Со психијатарот Људмил Кљусев за т.н. сапиосексуалци: Нив ги пали длабок интелект кој прераснува во душевна и полова сатисфакција со изразито лачење на допамин

Интересот за сексуалноста или половата чувственост е голем. Така е отсекогаш, но и денес. Постоењето на модификациите (дваесетина видови) нѐ збунува по малку, не знаеме што е нормално, патолошко, а причина е и первертирањето на сѐ што е возвишено, традиционално, меѓу другото. 

Сапиосексуалноста е само една од нив, за која се говори често, најмногу сега и во текот на изминатите години, во блиското минато. Интерпретацијата е различна и лаичка, пред сѐ. Оттаму и желбата да разговараме со психијатар бидејќи сметаме дека е најмеродавен за ова прашање. Одговорите сигурно ќе ви се допаднат. Во сегашно време, кога се забележува стрмен пад на моралот и неговите вредности, сапиосексуалноста е моралистичка, во духот на моралните норми. Впрочем, кој не „паѓа“ на висок интелект, неопсесивно се разбира. Во спротивно... Људмил Кљусев, психијатар за возрасни, но и за деца, ни откри сѐ што е битно за неа, концизно и јасно, меѓу останатото и главната причина за изразитото лачење на допаминот кај сапиосексуалните особи.

ММ: Кога е половата чувственост или сексуалноста во прашање, од пред извесно време наголемо се говори за т.н. сапиосексуалност. Зборот е кованица, спој на сексуалност и сапиенс (мудар, умен човек), т.е. обратно. Ќе ни објасните пластично, за што се работи? И дали е патолошка? 

Љ. К.: Пред 20-тина години т.н.западна либерална лига ја наметна ЛГБТ идејата, а со неа се појавувија повеќе од дваесет новитети кои ја модифицираат или, попрецизно, ја дефинираат сексуалноста, како на пример сапиосексуалноста. Вие правилно ја дефинирате како љубов изразена кон високоинтелигентни личности кои имаат високо разбирање, емпатија или емотивна интелигенција или, пак, ги красат екстремно добри комуникациски способности, наспрема самата личност и нејзините фенотипски карактеристики. Зборот сапио (лат. sapere) значи интелигенција со мудрост, а знаеме дека човекот е означен како хомо сапиенс. Впрочем, истите личности можат да бидат и членови на ЛГБТ заедницата, но и останатите затоа што сапиосексулноста не претставува сексуална ориентација. Тие можат да сакаат мажи, жени, транс и така натаму. А, дали е патолошка или не, љубовта кон интелигентните личности постоела отсекогаш, од антиката до денес, не е пластична. Дали може да прерасне во патолошка опсесивна манифестација, секако дека не е исклучено. Зар сите останати не тежнееме кон интелигентни личности? Но, тоа не нѐ прави болни или зависни од такви личности.

ММ: Интелигенцијата нѐ привлекува сите, но сепак изгледот, надворешниот лик е пресуден, има решавачко значење на почетокот. Или не? Каде во случајот на т.н. сапиосексуалци е дистинкцијата? Изгледот не влијае на изборот? Дека интелигенцијата е секси - тоа е факт, но...

Љ. К.: Вообичаено е да се вљубите во лице кое, според вас, ги поседува сите атрибути како физички атрактивно и секси, а исто така да е интелигентна и емотивна личност. Кај другите, поголемиот број т.н демисексуалци поважна е емотивната врска. Но, кај сапиосексуалците ништо не е толку важно колку интелектот на личноста. Тие се возбудуваат и негуваат еротски чувства токму кон такви личности кои имаат коефициент на интелигенција повеќе од 120.

ММ: Дали во пакетот се и статусот, работата, поткованоста (финансиската).., со убави предзнаци, кои вообичаено ги врзуваме со интелигенцијата, без оглед на тоа што неретко и се разидуваат? Или, пак, тоа е сосем друго?

Љ. К.: Неретко статусот на личноста, позицијата во општеството, финансиката состојба во пакет со изразита интелигеција се, всушност, пакет на знаци кои ја красат личноста во која се вљубуваат сапиосексуалците. Но, тоа не е исклучок. Може личноста да е поет од висок ранг, неатрактивен и од низок слој на општеството во кој се вљубува сапиосексуалец од висок слој на општеството на кој му е потребна токму таква личност.

