Црквата Св. Богородица во Скопје:Чудна сила уриваше се што ќе почнеше да се гради на темелите на старата црква

Македонија крие премногу тајни кои можат да бидат цел на научни истражувања, а и своевидни туристички атракции.
Сите Македонци знаат какви се убавини поседува Македонија и од оние прочуените, а и од оние скриените кои се рај за телото и душата.
Но, вистинското прашање е колку се знае за тоа какви се мистерии крие Македонија. Македонија можеби е најмистична земја уште од нејзините почетоци ако тоа може да се нарече уште и од античко време. За жал во Македонија не постои таква технологија со која би можеле да се испитаат ваквите феномени.
МИСТЕРИЈАТА НА ЦРКВАТА ЗАШТИТНИЧКА НА СКОПЈЕ - "СВЕТА БОГОРОДИЦА"
Чудна сила уриваше се што ќе почнеше да се гради на темелите на старата црква
По земјотресот, властите одлучиле на местото на црквата да изградат културен дом, но сите обиди нешто да се изгради биле кобни- работниците се повредувале, а двајца ги затрупале тукушто изградените темели
Старата црква "Света Богородица", чие цело име гласи "Рождество на Света Богородица", била изградена во 1835 година кога Македонија била дел од Османлиската Империја. Во тоа време, Македонците не смееле да градат цркви, вели протојереј Методи Лазаревски, кој денес работи во "Св. Богородица".
"Тогаш никој не смеел да гради црква. И оние што се изградени, направени се ниски, повеќе во земја. За да ја изградат 'Света Богородица', христијаните се послужиле со итрина, затоа што само на тој начин можеле да ја изградат. На местото на црквата тие закопале икони и крстови, а потоа отишле кај султанот да бараат дозвола на тоа место да изградат црква, со образложение дека е свето. Султановите служители дошле во Скопје, копале на посоченото место и кога навистина нашле закопани христијански обележја, султанот им дал дозвола да изградат црква", вели прота Лазаревски.
Баба Милка се сеќава и на времето кога црквата била запалена и ограбена во 1943 година, за време на бугарската окупација. "И денес пред очи ми е таа слика. Додека пламенот уште не беше многу голем, Бугарите влегуваа внатре и ги изнесуваа златните икони. Ништо не оставија. По огнот, од црквата останаа само изгорени sидини, но традицијата никој не можеше ниту да ни ја запали ниту, пак, да ни ја украде. За празниците ние продолживме да се собираме тука. Ги чистевме камените плочи и традицијата ја одржувавме во урнатините кои за нас беа свети", раскажува баба Милка.
Со палењето и пљачкосувањето, скопјани ја изгубиле својата заштитничка. Баба Милка верува дека од тогаш работите во градов тргнале на лошо - поплава, земјотрес, па се до ова што се случува денес. Таа вели дека за време на комунизмот им ги одзеле и урнатините. По земјотресот, државата решила на темелите на црквата да изгради културен дом, но токму тогаш се покажало дека местото каде што е црквата е свето.
"Тоа е чиста вистина. Овде се случуваа необични нешта. Двајца работници, навистина загинаа во темелите на 'Света Богородица'. Мој пријател, судија, беше на увидот кога загинаа. Од неразјаснети причини, тукушто изградените темели се урнале и ги затрупале двајцата работници. Тогаш властите се откажаа од градењето културен дом врз камењата на црквата. Тоа е чудо божјо, мајката божја тука ставила рака и како да вели 'тука е мојот дом'. И денес тука стојат масивните бетонски темели на несудениот културен дом. Од тогаш, местото почна да се запустува и до пред некоја година не се познаваше дека тука имало црква", вели прота Лазаревски.
Тој, поддржан од група скопјани кои организираа движење за храмот "Света Богородица" поставија крст, како камен-темелник на новата црква која треба да се изгради на темелите на старата. Нешто подоцна беше изграден привремениот објект, па скопјани за Богородица и за другите христијански празници почнаа тука да се собираат. Подоцна се појави и идејата за изградба на нова црква.