Докторката доброволец на оксфордската вакцина: Најлошото што го чувствував беше многу лесна главоболка која исчезна за еден ден

„Имав неколку пациенти и пријатели кои тврдат дека вакцината е „пребрзо направена“...

Д-р. Ели Кенон била еден од 10.000 британски доброволци во истражувањето на оксфордската вакцина.

„Како лекар од општа пракса, но и како мајка, сакам животот да се врати во нормала“ - вели д-р Ели за „Дејли Мејл“. 

„Сега конечно се гледа крајот на оваа агонија. Како и илјада останати вработени во британската здравствена служна, подготвена сум да ја вакцинирам повозрасната категорија на жители пред крајот на годината.“

Д-р. Ели истакнува дека дури на средината на декември нема да се знае дали ја примила вистинската вакцина или плацебо. Но, таа додава, дека што и да добила за време на тоа истражување, ќе биде меѓу првите кои ќе ја добијат вистинската вакцина.

„Имав неколку пациенти и пријатели кои тврдат дека вакцината е „пребрзо направена“. Ме прашаа како можев да бидам сигурна дека вакцината е безбедна. Други ми рекоа дека слушнале дека вакцината против Ковид - 19 предизвикува „шокантни нуспојави“. Според најновата анкета на Кралското општество, дури третина од Британците во овој момент се премислуваат дали да се вакцинираат. Но, мојата порака е јасно: не би требало да се грижите. Уверена сум дека сознанијата за фактите во врска со вакцината ќе им помогнат на луѓето да се ослободат од стравот“ - наведува д-р. Ели.

Таа одговара на најчестите прашања во врска со вакцината против ковид-19.

# Вакцината се направи брзо. Дали е безбедна?

„Испитувањата за вакцини беа завршени за рекордно време – за десет месеци, за разлика од вообичаените десет години. Но, нема ништо сомнително.

Пандемијата му претстави невиден проблем на научниот свет. Затоа следеше невиден одговор.

Пред да аплицирам за истражувањето, детално прочитав сè во врска со тоа. Ако не бев 100 процентен сигурна, не би се согласила двапати да ми стават игла во раката – прво ја добив првата доза, а втората две недели подоцна. Како и сите вакцини, и оваа ги помина сите безбедносни проверки пред да започне истражувањето на луѓето.

Првиот дел од кој било тест се изведува во лабораторија и вклучува инјектирање на вакцината во човечки клетки во епрувета, а потоа и на животни. Во случај на вакцината Оксфорд, таа најпрво беше тестирана кај мајмуни, ова е направено за да се осигура дека вакцината не е токсична или штетна. Потоа, кога научниците се увериле дека животните се добри и дека покажале одреден имунолошки одговор, започнале тестови на луѓе кои доброволно учествувале во истражувањето. Безбедноста и ефикасноста потоа беа тестирани кај стотици возрасни. Податоците за вакцините од Оксфорд во оваа фаза беа објавени во „Лансет“ на 20 јули и се достапни за читање на Интернет. Се покажа дека вакцината предизвикува силен имунолошки одговор кај волонтерите.

Исто така, истражувањето покажало колку несакани ефекти имало. Приближно половина од волонтерите пријавиле чувство на замор ден-два по вакцинацијата и главоболка. Но, доколку волонтерите земале парацетамол, овие симптоми исчезнале побрзо.

Следуваше третата фаза, кога илјадници здрави доброволци беа вакцинирани – вклучувајќи ме и мене. Половина од нас добија вакцина, а половина плацебо, но не ни беше кажано кој добил вакцина, а кој плацебо. Ова беше направено за да можат истражувачите со сигурност да кажат како вакцината влијае врз луѓето.

Имено, ако видите слични резултати во плацебо групата и со вистинската вакцина, тоа може да значи дека ефектот е последица на некој друг фактор, а не на активноста на самата вакцина. Бевме тестирани секоја недела.“


Ако вакцината е тестирана, зошто сè уште не се користи?

“Откако ќе завршат испитувањата, следуваат дополнителни клучни проверки пред вакцината да стигне до пациентот. Агенцијата за регулирање на лекови ги анализира податоците од сите испитувања. Земени се предвид состојките на самата вакцина, квалитетот на истражувањето, како и кај кои категории на популација оваа вакцина има најмногу ефект. Исто така, производителите мора да илустрираат планови за долгорочни студии за следење за да добијат одобрување.“

Дали вакцината против ковид-19 ќе ја смени нашата ДНК?

„Прочитав такви шпекулации на социјалните мрежи. Јас гарантирам дека вакцината  не влијае на нашата ДНК – ниту една вакцина не го прави тоа. Вакцината од Оксфорд е направена од модифициран, но безопасен вирус што предизвикува настинка кај животните. Го стимулира имунолошкиот систем, што значи дека нашето тело е подготвено да реагира доколку некогаш дојде во контакт со вистинскиот вирус што предизвикува ковид- 19. Другите вакцини, што се дадени на деца или стари лица, понекогаш содржат живи вируси или делови од нив, модифицирани или деактивирани на некој начин за да бидат безопасни.“

 # Што е со несаканите ефекти?

„Најлошото што го чувствував беше многу лесна главоболка која исчезна за еден ден, иако не знам со сигурност дали ја добив вистинската вакцина или плацебо. Другите пријавени несакани ефекти вклучуваат замор, лесна треска или болки во мускулите слични на оние што ги доживеале некои луѓе кога се вакцинирани против грип. Ова е знак дека имунолошкиот систем се подготвува да одговори на натрапникот“ – вели докторката Кенон.

Извор: telegraf.rs