Д-р Натали Божинкочева Муратагиќ: „Загадениот воздух го намалува имунитетот, најзасегнати се децата и хронично болните “
Во последниот период, особено по новогодишните празници, болниците и амбулантите во Скопје се полни со пациенти кои се жалат на респираторни заболувања. Граѓаните често дишат загаден воздух, а високите концентрации на канцерогени честички во воздухот ги надминуваат дозволените граници. Скопје периодов беше меѓу првите десет најзагадени градови во светот, а дождот и снегот успеаја само накратко да го „измијат“ загадувањето. Како што пренесуваат медиумите во брзата помош периодов најголем број повици биле од повозрасните лица, кои се жалат на влошено здравје, поради хроничните заболувања, а особено на респираторни проблеми. Но, сепак, најпогодени се децата, наводно, во детската клиника Козле немало слободен кревет за болничко лекување, а на дневно ниво се вршеле дури по 150 прегледи. Граѓаните се обидуваат да се заштитат на секој можен начин. Токму затоа, на оваа тема поразговаравме со Д-р Натали Божинкочева Муратагиќ - специјалист по семејна медицина, која три ипол децении работи со пациенти, а воедно има присуствувано на бројни конгреси во земјава и странство, а се потпишува и како автор и коавтор на трудови со постер излагање. За почеток прашавме, дали поновата варијанта на корона вирусот во комбинација со грип наречена флурона, е виновникот за големата зараза меѓу населението во последниот период:
- Инфлуенца А е вирус кој го предизвикува грипот а вирусот Sars-cov 2 е вирус на ковид. Можна е комбинација на двата вируси но не е главна причина за се поголемиот број на заболени.
ЖМ: Болниците и ординациите се полни последниов месец. Ако флурона не е „виновникот“, тогаш дали тоа се должи на температурните разлики или грипот зема се поголоем замав?
- Се поголем е бројот на пациенти се јавуваат на преглед во своите матични установи. Новогодишните и божиќните празници беа исполнети со прослави и дружби каде контактите овозможија брзо ширење на вируси. Последниот викенд и топлото време луѓето го искористија за прошетка во и надвор од земјава, па и поради тоа имаме зголемен број на посети, во најголем број заболени од грип.
- ЖМ: Како загадениот воздух и престојот на отворено кога загадувањето е големо, предизвикува дополнителна штета и кај децата и возрасните?
- Загадениот воздух го намалува имунитет кај населението. Најзасегнати се децата и возрасните со хронични болести. Тие посебно треба да бидат внимателни и да носат маски.
ЖМ: Како да се заштитиме овој период?
Во амбулантите и болниците да се носат заштитни маски, бидејќи таму бројот на заболени е голем. Да се носи топла облека. Болните да не се мешаат со здрави лица, односно да најават дека имаат симптоми на грип или настинка на работа или во училиште.
ЖМ: Кој е вашиот совет, како да се зајакнеме имунитетот?
Овој период кога учениците се вратија во школските клупи трансмисијата на вируси ќе биде зголемена! Потребно е да се работи на имунитетот, со правилна и здрава исхрана на децата и доста течности да се внесуваат во организмот.
ЖМ: Дали вакцината треба да е приоритет во овој период, особено кај оние со послаб имунитет и хронично болните, или алтернативната медицина е доволна да се заштитиме и да ги одбегнеме посериозните последици од грипот?
Лицата со послаб имунитет и хронично болните пожелно е да се вакцинираат секоја година. На овој начин при контакт со заболени лица може да не пројават симптоми или тие ќе бидат со слаб интензитет.
Елеонора А.