Ако имате видеа и слики од кобната ноќ и пожарот во „Пулс“ испратете ги до „Супорт Кочани“: Ќе се снима документарец

Ќе се снима документарен филм за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, информираат од интернет кампањата „Супорт Кочани“ за поддршка за настраданите и нивните семејства во пожарот.

Тие објавија информација во која ги повикуваат сите оние кои имаат фотографии или видеа од кобната ноќ во дискотеката да ги достават до „Супорт Кочани“.

„Ве повикуваме! Секој што има слики или видеа од „Пулс“ од кобната вечер да ни испрати на „Супорт Кочани“ во инбокс. Се работи на документарец и потребен е материјал за истиот. Сликите и видеата потребни му се на режисерот за да може да си ја претстави целата ситуација“, информираат од иницијативата.

„Супорт Кочани“ во изминатиот месец прерасна во глас на повредените и нивните семејства, кои повикуваат на донации кои ќе бидат потребни за да се покријат неопходните потребни на повредените во процесот на нивното лекување.

Минатата недела се одржа и аукција на уметнички дела, донирани од македонски уметници, а собраните средства ќе бидат наменети за оние настрадаа во страшната трагедија, во која почина 62 лица, а над 200 лица се лекуваа, дел од нив на клиниките во државата, а дел беа испратени во болниците во странство.

„Тимот на „Супорт Кочани“ периодот е сконцентриран околу собирање на потребни апарати и лекови/креми за нашите сограѓани да добијат професионално лекување. Нашата цел останува да ги вратиме сите преживеани и да им помогнеме во лекувањето до крај. Ќе прави притисок на секоја институција доколку не си ја врши професионално работата“, информираат од „Супорт Кочани“.

Како што најавија денес ќе биде донесен и првиот апарат кој ќе им биде од помош за повредени со цел нивно брзо закрепнување. Повеќе детали најавија за денес.

„Супорт Кочани“ најави дека откако сите повредени ќе се вратат од нивното лекување, нивната мисија и цел ќе се прошири.