Светлината во вашата спална соба може тивко да ви го оштетува срцето

Истражувачи од Бостон ја поврзаа изложеноста на ноќна светлина со поголема мозочна активност поврзана со стрес и со воспаление на артериите, што укажува на поголем ризик од срцеви заболувања.

Студијата сугерира дека вештачката светлина ноќе ги нарушува нормалните реакции на стрес, што доведува до хронично воспаление. Експертите повикуваат на намалување на непотребното осветлување во градовите и домовите за да се заштити кардиоваскуларното здравје.

Изложеноста на вештачка светлина ноќе се чини дека предизвикува стрес во мозокот и воспаление во артериите, што го зголемува ризикот од срцеви заболувања. Истражувачите велат дека дури и умереното зголемување на светлината може да има долгорочни кардиоваскуларни последици.

Анализата покажа дека посилната вештачка светлина ноќе е во корелација со зголемени сигнали за стрес во мозокот, воспаление на крвните садови и поголем ризик од срцеви заболувања.

Истражувачите ја опишаа вештачката светлина ноќе, честопати нарекувана ноќно светлосно загадување, како речиси универзална во модерните урбани средини. Оваа работа, прва од ваков вид, комбинираше снимање на мозокот и сателитски мерења за да го покаже биолошкиот пат што може да ја поврзе ноќната светлина со кардиоваскуларниот ризик.

„Знаеме дека факторите на животната средина, како што се загадувањето на воздухот и бучавата, можат да доведат до срцеви заболувања со тоа што влијаат на нашите нерви и крвни садови преку стрес. Светлосното загадување е многу честа појава; сепак, не знаеме многу за тоа како влијае на срцето“, велат истражувачите од Општата болница во Масачусетс и Медицинскиот факултет Харвард во Бостон.

Сите учесници во студијата биле подложени на комбинирано ПЕТ/КТ скенирање. Студијата опфати 450 возрасни лица без срцеви заболувања и активен рак. Компјутеризираната томографија дава детална анатомска слика, додека позитронската емисиона томографија ја открива метаболичката активност во ткивата. Користењето на обете техники на снимање заедно овозможува мерење на активноста на мозокот под стрес и артериското воспаление на една слика.

Клучен заклучок: Поголема изложеност на светлина - поголем ризик

Луѓето изложени на повисоки нивоа на вештачка светлина ноќе имале поголема активност на мозокот предизвикана од стрес, воспаление на крвните садови и поголем ризик од сериозни срцеви проблеми. Колку е поголема изложеноста на вештачка светлина ноќе, толку е поголем ризикот од развој на срцеви заболувања.

Дополнително, овие срцеви ризици биле повисоки кај учесниците кои живееле во области со дополнителен социјален или еколошки стрес, како што се висока бучава од сообраќајот или пониски приходи.

Во текот на 10-годишниот период на следење, 17% од учесниците имале сериозни срцеви проблеми.

„Откривме речиси линеарна врска помеѓу ноќната светлина и срцевите заболувања: колку е поголема изложеноста на светлина ноќе, толку е поголем ризикот. Дури и умереното зголемување на ноќната светлина беше поврзано со поголем стрес во мозокот и артериите. Кога мозокот перцепира стрес, тој активира сигнали што можат да предизвикаат имунолошки одговор и воспаление на крвните садови. Со текот на времето, овој процес може да придонесе за стврднување на артериите и да го зголеми ризикот од срцев удар или мозочен удар“, велат истражувачите.

Сепак, за да се спротивстават на ефектите од вештачката светлина ноќе, се сугерира дека градовите треба да го намалат непотребното надворешно осветлување, да ги блокираат уличните светла или да користат светла што сензори за движење. На лично ниво, луѓето можат да ја ограничат светлината во текот на ноќта во затворен простор, држејќи ги спалните соби темни и избегнувајќи екрани како што се телевизори и лични електронски уреди пред спиење.

Овие нови наоди ги поддржуваат доказите дека намалувањето на изложеноста на прекумерна вештачка светлина ноќе е проблем за јавното здравје, велат истражувачите.

Циркадијално здравје

Минатата недела, Американското здружение за срце објави документ со став за улогата на циркадијалното здравје во кардиометаболичното здравје и ризикот од болести. Загадувањето со светлина се покажа како главен нарушувач на биолошките часовници и може да го потисне мелатонинот, да го одложи почетокот на спиењето, па дури и при ниски нивоа е поврзано со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања.

„Знаеме дека прекумерната изложеност на вештачка светлина ноќе може да го оштети здравјето, особено со зголемување на ризикот од срцеви заболувања. Сепак, не знаевме како се јавува оваа штета. Оваа студија истражуваше една од можните причини, а тоа е како нашиот мозок реагира на стрес. Се чини дека оваа реакција игра голема улога во поврзувањето на вештачката светлина ноќе со срцевите заболувања“, велат експертите.

Студијата има неколку силни страни, вклучувајќи ја употребата на најсовремена ПЕТ/КТ томографија за мерење на стресот во мозокот и артериското воспаление, во комбинација со податоци од сателитска светлина и долгорочно следење на срцеви проблеми.

Сепак, студијата има и неколку ограничувања. Треба да се нагласи дека ова е опсервациска студија, анализа на претходно собрани информации; затоа, не може да докаже директна причинско-последична врска помеѓу кои било набљудувани варијабли. Второ, учесниците во студијата се само од еден болнички систем, што значи дека тие можеби не претставуваат разновидна група луѓе и резултатите можеби не се генерализираат за пошироката популација.

„Ова истражување покажува дека загадувањето со светлина е повеќе од само непријатност; тоа може да го зголеми и ризикот од срцеви заболувања. Се надеваме дека лекарите и политичарите ќе ја земат предвид изложеноста на светлина во текот на ноќта при развивање стратегии за превенција. Сакаме да ја прошириме оваа работа на поголеми и поразновидни популации, да тестираме интервенции што ја намалуваат ноќната светлина и да истражиме како намалената изложеност на светлина би можела да го подобри здравјето на срцето“, велат истражувачите.


FOTO: Pixabay/caroyen