ММ: Што ги пали т.н. сапиосексуалци? Муабет за политичка историја, можеби? За книжевно наследство? Тоа причинува секс, полов нагон? Т.е. на сексот неминовно му претходи таков, условно кажано интелектуален разговор?   

Љ. К.: Сапиосексуалните личности се палат или возбудуваат на длабок интелект кој прераснува во душевна и полова сатисфакција со изразито лачење на допамин и желба за интимност токму со такви личности со кои, патем, имаат воспоставено силен интелектуален линк или разговор.

ММ: Дали тоа значи дека т.н. сапиосексуални особи не се возбудуваат при допир? Мислам на почетокот. Или се работи за меѓусебна поврзаност, без оглед на поинаквиот редослед?

Љ. К.: Како што нагласивте, допирот, изгледот и формата немаат еротска моќ да ги освојат ваквите личности. Тие сакаат исцело да ве запознаат и да почуствуваат дека владеете со знаење и интелектуална моќ, а тоа, пак, седуктивно ги ослободува и турка во еротско доживување.

ММ: Емоциите, какви се? Може ли да се спореди со т.н. демисексуалност? Односно, постојат ли допирни точки? Сепак, чувствата се особено важни во двата случаја? Која е разликата?

Љ. К.: Јас погоре споменав за демисексуалците, тоа се останатите, т.е поголемиот број мажи и жени кои сакаат врската да ја продлабочат и да се базира на повеќе постулати. За таа исцело да функционира, потребна е емотивна конекција.

ММ: Според Вас, т.е. истражувањата, доколку се направени, дали жените или мажите ѝ се повеќе наклонети? Претпоставувам дека приматот е кај првите, односно жените. Зошто е така?

Љ. К.: Епидемиолошки, меѓу 1 и 8 % од релативно младите луѓе од 18 до 35 години се изјаснуваат како сапиосексуалци. Традиционално жените сакале силни мажи поради заштита, но во денешно време сѐ поголем бројот жени работат и обавуваат задачи како мажите, така што интелектуалната стимулација добива сѐ поголем замав кај жените.

ММ: Во денешно време, кога се говори за морален пад, не знаејќи што е нормално, а што не, Ви се чини дека т.н. сапиосексуалност е моралистичка (со префиксот високо)? Како гледате на тоа? Во духот на моралот е?

Љ. К.: Токму така, денешното т.н модерно време набрзина ги проби табу-темите за и околу сексуалноста. Она што некогаш се сметаше за возвишено, традиционално, денес се прикажува во разни форми на перверзија. Дали сапиосексуалноста е одраз на духот и моралот, секако да. Сѐ поголем број сапиосексуалци гледаат на сексот повеќе од егоцентрична потреба, така што сите оние митови за мажи и жени од антиката за убавина - мускулеста градба, силиконски естетски и други шминки не ја задоволуваат нивната потреба. Тие повеќе уживаат во интелектот, во интимни разговори, дебати, во размена на мислења со интелектуално супериорни личности.

ММ: Дали т.н. сапиосексуалност е официјализирана? Се работи за вистинска, права сексуална ориентација? Можеби е само тренд во наклоноста, половата чувственост?

Љ. К.: Секако дека сапиосексуалноста е официјализирана во светските библиотеки, но не и во официјалната ДСМ или ИЦД-10, т.е нема кодифициран предзнак за болест поради фактот што сѐ поголем број луѓе ја сметаат интелигенцијата за најзначаен атрибут на личноста.

ММ: И на крај, дали се здобива со текот на времето или..? Можеме да говориме за такво нешто? Изгледа нереално ако ја поврземе со раната младост - тинејџерската љубов на пример.

Љ. К.: Она што кај младите значи хипериделизација на луѓето во кои се заљубуваат, како на пример глумци, поп-ѕвезди и слично, кај повозрасните чиишто интимни врски биле оскудни, па животот го насочиле кон барање идеален партнер, со текот на времето стануваат хипо или, неретко, асексуални, поради што емотивно се врзуваат со лица со висок интелект и развиваат псевдо или вистински еротски нагони кон нив.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Људмил Кљусев/ Adobe Stock