на преплавувачки содржини, избере оние кои се најдобри, најквалитетни и верни на вистината.

Интелектуалецот е оној кој ги користи своите знаења и вештини на таков начин што секое прашање умее да го согледа од различни аспекти, да ја издвојува својата точка на гледиште надвор од субјективното јас, и да ја премести во трето лице.

Интелектуалецот е оној кој секогаш сè преиспитува, кој умее да користи критичко мислење, кој сè го провлекува низ филтрите не само на чист интелект, туку и низ развиено духовно битие и, оценувајќи ги добиените резултати, доаѓа до очекуван, но често и до неочекуван заклучок.

Интелектуалецот е оној кој не се води по масовното мислење, по популарниот светоглед, по било што што е во мода, туку има свои внимателно изградени ставови за сè и зрачи со оригиналност во размислувањето.

Интелектуалецот е оној кој не е исклучив, кој не гледа само црно или бело, топло или студено, лево или десно, туку сфаќа дека постојат цели светови помеѓу двете поларни крајности кои треба да се испитаат, како и дека постојат многу слоеви и длабочини под видливата површина на секоја проблематика. Интелектуалецот знае дека во тие широчини и длабочини најчесто се крие вистината.

Интелектуалецот е оној кој може да зборува и со проѕјак и со крал, и со интелектуалци и со неинтелектуалци. Оној кој поседува доволно флексибилност да се вклопи во секоја средина и друштво, но секогаш да остане свој, добро знаејќи во секој момент кој е и од каде е, и кој не е и од каде не е.

Интелектуалецот е оној кој е подготвен да се менува, да признае дека згрешил, дека нешто не разбрал добро, дека постојат многу работи што уште не ги знае или не ги сфаќа. Во него нема горчина, суета или искра љубомора, затоа што знае дека преку грешки и порази се учи и интелектуално се созрева.

Интелектуалецот е оној кој не страда од својата интелектуалност, кој со неа не се истакнува, не се фали и не се разметува, бидејќи таа е составен дел од неговиот живот и негов природен оперативен систем кој го движи низ животот работeјќи во позадина. Затоа тој никогаш не е горделив, претпотентен, бахат и надмен.

Интелектуалецот е оној кој умее да го организира своето време и да ги одреди приоритетите на своите интереси и делување, така што со минимум енергија постигнува максимум. Не губи време на тривијални работи и празни предизвици, без разлика колку тие можеби изгледаат интелектуални, сериозни и важни. Интелектуалецот СЕКОГАШ внимателно ги избира своите битки.

На крајот, интелектуалецот е оној кој сфаќа дека важноста на интелектот никогаш не го надминува значењето на духовноста или важноста на физичкото, туку дека интелектуалното, духовното и физичкото тело го сочинуваат светото тројство на битието и мора да коегзистираат во што подобар баланс, за да мудроста на животот успешно биде изведена од стекнатите знаења и искуства. Зошто вистинскиот интелектуалец знае дека конечната цел не се дипломите, знаењата, титулите, општествениот статус или материјалните добра, туку токму и пред сè – мудроста.