Барање за итни економски мерки и помош за малопродажбата од Владата на РСМ заради спас на секторот

Повод:

Загрозени и доведени пред згаснување над 300 (триста) франшизни продавници во Р. Северна Македонија

Македонска Национална  Асоцијација за Франшиза (МАКФРАН) се обраќа до јавноста и надлежните авторитети со цел да информира и предупреди на одредени состојби поради кои последиците за малопродажниот сектор во државата може да бидат катастрофални.

Имено, мерките за управување со кризи за превенција и справување со појавата и ширењето на Коронавирусот COVID-19 на територијата на Република Северна Македонија и Одлуката да се затворат за посетители сите продавници во затворените трговски центри на територијата на Република Северна Македонија, донесена на 14-ти март 2020 година (за што, со оглед на околностите, се има целосно разбирање и должно почитување и примена), има директно влијание на ликвидноста на работењето на Компаниите коишто вршатдејност трговија на мало со текстилни производи, обувки односно, специјализирани брендирани продавници илиФРАНШИЗНИ ПРОДАВНИЦИ.

Секторот малопродажба во овој момент обединува Компании кои имаат околу 8.000 (осум илјади) активно вработени лица, чијашто егзистенција веќе е извесно дека ќе биде доведена во прашање доколку на засегнатите Компании не им се обезбеди помош преку соодветни итни економски мерки од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Посочуваме дека  од страна на Владата на РСМ и надлежните ресорни Министерства сеуште не се понудени сет мерки за помош и справување со кризната ситуација за наведениот сектор.

Во напреднаведениот контекст, сметаме дека е од исклучителна важност да се слушне мислењето и проблемите со кои се соочува малопродажниот сектор и нужно и најитно можно да се донесат сет економски мерки кои ќепомогнат за справување со кризата и претрпените загуби со кои споменатите Компании се соочуваатвеќе две недели, со веројатна извесност дека предметната ситуација ќе продолжи и во периодот кој следува.

„Потребно е сите заедно да ги разгледаме проблематиките со кои се соочува Секторот  малопродажбата на текстил, обувки и спортски брендирани трговски марки, кој е најголемиот носител на франшизи коишто функционираат долги години и помагаат во економскиот раст и развој на Република Северна Македонија“

Само во Скопје егзистираат повеќе од 300 специјализирани продавници на  текстилни и спортски модни марки, вклучувајќи ги и модните марки за обувки. Паричните текови реализирани преку малопродажбата ќе изостанат со што се намалуваат и приливите во државниот буџет по основ на даноци.

Македонската Национална Асоцијација за Франшиза е во постојан контакт со Компаниите кои управуваат со брендовите.

Функционирањето на франшизните продавници е од комплексен тип и вклучува менаџирање на брендовите според правилата на Давателите на франшиза, каде се строго дефинирани позиции за волумен на нарачки на колекции, кои се’ пак сезонски и наменети за одреден временски период, а неактивноста на продавниците ќе имплициракомплетната набавка за Пролетната сезона да остане непродадена како резултат на актуелната ситуација и неактивноста на продавниците.

Многумина од овие продавници се спречени да ја обавуваат дејноста како резултат на мерките за криза и превенција со што директно е загрозен и работниот однос на преку 7.500 вработени и функционирањето на повеќето франшизи присутни во Р. Северна Македонија.

„Сите ние, кои сме во малопродажба на брендови, мали и големи, сме пред најголемата финансиска криза во нашата историја на постоење. Упатуваме апел до почитуваните министри кои се одговорни за финансии и економија, да ги разгледаат нашите барања за сет мерките кои би се донеле. Со неработењето на продавниците имаме проблеми со ликвидноста, зголемување на корпоративните долгувања, неможноста за исплата на плати и придонеси, неплаќање на јавни и царински давачки, како и неможноста за исплата на камати и кредити. Исто така имаме проблем и за сервисирање на трошоците кон домашните трговски центри и домашни добавувачи на стоки и услуги.“ потенцираат претставниците од 17-те холдинзи.

За надминување на моменталната состојба треба да се имплементираат низа економски и финансиски мерки кои треба да овозможат конкретна помош во малопродажниот сектор. Засегнатите Компании предлагаат сет на економски мерки:

Бескаматни позајмици – кредити и обезбедување фонд во кој би бил вклучен секторот Малопродажба;

Бескаматни позајмици за помош на приватни компании со дејност трговија во специјализирани продавници на трговски марки до износ од 40% од реализираниот бруто промет во минатата година во период од 14 Март 2020 година до датум на валидност на мерките.Се разбира треба да се овозможи и најмалку шестмесечен грејс период и отплата на 24 ануитети;

Замрзнување на кредити и отплата на кредитни задолженија во период од шест месеци – оваа мерка веќе голем дел од земјите членки на Европската унија ја одобрија;

Субвенции односно партиципација во нето плата во износ од 50%;

Ослободување од плаќање на пензиско осигурување и придонеси за времетраење на кризните мерки;

Замрзнување на отплата на ДДВ на период од шест месеци;

Субвенција во исплата на закупнините за периодот на неактивност на продавниците;

Поврат на средства за платена царина на стоки која е веќе набавена, до март 2020 година, а сезонски е наменета за продажба за периодот во кој продавниците се затворени.

Барањето за донесување на итни екомски мерки е иницирано од Македонската Национална Асоцијација за Франшиза со цел да се укаже на наведените состојби и со порака да се помогне на Компаниите кои во својата малопродажна мрежа застапуваат и нудат во продажба интернационални етаблирани трговски марки односно, брендови, како и понатаму би опстанале на пазарот и не би згаснале продавници  на етаблираните Модни и Спортски марки:Adidas, Asics, Converse, New Balance, Nike, Puma, Reebok, Skechers, Armani Jeans, Boss, Calvin Klein, Desigual, Diesel, Guess, GEOX, LEVI’S’ Mango, Max Co (Max Mara), Replay, Springfield, Paul Shark, Timberland, Tommy Hilfiger, Zara, Woman’Secret и многу други, кои Компании генерираат сигнификантен инпут во буџетот на РСМ и се активен Работодавач на значителен број на вработени

Потребите за купување нема да исчезнат, туку се видно намалени како резултат на актуелните состојби и борба на Човештвото против пандемијата и големиот непријател COVID 19. Се’ има свој почеток и крај и треба да се размислува за подобри времиња кои се надеваме ни престојат во блиска иднина.

Македонска Национална Асоцијација за Франшиза МАКФРАН

Претседател

Д-р Вера Бошковска