Тенорот Благој Нацоски директно од Италија: Строгите мерки дадоа резултат, по 3 недели
Тој е еден од најпознатите македонски оперски пејачи во светот. Исклучителен тенoр кој е културен амбасадор на земјата. Благој Нацоски подолго време живее во Џенова, Италија. Таму создава уметност на сцена, ценет е и признат, а со неговиот глас иницира посебно доживување. Монетално е токму во земјата каде жариштето на коронависурот има најголем интензитет, општа паника, вонредна состојба и многу строги мерки...но и многу починати од чумата која му се закани на светот. Нацоски е оптимист. Има ведар дух, ги следи препораките на институциите, во самоизолација е, секојдневно гледа и слуша вести за сето она што се случува и убеден е дека човештвото ќе го победи ова зло.
ММ. Дали Ве фаќа паника или веќе тоа се надмина? Како се справувате со препораките но и со секаквите написи за коронавирусот? Какви стриктни препораки даде Италијанската влада? Што значи карантин- посебно во Италија…што значи вонредна состојба на Италијанско тло?
- Мене лично во ниту еден момент не ме фати паника околку вирусот, често помислувам дека и ако ме фати, тоа е тоа, ќе помине. Ги следам само пораките на епидемиолозите, а не „бабини деветини“ како што се вели народски кај нас. Јас и во нормални околности сум доста претпазлив да не настинам или да не фатам грип, па сега би рекол дека моето вообичаено превентивно делување е само малку засилено од порано. Што се однесува до сите оние написи со теории на заговор, тие ниту ги читам, а ако случајно налетам, ги игнорирам тотално. Инаку не се само препораки, туку се работи за обврски, односно мерки кои ако не се почитуваат, не се работи само за обичен прекршок, туку за кривично дело. Дозволено ни е да излеземе од дома само поради работни обврски (иако повеќето работат од дома), заради набавка на основни продукти, поради здравствени причини или пак да се извршат физиолошките потреби на своето милениче. Излегувањето од овие причини може да се направи само во непосредната околина на сопственото живеалиште, не може ниту во друга населба да се оди. Доколку се биде застанет од полиција, потребно е да се пополни изјава за што точно сте излезени и доколку се изјави лага, и тоа е кривично дело. Вонредна состојба во Италија значи дека Премиерот има право да делува со декрети без одобрување од страна на парламентот, како и во Македонија, би рекол.
ММ. Каква е моменталната ситуација? Како се одвива животот? Што е најбитно да се истакне?
Во овие денови се очекува вирусот да ја достигне својата кулминација во Италија и да почне да опаѓа бројката. Според проценките опаѓањето ќе трае едно 40-тина дена. Се надевам дека ќе биде така, а веќе гледам дека почнува да опаѓа инензитетот. Животот се одвива во домашни услови. Најбитно да се истакне е што првото местенце во Италија кое имаше заразени и е во карантин од 21 февруари конечно нема нови заразени. Што значи дека строгите мерки дадоа резултат, би рекол по околу 3 недели. Но таму беше ангажирана војската и полицијата и буквално никој не смееше да мрдне од дома.
ММ. Вие ги живеете деновите во жариштето… Што правите во изолација?
Засега сум се‘ уште позитивно расположени не се жалам. Се трудам да бидам што е можно покреативен дома. Во постојан контакт сум со целиот свет. Пеам, вежбам, јадам, се‘ „најнормално“ но само во домашни услови. Ја имам таа „среќа“ да излезам три пати во денот поради потребите на моето куче но кога тоа го правам се прашувам дали е безбедно. За среќа живеам на море и пред мене има огромен широк простор па немам близок допир со други луѓе.
4. Како Ви поминува едно деноноќие? Што Ве плаши?
Оптимист сум и не сум нешто особено исплашен. Повеќе ме плаши доколку некој од моето семејство случајно се зарази. Затоа се слушам со моите родители по три пати на денот за да „исконтролирам“ дали седат дома.
Инаку страшна е глетката во градот Бергамо, еден од најпогодените во Италија, каде при недостиг на погребни возила употребени се десетици воени возила за да ги префрлат умрените од болниците. Ете таа слика е навистина нешто апокалиптично.
ММ. Колку е тамошниот систем спремен и организиран?
Мислам дека ниеден систем не е доволно подготвен за вакво нешто. Ова е најголемиот предизвик за планетата по Втората светска војна. Затоа и најсилните држави го потценија проблемот од самиот почеток. Италија има одличен здравствен систем, пред се‘ одлични лекари, но проблем се бројките, во некои делови на Италија нема место по болниците за да се примат нови заболени.
ММ. Што е она што Ви дава надеж дека ќе победиме?
Па нормално дека ќе победиме, секогаш во историјата човештвото ги победувало овие епидемии, но и многу пострашни, а медицината е толку напредна што овој пат тоа ќе се случи побрзо од порано.
ММ. Искуство кое би го споделиле за и ние овде подобро да се справиме со чумата?
СЕДЕТЕ СИ ДОМА! Тоа е главната поента во целиов случај. Колку повеќе се придржуваме кон ова, толку побрзо ќе се справиме со овој нов вирус. Македонските власти засега добро се справуваат со ситуацијата, но секој поединец треба да допринесе и лично. Живееме во демократски земји, навикнати сме на слобода и се разбира, необично е некој да не натера да седиме дома, а истовремено властите во нивните решенија бараат рамнотежа помеѓу демократијата и строгоста на мерките.
ММ. Ви недостасува ли семејството?
Се разбира. Ова се моменти кога човек чувствува потреба повеќе од вообичаеното да се биде со своите најблиски.
Мојот апел до сите се состои од два хаштага:
#СЕДИСИДОМА #ЌЕБИДЕСÈВОРЕДНебојша Толески