Со парите не може да се купи здравје: Тажната приказна на немирниот Роби Вилијамс
Роби Вилијамс со своите полни 46 години, денес изгледа многу добро, во секоја смисла на зборот, што се’ уште ја држи без здив женската популација од 20 до 50 години.
И покрај тоа што е оженен човек во стабилен брак, овој музичар буди грешни мисли кај секоја просечна жена. Но, постои и онаа народната изрека која во неговиот случај е многу вистинска и гласи: „Пази кому му завидуваш!“, бидејќи животот со Роби Вилијамс повеќе не е бајка. По се изгледа дека, за неговата жена овој брак со популарната ѕвезда и се претворил во ноќен кошмар.
Сведоци сме на најновите признанија и исповеди на Роби кој три години бил заробен во својот дом. Може да се каже и заробеник на својот ум. Пејачот боледувал од агорафобија, што значи дека се плашел од отворен простор. Од 2006 до 2009 година тој не излегувал воопшто.
Тој и самиот признава дека три години ги поминал дома на каучот, јадејќи чипс и гледајќи телевизија. Во тој период во неговиот живот влезе Ајда Филд, неговата моментална сопруга, која единствена успеа да го „извлече од куќата“ и да им го врати на сите обожаватели на неговата музика.
Сега откри дека за малку ќе умрел од труење со жива откако изел премногу риба. Тој стана веган во 2017 година, а неодамна повторно започнал да конзумира риба и месни производи во својата исхрана.
Сепак, на неодамнешната медицинска проверка дознал дека има труење со жива поради прекумерна конзумација на морска храна, пренесуваат светските медиуми.
„Јадев риба двапати на ден и завршив со најголемото труење со жива што некогаш го видел докторот“, изјавил Роби за „Радио Х“
Парот се венчаше во 2010 година, а денес имаат три дечиња: Теодора Роуз – 6 години, Чарлтон Валентајн – 4 години и Колет Џозефин – 11 месеци.
„Кога го добивме првото бебе, мојата сопруга беше загрижена за тоа дали се омажила за вистинската личност, бидејќи тогаш имав навика да се сокријам и првите три месеци играв само игрички (ФИФА). Ајда тогаш ми кажа дека е сигурна дека сум добар човек, но ме запраша што навистина правам. После тие три месеци јас излегов од мојата навика и дури тогаш бев спремен да се соочам со вистинските одговорности и да бидам татко“, призна пејачот.
Освен стравот од отворен простор и стравот од одговорноста, пејачот изјави дека страдал и од телесна дисформација и ноќно прејадување, а убедливо најлош период му бил во неговите дваесетти години кога чувствувал сериозни халуцинации. Призна дека бил во искушение да си изврши самоубиство, бидејќи имал чувство дека бил прогонуван од дух. Подоцна дознал дека куќата во која живеел, била изградена врз некоја стара гробница.
Роби објасни како во таа куќа вратата постојано сама се заклучувала, дека слушал музика во одредени соби и чекори, и тоа точно во одредени моменти кога бил сигурен дека нема никој во куќата освен него. Единственото бегство му бил автомобилот, каде се криел на задното седиште. Познато е дека во тој период Роби користел и кокаин.
Изгледа дека Ајда била најголемиот спас за Роби. Откако таа е дел од неговиот живот, тој успеа да се реши од сите зависности, фобии и стравови од одговорност.