Судиска анализа: Има лоши проценки во двете конкуренции

ФФМ ја објави судиската анализа за 14 коло во ПМФЛ и 11 коло во ВМФЛ.

Водвете конкуренции има грешки на судиите, ФФМ транспарентно ги објавува деталните анализи.

АНАЛИЗА:

На натпреварот  ФК Скопје - ФК Силекс одигран на 05.11.2022 година, анализирана е ситуацијата од 86. минута.

Главен судија: Александар Грујоски. Помошни судии: Куштрим Лика и Зоран Јанкулоски.

86. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (доделен ЦРВЕН картон)

Играч од екипата на гостите беше во посед на топката и во очигледна шанса за гол (сам пред голман на гостите) на 25 метри од голот. На него од зад грб стартуваше неспортски претпоследниот играч од екипата на домаќините, спречувајќи го играчот да постигне гол.

Исправна одлука на главниот судија, доделен ЦРВЕН картон за играчот на домаќините за спречување очигледна шанса за гол.

На натпреварот  ФК Шкендија - ФК Академија Пандев одигран на 06.11.2022 година, анализирани се ситуациите од 27, 43, 67 и 90+7 минута.

Главенсудија: Марјан Младеновски. Помошни судии: Слаѓан Марковски и Филип Ицковски.

27. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден удар од 11 метри)

Играч од екипата на домаќините беше во посед на топката странично во шеснаесетникот на екипата на гостите, играч од екипата на гостите сакаше да ја избие топката, но дојде до минимален контакт на ногата на играчот од нападот и истиот падна.

Исправна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, бидејќи контактот беше минимален и недоволен за удар од 11 метри.

43. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден удар од 11 метри)

ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недоделен ЦРВЕН картон)

Играч од екипата на гостите ја имаше топката во свој посед пред самата линија од шеснаесетникот на екипата на домаќините и беше во очигледна шанса за гол (сам пред голман), пред  да влезе во шеснаесетникот беше турнат (од зад грб) од играч од одбраната на домаќините, играчот потоа од туркањето падна во шеснаесетникот на домаќините и судијата исправно досуди слободен удар.

Исправна одлука на главниот судија што не досуди удар од 11 метри, бидејќи прекршокот беше надвор од шеснаесетникот на домаќините.

Погрешна одлука на главниот судија околу доделување дисциплинска мерка, беше доделен жолт картон, а во оваа ситуација требаше да се додели ЦРВЕН картон за спречување очигледна шанса за гол (туркање), бидејќи играчот излегуваше сам пред голманот.

67. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (недосудено офсајд позиција)

Центрирана топка во шеснаесетникот на екипата на гостите, во моментот на центаршутот играч од екипата на домаќините беше во линија со претпоследниот играч на екипата на гостите и постигна гол.

Погрешна одлука на вториот помошен судија што досуди офсајд позиција, бидејќи играчот од екипата на домаќините во момент на додавање на топката од соиграчот се наоѓаше во дозволена позиција, голот требаше да биде признаен.

90+7 минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (доделен ЦРВЕН картон)

Во прекин на игра, играч на екипата на домаќините со тупаница во лице удри играч од екипата на гостите, играчот од ударот падна и потоа беше удрен со нога (насилнички) во пределот на телото.

Добра одлука на главниот судија, доделен ЦРВЕН картон на играчот од екипата на домаќините за насилничко однесување (удар со тупаница во пределот на лицето и удирање со нога во пределот на телото).

На натпреварот  ФК Работнички - ФК Струга Трим Љум одигран на 06.11.2022 година, анализирана е ситуацијата од 72 минута.

Главен судија: Игор Стојчевски. Помошни судии: Драган Трпчевски и Душко Панов.

72. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (недосудено офсајд позиција)

Играч од екипата на гостите беше во напад и ја додаде топката до свој соиграч кој во моментот на додавање беше во линија со претпоследниот играч од одбраната на домаќините, ја прими топката и постигна гол.

