За концертот на Петар Грашо во Хераклеа продале три пати повеќе карти од дозволените
На концертот на Петар Грашо, којшто се одржа на Хераклеа, Битола присуствувале 2.000 луѓе во публика, а според протоколите за заштита од Ковид-19 организаторите требало да продадат само 600 билети. Во изјава за ТВ 24, продукција Прагма истакнаа дека имало и записник од Државниот пазарен инспекторат во кој било запишано дека се било според правилата.
И министерот за здравство, Венко Филипче по реакциите на граѓаните за големиот број на присутна публика на концертот на Грашо се огласи на социјалните мрежи:
„Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50 проценти публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 метри задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител. Организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува, напиша Филипче
Побара надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните за настанот.