Заштита на срцето и други органи со Q-10
Недостатокот на коензим Q10 првенствено се манифестира во послаба функција на срцевиот мускул, што на крајот предизвикува срцето да откажува. Така, коензимот Q10 многу години успешно се користи во превенција од појава и ублажување на симптомите кај бројни кардиоваскуларни заболувања: срцева слабост, ангина пекторис, срцев удар, атеросклероза и висок крвен притисок. За овие состојби се препорачуваат дози од 90-100 mg коензим Q10 дневно.
Биохемиската основа за употреба на коензимот Q10 во третманот на срцеви заболувања е воспоставена пред дваесет години со бројни претклинички тестови, а овие претпоставки се целосно потврдени денес. Голема студија објавена во 1993 година, спроведена на дури 641 субјект, покажа дека додавањето на коензим Q10 на вообичаените лекови кај луѓето кои страдаат од хронична срцева слабост значително ја намалува зачестеноста на компликациите на болеста (пулмонален едем, срцева астма), како и потреба од хоспитализација.
Исто така, бројни студии покажаа дека премедикацијата со коензим Q10 им помага на пациентите кои имале операција на отворено срце: нивната стапка на преживување е поголема и нивното време за опоравување е пократко. Коензимот Q10 постигнува таков ефект со заштита на срцето во периоди на исхемија, односно недостаток на кислород.
И нашата кожа секојдневно е изложена на оксидативни влијанија, што придонесува за нејзино забрзано стареење, а коензимот Q10, како антиоксиданс и енергетски посредник, ги успорува и стопира процесите на стареење на кожата и значително ја намалува појавата на брчки. Во такви случаи, за да се постигне оптимален ефект и да се подобри виталноста на кожата, неопходно е не само да се нанесуваат препарати на коензим Q10 во форма на креми, туку и неговото орално внесување е исклучително важно.
Коензимот Q10 е неопходен и за одржување на виталноста на сврзното ткиво, особено на забното сврзно ткиво, па затоа е неизбежна неговата употреба во превенција и третман на многу чести пародонтални проблеми (што беше и прва успешна примена на ова соединение).
Утврдено е и дека хроничниот недостаток на коензим Q10 доведува до постојан замор и исцрпеност, недоволна концентрација и метаболички нарушувања. Доколку не се преземе ништо за овие состојби, тоа може да доведе до нарушување на метаболизмот на јаглени хидрати (дијабетес кај постарите лица), нарушувања на метаболизмот на мастите (оштетување на циркулаторниот систем) и забрзано и предвремено стареење на клетките, поединечните витални органи, а со тоа и на целиот систем на телото. Во такви услови се препорачува дневен додаток од најмалку 30 mg коензим Q10.
Можностите за користење на коензимот Q10 се уште не се исцрпени, а времето на негова многу поширока употреба е пред нас. Се дискутира за неговиот ефект кај дегенеративни мускулни заболувања, хепатоцелуларен карцином и дијабетес. Можеби не е претенциозно да се гледа ова соединение како еден вид гаранција за долговечност, бидејќи истражувањата покажаа дека неговата употреба значително го продолжува животниот век на експерименталните животни.
М-р фарм. Лидија Пешталеска
фото: freepik.com