Исправна одлука на вториот помошен судија, голот е регуларен бидејќи во момент на додавање на топката од свој соиграч, играчот од екипата на гостите беше во дозволена позиција.

На останатите натпревари од ПРВА МФЛ немаше спорни ситуации за судиска анализа.

Судиска анализа на 11 коло од ВТОРА МФЛ за сезона 22/23

Судиска комисија ги разгледа спорните моменти од 11. коло на ВТОРА МФЛ и ги донесе следните заклучоци:

На натпреварот ФК Слога Виница - ФК Вардар одигран на 05.11.2022 година анализирани се ситуациите од 18, 43 и 55 минута.

Главен судија: Крумислав Ѓорѓиев. Помошен судија: Петар Новачев и Роберт Црвенов.

18. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден удар од 11 метри)

Играч од екипата на домаќините беше во посед на топката во шеснаесетникот на екипата на гостите, сакајќи да ја  додаде топката до соиграч истата го удри играчот од одбраната на гостите во рака, која му беше спуштена долу и во природна положба.

Исправна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, бидејќи во моментот кога топката го удри играчот во рака таа му беше во природна положба. Судијата беше одлично поставен и близу ситуацијата.

43. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден удар од 11 метри)

Играч од екипата на гостите беше во посед на топката пред шеснаесетникот и странично од голот на домаќините, играчот беше влечен од одбранбениот играч на домаќините пред шеснаесетникот, за влечењето да продолжи внатре во шеснаесетникот, играчот го изгуби поседот на топката и падна. Главниот судија е добро поставен и има целосна прегледност на ситуацијата.

Исправна одлука на главниот судија, досуден удар од 11 метри, иако влечењето започна надвор од шеснаесетникот, бидејќи продолжи и внатре, исправно е досуден удар од 11 метри.

55. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (доделен втор жолт - ЦРВЕН)

Играч од екипата на гостите беше во посед на топка и во ветувачка акција, на него неспортски стартуваше играч од екипата на домаќините.

Исправна одлука на главниот судија, досуден слободен удар и доделен жолт картон за играчот на домаќините за спречување ветувачка акција и неспортски старт, бидекјки тоа му беше втор жолт на играчот, автоматски му беше доделен ЦРВЕН картон.

На натпреварот ФК Воска - ФК Кожуф одигран на 05.11.2022 година анализирани се ситуациите од 61. и 75. минута.

Главен судија: Дејан Младеновски. Помошен судија: Владимир Ѓошевски  и Владимир Арсовски.

61. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден удар од 11 метри)

По изведен удар од агол за екипата на гостите, гостинскиот играч пред да ја удри топката со глава, играчот на домаќините му се подмести со телото и го повлече за дресот спречувајки го да ја удри со глава .

Исправна одлука на главниот судија, досуден удар од 11 метри и доделен жолт картон.

75. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден удар од 11 метри)

Играч од екипата на домаќините беше во посед на топка странично во шеснаесетникот  на гостите, истиот сакаше да ја центрира топката, меѓутоа играч од одбраната на гостите ја спречи топката играјќи ја со рака која му беше во неприродна положба (широко одвоена од тело).

Погрешна одлука на главниот судија, требаше да се досуди удар од 11 метри, бидејќи раката на играчот на гостите беше во неприродна положба (широко одвоена од тело). Во оваа ситуација главниот судија не е поставен добро и затоа не го гледа играњето со рака на одбранбениот играч.

На натпреварот ФК Караорман - ФК Пелистер одигран на 05.11.2022 година анализирани се ситуациите од 3, 16, 40 и 54 минута.

Главен судија: Стојанче Стојанов. Помошен судија: Христијан Џонов и Зоран Саздовски.

3. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (недосудено офсајд позиција)

Играч од нападот на гостинската екипа додаде топка до свој соиграч кој во момент на додавање се наоѓаше позади претпоследниот играч од одбраната на домаќините, ја прими топката и постигна гол.

