Вештачката интелигенција ќе троши струја како „луда“ - Каква е македонската перспектива

Вештачката интелигенција ќе стане се поголем потрошувач на електрична енергија и според сегашните проценки околу 1.5 отсто од целата потрошувачка на струја оди за потребите на центрите за податоци, но оваа бројка може драстично да се зголеми во следните пет години и да се дуплира до 2030 година.

Најголеми потрошувачи на електрична енергија за развој и примена на ВИ се глобалните лидери Кина и САД, за што користат различни ресурси, од обновливи извори на енергија се до класичните фосилни горива како јаглен. Токму зголемената употреба на јаглен за напојување на масовните центри за податоци, каде се тренира ВИ и се складираат серверите, има огромно влијание врз животната средина со штетното загадување од зголемената количина на ЦО2. 

Во Европа главната директива на Брисел е од 2030 година да се постигне климатска неутралност на европската вештачка интелигенција. Тоа значи дека ќе се мери инпутот и аутпутот од ресурсите на вештачката интелигенција, за да се постигне „нето нула загадување“. 

Од една страна ВИ прераснува во се поголем консумент на електрична енергија, но истовремено може да влијае реформски на енергетиката, особено со неизбежните загуби во електропреносните системи, промените во нивото на потрошувачка, проблемите со балансирање на системот и влезот на количините од обновливите извори и други предизвици.

Со анализа на големи сетови на податоци ВИ може да внесе поголема ефикасност на енергетските системи, па на тој начин да го балансира негативниот ефект од сопствената потрошувачка и последователното загадување.

Какви се македонските перспективи?

Македонија во последните неколку години прераснува во регионален лидер за изградба на капацитети на обновливи извори на енергија. Големите соларни и ветерни електрани може да биде искористени и за напојување на центри за податоци кои ќе бидат во функција на вештачката интелигенција.

Владата веќе имаше повеќе средби со потенцијални инвеститори за изградба на ваков вид на технолошки постројки, а особен интерес покажа Крис Павловски, основачот на Рамбл кој има македонско потекло.

Засега нема конкретни најави за изградба на нови центри за податоци, но Македонија може да биде таква дестинација на европско тло. 

Неодамна и Европската Комисија ја одбра Македонија како една од земјите во кои ќе бидат поставени европските фабрички антени за ВИ од кои ќе се црпи компјутерската моќ на оваа технологија и која ќе може да ја користат државните институции, приватниот сектор и академијата.

Сепак, треба да се земат во предвид и можните негативни ефекти од ова нова „златна треска“. Изградбата на дата центи и електрични централи од обновливи извори на енергија зафаќа огромна површина што може директно да го намали земјоделскиот потенцијал, а со тоа и количината на произведена храна. 

Соларните и ветерните централи исто така имаат краток рок на траење споредено со традиционалните електрани, а засега се уште нема ефикасни методи на рециклирање на отпадот кој го создаваат како панели, перки, контролни табли и слично, што значи целиот тој отпад потоа завршува на отворените депонии.

Европската Унија планира тројно да го зголеми капацитетот на центрите за податоци во следните години, а главните параметри за заштита на животната средина ќе биде обврската да се пријавува количината на потрошена струја и вода за ладење и одржување на постројките. 

Главен предизвик за зголемувањето на електричната потрошувачка ќе бидат т.н тесни грла во енергетските системи што ќе бара и дополнителни инвестиции во зголемување на капацитетите на електричната мрежа.

Владата треба добро да размисли за одржливоста и општиот интерес кога ќе ги носи овие одлуки кои несомнено ќе и бидат од корист и на Европската Унија која заостанува во трката за вештачката интелигенција зад Кина и Европа.

Х.С.
Извор: ФАКТОР