Заев без напредок, Мицковски нервозен, Таравари збунет: Што се случува со нивната вербална и невербална комуникација?
Во македонската политика, многу малку политичар(к)и издвојуваат време, кое го посветуваат на јавниот настап и на комуникацијата со јавноста, па дури и кај тие кои имаат тим зад себе, кој треба да се грижи за овие работи. Според Елена Антоновска професионален коуч на ИЦФ и тренер општите совети се дека тимот постои за да се сослушува и слуша.
-Советите кои им се даваат се за нивно добро, дури и тогаш кога задираат во тоа што некој би го сметал за приватно и несоодветно за менување или коментирање. Тие кои немаат тимови, секако може да одлучат да се обратат кај луѓе кои работат на ова поле и кои може професионално да им помогнат да се унапредат, затоа што јавниот настап, како и секој аспект од личниот развој се подобрува само со постојано посветување внимание и вежбање - вели Антоновска.
Елена Антоновска е професионален сертифициран коуч акредитиран од Интернационалната коучинг федерација (ICF – PCC), тренер и сопственик на Ars Lucida – Coaching & Training Таа е Фасилитатор на програмата The Art & Science of Coaching на Erickson Coaching International и Eксперт Тренер на Cirrus Connect LTD. Член на ICF - Интернационалната коучинг федерација и IAF – Интернационалната Асоцијација на Фасилитатори. Листата на вештини и методи кои влегуваат во нејзиниот домен на работа е долга. Нејзиното професионално искуство е стекнато во разни бизнис опкружувања, од државни институции, осигурување, односи со јавност и независна работа на полето на личниот и професионалниот развој, комуникација и коучинг, претприемништво.
Антоновска одбра три политичари, за анализа на нивната вербална и невербална комуникација – Премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ- Христијан Мицковски, градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари
Нема напредок во вербалниот однос
Зоран Заев - доколку посветиме внимание на вербалната комуникација, не може, а да не се истакне општо воочениот факт дека премиерот не внимава на употребата на македонскиот литературен јазик. Се мислеше дека тоа ќе биде прифатено со текот на времето, но, поради негирањето на нашиот јазик од Бугарија, ова е исклучително голем проблем за него денес. Неговиот вербален однос на јавните настапи нема особен развој од почетоците до денес, што можеби може да се каже дека е спротивно за неговиот личен имиџ, во кој има подобрување. Сепак, најголемиот предизвик останува во неговата невербална комуникација, каде што потребата да биде поблизок до народот и постојаното истакнување на тоа, доведе до одредени гестикулации, кои веќе не влеваат сигурност како порано. Пример за тоа е неговиот гест со ставањето на раката на срцето при искажување дефанзивни ставови кои би требало да се спротивстават на одредени напади за кои јавноста е вознемирена, без разлика дали се однесуваат директно кон него, или за некој од неговиот тим. Исто така, пренагласеното ококорување на очите може да доведе до мислење кај набљудувачите дека неговите зборови не се искрени.
Мицковски има позастапена доза на нервоза
Христијан Мицкоски - имајќи го предвид фактот дека станува збор за политичар кој е лидер на најголемата опозициска партија, а досега не бил на власт, можеби може да се оправда фактот што во неговата вербална комуникација на јавните настани и во телевизиските настапи има позастапена доза на нервоза. Проблемот е што по неколку години на политичката сцена, оваа нервоза кај набљудувачите станува карактеристика за него, што може да ги одбие тие кои би сакале да му станат симпатизери. Можеби треба да се обрне внимание на очниот контакт, кој е исклучително важен во разговорите со новинарите, а често му изостанува. Сепак, вербалната комуникација му е генерално смирена како и невербалната, иако кај втората во моменти на непријатни новинарски прашања искажува нервозни гестикулации, кои оддаваат впечаток на немање стабилност. Имиџот му е стандарден за во политика, па можеби и затоа неинтересен за набљудување, зашто ништо не отскокнува, што и не мора да значи дека е погрешно.
Таравари е “свој на своето“
Арбен Таравари - неговата вербална комуникација бележи многу позитивно унапредување од периодот кога беше министер за здравство до денес, кога е градоначалник на Гостивар. При првата функција, неговите настапи имаа нестабилност во говорот, трема и несигурност во обраќањата, што се пресликуваше дури и во невербалната комуникација. Откако е градоначалник, се чувствува како да е „свој на своето“ и оддава поголема сигурност, што веројатно се должи и на сè поголемото навлегување во познавањата на односите во политиката, кои не му се примарен избор за професија. Сегашната вербална комуникација му е доста постабилна и е послободен во телевизиските настапи. Имиџот му е стандарден за во политика, што е случај кај мноштвото мажи во оваа професија кај нас. Неговата невербална комуникација, пак, бележи помал напредок отколку вербалната. Сè уште може да се забележи фацијалната експресија која прикажува збунетост на моменти, а и ја нема целосната контрола врз гестикулацијата, особено кај рацете.