Славчо Ковилоски: „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев е роман кој лесно се пресликува и во денешно време

„Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев се смета за прв егзистенцијалистички роман во македонската литература, а по повод реобјавувањето на ова култно дело, вчера на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“ беше организиран разговор со поетот, прозаист и книжевен историчар Славчо Ковилоски. Книгата првпат е објавена во 1964 година, но сега доби и ново лице, при што мотивот на корицата е дело на академскиот сликар Васко Ташковски, а изданието е дел од новата едиција „Македонски книжевни класици“, чија цел е да се приближат овие капитални домашни дела до новите читатели.



Уредничката Бисера Бендевска го водеше разговорот со Ковилоски, кој воедно е и автор на поговорот на новото издание на „Кратката пролет на Моно Самоников“. Тој посочи дека станува збор за дело кое лесно се пресликува и во денешното време. Воедно, говореше и за значењето на Солев како претставник на модернистичката струја во македонската книжевност во тоа време. Специфично е дека ова е еден од првите романи во 60-тите години што „тежнее“ кон урбаното.

– Солев го движи ликот на Моно Самоников и не го остава да мирува, сликајќи го неговиот психолошки портрет од дете од село кое изникнува во традиционална средина, а потоа во човек кој работи во весник, што во тоа време е голема работа. Тој е многу комплексен лик и низ него се гледа видувањето на Солев за споменатите миграции – посочи Ковилоски.

Тој истакна дека Моно Самоников е лик чие име е прецизно одбрано со оглед што е човек кој иако секогаш е опкружен со луѓе, во суштина е осамен. Дејството во романот не се одвива линеарно, туку постојано има навраќања кон минатото на Самоников во селото и настанот што го прогонува.

– Моно е психолошки изграден лик. Тој е ангажиран на психолошки план и работи како новинар во весник насловен како „Народен пушач“. Во тоа време значи нешто друго, но од денешна перспектива името на весникот може да алудира на карактерната особина подлизурко – појасни Ковилоски и додаде дека во романот има иронија и цинизам кои на почеток можеби не се евидентни, но при задлабочено читање се забележливи.

Моно Самоников е „чуден лик, неприспособлив месечар, homo absurdus, сенка“ и живее во сопствените мисли и прогонувачки соништа, ќе напише критичарот Миодраг Друговац. Копајќи по свеста и растурајќи низ долапите на потсвеста, Моно трага по потврда за сопствената виновност за настан што се случил во неговото детство. А кога Моно бил дете, имало војна. И во таа војна детето Моно посведочило убиство кое како возрасен верува дека можел да го спречи, но не го сторил тоа. Оттука, овој роман може да се чита и како морална дилема на една цела генерација која во пресвртните историски моменти го сведочела хоророт, а притоа не можела да даде свој придонес во борбата. „Кратката пролет на Моно Самоников“ е егзистенцијалистички роман за апсурдот на живеењето во услови на егзистенција отуѓена од стоичкото во човекот.

Реиздадениот роман е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во чии рамки досега беа објавени девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев и „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев. А наскоро ќе биде објавен и романот „Арамиско гнездо“ од Абаџиев.

Целиот разговор со Ковилоски може да го погледнете на следниот линк, а романот е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ или може да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk

* ПР - објава