„Доста ни е!“ - Жителите на Амстердам го тужат градот поради масовниот туризам

Жителите на Амстердам го тужат градот во обид да се изборат против пренатрупаноста предизвикана од масовниот туризам.
Организацијата „Амстердам има избор“ поднесе тужба против градот на 22 септември, откако собра речиси 60.000 долари од поддржувачи, објавија „The Independent“ и „EuroNews.com“. Целта на организацијата е да ги принуди градските власти да го ограничат бројот на туристички ноќевања во Амстердам на 20 милиони годишно, според нивната официјална веб-страница.
„Жителите на Амстердам се презаситени од сè“, се вели во преведеното соопштение на веб-страницата. „На секој чекор ги гледате последиците од масовниот туризам: локалните продавници се заменети со продавници за сувенири и продавници за Нутела. Куќите и јавните згради се претвораат во хотели, а тротоарите се речиси невозможни за поминување поради редици пред „жешките точки“ на TikTok. Градот полека го губи својот уникатен амстердамски дух.“
Организацијата наведува дека 30.000 жители на Амстердам веќе потпишале петиција со која бараат конкретни планови и мерки за ограничување на масовниот туризам. Тие исто така тврдат дека градските власти технички веќе имаат политика за ограничување на бројот на туристи годишно, но дека ништо не се променило во пракса.
Списанието PEOPLE контактираше со „Амстердам има избор“ и градот Амстердам за коментар на 2 октомври, но не доби одговор.
На тој начин, Амстердам се приклучува на растечкиот број светски градови кои протестираат против пренатрупаноста предизвикана од туризмот.
Жителите на Халштат, мало австриско село за кое се верува дека е инспирација за Арендел во филмовите „Замрзнато“ на Дизни, почнаа да протестираат против масовниот туризам уште во 2020 година. Ова живописно село, со околу 780 жители, примало до 10.000 туристи дневно, според извештајот на „Гардијан“.
Слично на тоа, жителите на Мексико Сити неодамна се приклучија на движењето против масовниот туризам. Во јули, демонстрантите излегоа на улиците за да протестираат против прекумерниот туризам и гентрификацијата, за кои тврдат дека ги зголемиле кириите и трошоците за живот на нивоа што локалното население повеќе не може да си ги дозволи, објавува Би-Би-Си.
Други популарни дестинации кои се изјаснија против масовниот туризам се Венеција, Барселона и Канарските Острови, според „Травел енд Тур Ворлд“.
Фото: Unsplash.comИзвор: Bizlife.rs