СТАНБЕНИТЕ КРЕДИТИ ФАВОРИТИ МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ– граѓаните продолжуваат да се задолжуваат, инвестициите во дом „немаат цена“

Интересот за кредити не спласнува. Македонските граѓани користат кредити за големи инвестиции, но и за секојдневни потреби. За разлика од минатото, кога доминираа потрошувачките кредити, последниве месеци, но и години, доминира побарувачката на станбени кредити. Сепак, двете категории доминираат.
Последните податоци на Народната банка откриваат дека минатиот месец вкупната кредитна задолженост меѓу граѓаните и компаниите надминува 525,6 милиони денари.
Ова значи дека граѓаните и компаниите на домашните комерцијални банки им должат 8,54 милиони евра. За споредба само пред еден месец овој долг достигнуваше 8,4 милијарди евра, додека на почетокот од годинава, или во јануари вкупната вредност на кредитите достигнуваше 8 милијарди евра.
-Во јули 2025 година, вкупните кредити забележаа месечен раст од 0,6 отсто, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај секторот „домаќинства“. Годишниот раст изнесува 13 проценти и се должи на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор– појаснуваат од Народна банка.
Вообичаено граѓаните должат повеќе од компаниите и нивниот долг во месец јули достигнал 264,798 милиони денари или 4,3 милијарди евра.
Компаниите должат нешто помалку или 258,361 милиони денари односно 4,2 милијарди евра.
Последните извештаи на Народната банка покажуваат дека кредитирањето на корпоративниот сектор последниот период расте со позабрзано темпо отколку претходно.
-Кредитите на корпоративниот сектор се зголемени на месечно и годишно ниво за 0,4 отсто и 15,9 проценти. Притоа, месечниот и годишен раст во целост произлегува од зголемените кредити во денари, а кредитите во странска валута се намалени – се појаснува во извештајот на Народната банка.
Раст секако е забележан и кај кредитирањето на населението, при што на месечно ниво растот изнесува 0,8 отсто, додека на годишно ниво растот достигнал 10,4 проценти. Притоа исто како и кај компании поголемо е задолжувањето во денари отколку во странски валути.
Податоците на Народната банка покажуваат дека граѓаните најмногу ги користат станбените и потрошувачките кредити. Кај станбените месечниот раст е 1 процент, додека годишниот достигнал 15,3 проценти.
Што се однесува пак до потрошувачките кредити, туку исто така месечниот раст е еден процент, додека годишно овие кредити се зголемиле за 9,8 отсто.
Автомобилските кредити кои не се меѓу најбараните кредити, овој месец бележат пресврт и имаат раст од 1,8 отсто на месечна основа, додека годишно имаат пад од 1 процент.
Кај кредитите на кредитни картички нема промена на месечно ниво, но на годишно има пад од 7,4 проценти.
Негативните салда на тековните сметки и кредитите по други основи се намалени за 1,8 отсто и 0,7 проценти во споредба со претходниот месец, а на годишна основа имаат пад од 4,9 проценти и 9,2 отсто.