Скротувач на каменот: Скулпторот Александар Наумовски создава ремек дела
Најпривлечен му е каменот. Неговата чудна магија, исконското во него, силината... Но, другари се одамна, се познаваат, си дозволуваат да се надополнат..
Викаат „цврст како камен”, ама на каменот да му дадеш душа, тоа е вистинска мајсторија. Див е, непоколеблив, крие во себе историја на цивилизации, ама не зборува, нем е.
Скулпторот Александар Наумовски создава ремек дела од камен и од метал. Успеал и да му даде душа на каменот, и да го „научи да зборува” и да го скроти. Неговите скулптури прикажуваат различни експресии „завиткани” со инспирацијата на авторот.
„Работам со мермер од Прилеп и секаков друг камен. Пораснат сум во Прилеп, во допир бев со уметници кој доаѓаа на Ликовна колонија и бескрајно го засакав каменот. Завршив на факултетот за ликовни уметности во Скопје и почнав да ги обликувам скулптурите од камен по моја замисла“ - вели Александар.
Неговиот креативен опус опфаќа повеќе уметнички парчиња. Изразот и позицијата на телото на скулптурите се апстрактни, со ликовни елементи и со тоа сака преку формата да искаже емоционална или духовна состојба.
Но, покрај работата со скулптури тој е еден од ретките во светот кој од камен изработува лавабоа и кади. Според него, вели дека само двајца уметници на земјината топка прават вакви дела.
Овие негови рачни изработки имаат комерцијална нишка, но вредноста не им се намалува, напротив таа се зголемува токму поради необичноста во пристапот на создавање.
„Уште пред 20 години ме влечеше изработката на вакви производи. Еден ден решив да најдам соодветни камења и да почнам со работа. Не погрешив, но се исполнив кративно. Сега имам цела линија, сите уникатно камени на свој начин, а применливи и декоративни“ - додава Наумовски.
Инаку, изработката е целосно рачна. Каменот се сече, се длаби, се буши, мазни, полира… Користи речни камени, кварц, оникс… сите исклучително тешки за обработка. Но авторот е упорен да ги донесе до перфекција, да им даде лик, да ги приспособи.
„Во секој случај се работи за сложена и макотрпна изработка која може да трае со месеци. Каменот не се предава така лесно, па борбата е неминовна. Ама дозволува да биде обликуван. Во лавабоата и кадите кои ги работам има секаков камен, отпорен буквално на се“ - потенцира авторот.
Овие санитарни предмети ги работи по нарачка и задоволен е од одзивот. Драго му е што луѓето ја препознаваат неговата исклучителна уметничка страна и среќен е што допринесува некој во својот дом да има негово дело.
Александар се смета за еден од подобрите скилптори кај нас. За неговите работи многу познати уметнички критичари имаат дадено добри критики. Но, тој и покрај ваквиот „ветер во грб” направил голема пауза во создавањето. Се вработил како графички дизајнер ама со тек на време почуствувал дека седењето пред комјутер може да има последици, па решил повторно да се активира на уметноста со која растел.
Денес често се појавува на изложби. Сепак, ни металните скулптури не ги изоставува. И тие му се голем мерак за работа.
„Металот е одличен за изработка. Ме фасцинира со неговата структура. Од него изработувам поголеми формати. Наскоро, скулптура од метал која е висока три метри ќе биде поставена некаде во центарот на Скопје. Ќе има можност и пошироката публика да се запознае на овој начин со мојата работа“ - завршува Наумовски.
Небојша Толески