Во Македонија ни фали храброст во изборот на облека: Интервју со модниот инфлуенсер Денис Аљуш

Моден инфлуенсер, стилист, блогер, иден гинеколог... Ексцентричен и различен во облекувањето. Живее во Малта и не се срами да биде необичен, но со светски модни манири.

Важи за еден од најпознатите модни инфуенсери во Малта, а е македонец. Денис Аљуш веќе пет години живее на островската земја и работи во Валета на Универзитетската клиника како истражувач во областа на науката и медицината. При крај е со Мастер студиите по гинекологија и акушерство на малтешкиот државен универзитет. 

Тој е сензација каде и да се појави. Се облекува нетипично, ексцентрично, смело, крши табуа... е неговиот пат кон презентирање на сето она што го поседува како моден капацитет. Токму поради неговиот шокирачки стил е редовен гостин е на четирите најголеми светски модни недели, а оди и на големи настани ширум светот. Популарен е и на социјалните мрежи, а во Малта многу често е ангажиран на тв. проекти. 

И оваа година, како и лани се најде на престижната листа на инфлуенсери од Балканот и пошироко. 

* Како се случи да влезете во модниот свет? Како започна таа модна преобразба?

Во модниот свет сум навлезен многу одамна, повеќе од 11 години. Започнав во Македонија, но таму навистина многу малку луѓе ме разбраа. Во Малта заминав да студирам и да живеам, па се поврзав со личности кои ми помогнаа да ја посетам нивната модна недела која ми го промени животот во целост. Од тој момент почнав да работам на многу блогови, проекти, модни недели и настани низ целиот свет. Ми беше дадена шанса да покажам се што знам и умеам. 

* На кои и какви модни проекти сте работеле? На кои модни недели и големи модни настани сте биле?

- Имам работено на многу проекти и како стилист и како манекен и како блогер инфлуенсер. Бев на Њујоршката, Миланската, Римската и неделата на мода во Дубаи, стилизирам фотосесии и спотови на познати малтешки музички ѕвезди. Работев на проекти во Малта како „Мис на светот“, „Мис универзум“, а моментално сум стилски директор на шоуто „Малта има талент“...

* Вашиот стил на облекување е необичен. Како го дефинирате? Сакате и да шокирате… од каде тој порив и што сакате да постигнете со тоа?

- Мојот начин на облекување е многу специфичен и ексцентричен. Сакам да привлечам внимание заради тоа што животот ме научил дека мора да направиш нешто што ќе биде различно и впечатливо, во спротивно никој нема да те забележи и твојата појава ќе биде брзо заборавена. Од секогаш сум сакал да бидам различен и да се разликувам од другите. Токму ова ми помогна многу во модната индустрија.

* Според Вас, каков избор на облека секогаш проаѓа, а каква облека може да привлече внимание? Колку ова последново може вистински да Ви донесе бенефит и каков?

- Обично секогаш проаѓаат дизајнерски парчиња, ако зборуваме за висока мода кои се наменски направени. Тие привлекуваат големо внимание, ама се екстремно скапи. Но тоа носи голем бенефит! Луѓето почнуваат да се интересираат за тебе, да те следат на социјалните мрежи, а тоа значи и евентуален ангажман. Таква облека често носам, имам педесет илјади следачи на социјалните мрежи, а мојот моден сајт има повеќе од половин милион прегледи. Секако, од сето тоа може и да се заработи ако знаете како и со што!

* Се трансформирате од урбано момче до драматичен маж. Од каде ја црпите инспирацијата во изборот на облека?

- Патувањата низ различни држави се мојата инспирација. Сакам да патувам, да запознавам различни култури. А начинот на нивното облекување го користам како инспирација во моето облекување.

 * Што Малтежаните пишуваат за Вашиот стил? Како тие ја сублимираат Вашата појава?

- Во последно време многу се пишува за мојот стил тука. Скоро секогаш ме дефинираат како ексцентричен инфлуенсер и модел различен од се што постои во модната индустрија. Има многу кои ме поддржуваат, но секако има и такви кои многу ме критикуваат. Се навикнав на тоа. 

* На кој светски дизајнер би му симнале капа и зошто? Дали сте комуницирале со некои познати дизајнери лично?

- Во комуникација сум со многу познати дизајнери. Имав шанса да ги запознам вонсериските Ели Сааб и Зухаир Мурад, како и двоецот Долче и Габана. Лично најомилен ми е Мурад бидејќи е најблиску со стилот кој го негувам. Тој сака да привлече внимание со неговите креации кои се блескави и препознатливи. Исто и јас!

* Како ја одржувате фигурата и како балансирате помеѓу работата и модата?

- Работам многу на телото и имам секојдневни тренинзи. Имам и личен тренер, пливам пет пати неделно. Комплетно сум на здрава исхрана која помага кога сум премногу зафатен и не сум на тренинг. 

* Што мислите за модата на малтежаните и онаа овде во Македонија?

- И во двете земји користат сигурен избор на облека. Не експериментираат, нема изразена храброст за презентирање нешто ново. Е токму ова допринесе да бидам она што сум сега. 

* На листата на најдобро облечени мажи на балканско ниво, при што се доделуваат и награди сте и Вие! По што сметате дека би Ве одбрале како највлијателен инфуенсер?

- Веќе втора година сум со неколку номинации и тоа за мене е голема чест. Ме одбираат заради мојата несекојдневна стилска специфичност и проектите на кои сум работел. Да го ценат она што го работиш е вистинско задоволство. 

* Што правите приватно, во што уживате и кои и какви се Вашите идни планови?

- Многу малку имам време за приватност, а кога тоа го има навистина сакам да го поминам дома облечен во пижами со моите најблиски пријатели и да патувам на места во кои никој не ме познава. Сето ова е реткост бидејќи работам и по 20 часа. Моментално сум во Њујорк работно.

* Што претставува модата за Вас?

- Таа е најартистична работа со која некој може да се занимава. Толку е инспиративна, влијае, менува, се менува, не застанува, испраќа пораки... Уметност создадена од и за големи умови.

* Дали би се соблекле гол за некоја реклама или списание и од што би зависело тоа?

- До сега сум имал многу понуди. Не сметам дека имам потреба од тоа и дека сакам да го направам тоа. Сакам интимата да си ја задржам за себе. Оставам тоа да го прават манекени кои се чуствуваат удобно правејќи го тоа. Навистина нема нешто кое може да биде поважно од споделување интимност со голема маса на луѓе. 

Небојша Толески