Загрижувачки вести: Мастилото за тетоважи е канцерогено

Едно истражување за мастилото за тетоважи дојде до многу загрижувачки заклучок - речиси половина од хемикалиите во него можат да предизвикаат рак или канцерогени мутации...

Наодите од студијата беа презентирани на состанокот на Американското хемиско друштво во Чикаго, по истражувањето на научниците предводени од Џон Свирк, асистент професор по неорганска хемија на Универзитетот Бингамтон во државата Њујорк.

Истражувањето опфатило примероци од 56 популарни мастила за тетовирање, а како што велат експертите, многу малку се знае за составот на овие супстанции. Според извештаите, два елементи го сочинуваат мастилото за тетоважи - пигментот, кој може да биде молекуларно или цврсто соединение, заедно со течности кои обично се на база на алкохол.

Од 56 тестирани примероци, неколку содржеле супстанции кои не биле наведени на декларацијата. Еден примерок содржел етанол, кој може да ја разреди крвта, додека 23 пигменти, обично сини и зелени, содржат азо соединенија.

Тие соединенија сами по себе се безбедни, но можат да ја променат структурата доколку бидат изложени на бактерии во кожата, додека поради прекумерната доза на ултравиолетова светлина што ја емитува Сонцето стануваат канцерогени.

Д-р Џон Свирк, хемичарот кој ја водеше студијата, рече: „Не знаеме како овие пигменти ќе се распаднат и тоа е загрижувачкиот дел од приказната. Многу е можно да има пигменти кои се суштински безбедни, но нивната фотодеградација може да предизвика загриженост“.

На почетокот на оваа година, властите на Европската унија ја забранија употребата на два пигменти, сини 15:3 и зелени 7, поради стравувањата дека се токсични, додека се уште се користат во други делови на светот.

Друг дел од студијата вклучи научници кои ги мереле димензиите на честичките во 16 мастила за тетоважи. Од нив, половина од примероците, вклучувајќи ги и црните пигменти, содржеле честички под 100 нанометри.

Димензиите на овие примероци ги загрижуваат научниците бидејќи можат да се провлечат низ клеточната мембрана и да предизвикаат оштетување, односно канцерогени мутации. Како што објаснува Свирк, „Кога ќе дојдете до тие димензии, почнувате да се грижите дали наночестичките ќе влезат во клетката, ќе дојдат до нејзиното јадро, ќе направат штета и ќе предизвикаат проблеми како рак. Големите компании произведуваат пигменти за сè, како што се бои и текстил. Истите пигменти се користат за мастила за тетоважи“.

По овие нови откритија, научниците сега сакаат да ја создадат првата сеопфатна база на податоци за состојки во различни мастила за тетоважи, која ќе биде прикажана на веб-страницата What's In My Ink, која со текот на времето ќе се ажурира со нови податоци.