Авиокомпанијата воведува бесплатни пијалоци и закуски на сите летови

Ер Канада станува првата голема авиокомпанија во Северна Америка што им нуди на патниците во економска класа бесплатно пиво, вино и грицки на сите летови, а новата понуда започнува оваа есен.

За разлика од американските конкуренти како што се „Американ ерлајнс“, „Делта“ и „Јунајтед“, кои служат алкохол само на летови на долги релации, канадскиот превозник ги распределува поволностите низ целата своја мрежа. Одлуката, според компанијата, произлегува од фактот дека храната и пијалоците имаат огромно влијание врз задоволството на патниците.

Понудата вклучува и домашни производи – енергетски плочки од брендот MadeGood, пијалоци за велнес Greenhouse, па дури и Heineken 0.0, што ќе ја направи Ер Канада единствената авиокомпанија во регионот што служи безалкохолно пиво на летот.

Сепак, овој потег доаѓа во време кога алкохолот во воздухот стана чувствително прашање. Според податоците на IATA, бројот на инциденти во кои се вклучени проблематични патници се зголемил од еден на 1.053 летови во 2017 година на еден на секои 480 летови во 2023 година, при што повеќе од една четвртина од случаите вклучуваат алкохол.

Поради ова, многу авиокомпании воведоа ограничувања - FAA во САД има политика на нулта толеранција и казни до 37.000 долари, додека Ryanair предложи ограничување на бројот на пијалоци во баровите на аеродромите.

Од друга страна, „Ер Канада“ верува дека бесплатната услуга ќе придонесе за подобро искуство и лојалност на патниците. Сепак, еднаквото послужување остава отворено прашање: дали чаша вино во авионот ќе донесе повеќе задоволство или нови проблеми?

Фото: Freepik.com
Извор: Bizlife.rs