Погрешна одлука на вториот помошен судија што сигнализираше офсајд позиција , бидејќи играчот при додавање на топката од свој соиграч се наоѓаше во дозволена позиција, голот е регуларен и требаше да биде признат.

16. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕ СУДИЈА (недосудено офсајд позиција)

Играч од екипата на гостите додаде топка до соиграч, кој во моментот на додавање се наоѓаше во линија со претпоследниот играч од одбраната на домаќините, истиот ја поведе топката и ја додаде до друг соиграч кој постигна гол.

Исправна одлука на вториот помошен судија, голот е регуларен бидејќи играчот на гостите кога му беше додадена топката од соиграчот се наоѓаше во линија со претпоследниот играч од одбраната на домаќините.

40. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден слободен удар над голман)

Центрирана топка во шеснаесетникот на домаќините, играч на гостите и голманот тргнаа на топката и играчот направи прекршок спречувајки го голманот да реагира, цела ситуација се одвиваше пред самата гол линија, каде голманот треба да е заштитен. Од оваа ситуација играчот на гостите постигна гол.

Исправна одлука на главниот судија, голот е поништен и досуден е слободен удар над голманот за екипата на домаќините.

54. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досудено офсајд позиција)

Играч на екипата на гостите беше во посед на топката во шеснаесетникот на домаќините, ја шутна топката кон голот на гостите и постигна гол. Меѓутоа во моментот кога ја шутна топката кон голот, имаше негов соиграч кој се наоѓаше во офсајд позиција, пред голманот на домаќините и сметаше во неговото видно поле.

Исправна одлука на главниот судија, голот е поништен, досудено е офсајд позиција бидејќи при шутот на играчот на гостите кон голот, негов соиграч се наоѓаше пред претпоследниот играч од одбраната на домаќините и пред голманот, сметајќи на неговото видно поле.

На натпреварот  ФК Беласица - ФК Тетекс одигран на 05.11.2022 година, анализирана е ситуацијата од 49. минута.

Главен судија: Влатко Илиоски. Помошни судии: Марјан Смилковски и Борис Трајков.

49. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (доделен втор жолт - ЦРВЕН картон)

Играч од екипата на домаќините додаде полувисока топка до соиграч на својата половина, играчот се наведна да ја удри топката со глава и во тој момент играч од екипата на гостите сакајќи да ја удри топката, невнимателно со коленото го удри играчот кој беше наведнат.

Исправна одлука на главниот судијата, досуден слободен удар за невнимателниот старт и доделен жолт картон, бидејќи тоа беше втор жолт картон за играчот на гостите, автоматски му беше доделен ЦРВЕН картон.

На натпреварот ФК Пехчево - ФК Борец одигран на 05.11.2022 година, анализирана е ситуацијата од 47. минута.

Главенсудија: Јосип Бартон .Помошни судии: Дарко Јовчевски и Идриз Идризи.

47. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (доделен втор жолт - ЦРВЕН картон)

Играч на екипата на домаќините после свирнат прекин на играта, неспортски ја шутна топката.

Исправна одлука на главниот судија, доделен жолт картон за неспортски однос (шутирање топка после свирка), бидејќи тоа беше вторт жолт картон за играчот, автоматски му беше доделен ЦРВЕН картон.

На натпреварот  ФК Беса - ФК Охрид одигран на 05.11.2022 година, анализирана е ситуацијата од 29. минута.

Главен судија: Доне Ристовски. Помошни судии: Стојан Костадинов и Михаил Џорлев.

29 минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (досудено офсајд позиција)

Играч од екипата на домаќините додаде топка до соиграч, кој во моментот на додавањето се наоѓаше пред претпоследниот играч од одбраната на гостите и постигна гол.

Исправна одлука на вториот помошен судија, голот е поништен, досудено е офсајд позиција бидејќи играчот при додавање на топката од соиграчот се наоѓаше понапред од претпоследниот играч од одбраната на гостите.