„Арс Ламина“ освои седум награди од Македонската асоцијација на издавачи на Саемот на книгата 2025

Издавачката куќа „Арс Ламина“ доби седум признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на традиционалното доделување награди во рамките на Саемот на книгата. На доделувањето на наградите, што се одржа денеска во Арената „Борис Трајковски“, „Арс Ламина“ ја доби првата и втората награда во категоријата за најкреативно издание. Првото место го освои за книгата „Се викам Храброст“, а второ место за „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, со илустрации на Јордан Гавриловски.
За наградените проекти на „Арс Ламина“:
„Се викам Храброст“ е книга посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и од нашата сегашност. Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, ова дело зборува за жени кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои ќе го посветат животот или, пак, ќе го дадат својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа. Ова уникатно издание се издвојува и со впечатливиот графички дизајн и умешно осмислен визуелен идентитет. Во основата на дизајнот е поп-арт стилот, со динамичен колорит – како контраст за црно-белите фотографии и архивски документи. Оваа книга е своевиден споменар со колажи, доцртувани елементи и исписи. Ова издание поттикна развивање на дизајнерска линија на подароци (чаши, торби, обетки, беџови, налепници и др.), на кои се застапени ликовите од книгата, со цел популаризација и актуализација на овие значајни жени и на нивните дела. Во рамките на промоцијата на книгата се одржа и изложба со дизајнерските решенија од книгата.
„Нови бајки од Македонија“, која е во издание на „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, е збирка од 24 современи, авторски бајки, кои го збогатуваат омилениот жанр на децата. Некои од нив се случуваат и во наше време, на наши предели и со препознатливи ликови од нашето опкружување, со што уште повеќе им се приближуваат на малите големи читатели. „Нови бајки од Македонија“ го вдомуваат светот на бајките со коишто сме пораснати во македонскиот јазик. Тие истовремено и го развиваат авторскиот глас произлезен од најубавата традиција на раскажувањето. Во книгата се застапени бајки од 23 автори, кои беа селектирани за најдобри или влегоа во потесниот избор на конкурсот „Нови бајки од Македонија“ од 2020 година и кои беа објавени изминатите години како посебни сликовници или беа дел од книгата „Детелинки-белинки“. Новото издание е збогатено со нови, раскошни илустрации, кои ги нацрта Орце Нинески.
Со цел да им го олеснат периодот на лекување на најмладите во Детската клиника – Скопје и да им влеат надеж и радост, издавачката куќа „Арс Ламина“ и авторот Зоран Спасов Ѕоф ù донираа библиотека. Ова книжевно катче наречено „Соба на бајките“ е сместено на вториот кат на Детската клиника. Визуелно е збогатено со илустрациите од книгата со најубавите бајки на сите времиња „Си беше еднаш“ (издание на „Арс Ламина“) која е со илустрации на Наталија Лукомска. Оваа книга, заедно со уште 100 други книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик се најдоа на полиците на библиотеката наменети за сите дечиња што престојуваат во клиниката. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на хит-книгата на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, која беше објавена претходната година.
ПР објава