Бев најмлада жена пилот во тогашна Југославија, имав сон и само 15 години: Катерина Кајсторовска - единствената жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во Македонија

Да се успее да се стане капетан пилот како жена на Балканов, било и повеке од тешко, а тоа го искусила 48-годишната Катерина Кајсторовска, која денес е прва и единствена жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во Македонија, и една од ретките жени во светот, во оваа професија.

За неа небото е слобода, никогаш ограничување. Од мала кај неа се родила желбата да ја искуси слободата во постоењето, тежнеела кон активности кои ѝ го овозможувале тоа чувство, да ѝ пркоси на гравитацијата.
На само четири годинки имала луда идеја, да проба како изгледа да слета од првиот кат на нивната куќа - со чадор, па за среќа била спречена од баба ѝ.

Но таа никогаш не се откажала од идејата да „работи на небото“, ниту стереотипите, предсрасудите и омаловажувањата во поглед на способноста една жена да опстане во оваа професија, и коментарите дека жената треба да седи дома да ги врши домашните работи, не ја спречиле да работи вредно на остварувањето на нејзиниот најголем сон, бидејќи од мала била воспитувана да биде борбена и независна, а пред сè да се вложува во образованието.

Родена е во Виена, Австрија, покрај тоа што е капетан пилот и инструктор за обука на тип Боинг 737, таа е и магистер по човечки ресурси и судски преведувач за англиски и српски јазик.

За животот на една жена пилотка, со сите подеми и падови зборуваме со Катерина Кајсторовска.

ПОЧЕТОК НА АВАНТУРАТА НАРЕЧЕНА „ОСВОЈУВАЊЕ НА ВИСОЧИНИТЕ“

- Уште од мала, веројатно поради мојот темперамент и вродената желба да ја искусам слободата во постоењето, тежнеев кон активности кои ми го овозможуваа тоа чувство да ѝ пркосам на гравитацијата.
Имав луда идеја да пробам како изгледа со чадор да слетам од првиот кат на нашата куќа. Тоа беше кога имав само 4 години и бев спречена од мојата баба, која ми објасни дека тоа е опасно и невозможно, и секако е дел од една наивна детска фантазија. Но, подоцна во животот возбудата од брзините во движењето ја преточив во возењето мотори. Низ осознавањето, во подоцнежниот период на мојот живот, имав огромна желба да станам пилот во тогашната воена академија на Југославија, што ќе беше поидеално од брзина, висина и вештина во едно. Немаше можност за прием на жени таа година, па исполнување на желбата се случи кога татко ми, ми предложи покрај редовното средно образование во гимназијата, секое лето да одам на школување во Јатовата школа за пилоти во Вршац.Тогаш почна мојата авантура во освојување на височините и практично трасирање на патот на мојата идна професија.

„ПОЛЕТАВ, А ПОЛЕТА И МОЈАТА ДУША - СИ ГО ИСПОЛНИВ СОНОТ ДА ЛЕТАМ“ 

- Мојот прв самостален лет ќе го помнам цел живот по чуството на позитивна еуфорија. Дојдов на аеродром, ни дадоа распоред и требаше да одлетам пет школски круга. Влегов во авион со мојот инструктор и полетавме. После два одлетани школски кругови, ми рече излези од писта и вози кон платформата за чекање.

Искрено во тој момент пребарував во главата дали сум направила некаква грешка, зошто го менува планот - нели требаше пет круга да одлетаме.
Ми рече стави го моторот на најниски вртежи да можам да ја отворам врата и почна да излегува од авионот велејќи: „Сега одиш сама, сè исто што правеше до сега, само сега ќе бидеш сама, подготви се да полеташ сама.“

Полетав, а полета и мојата душа, целото мое битие леташе, а јас пеев, се смеев, очите ми беа полни со солзи радосници - си го исполнив сонот да летам. Долг пат поминав, но во тој даден момент сè имаше своја смисла, сè си дојде на свое место.

Првиот лет го опишувам како позитивна еуфорија, но таму имаше многу повеќе, имаше сè што еден човек чувствува кога е исполнет до небото и назад.

Целиот текст на Женски магазин