Елтон Џон загрижено порачува: Тестирајте се луѓе, тестот за СИДА е во сржта на ставањето крај на нови случаи

– Едно нешто што научивме оваа година, а тоа е важноста на тестирањето. Тестот за ХИВ е во сржта на ставањето крај на нови случаи на ХИВ во Англија, рече пејачот Елтон Џон, чија добротворна организација досега собра скоро половина милијарда долари за борба против ХИВ-вирусот.

Пејачот инаку им се придружи на водечките британски добротворни организации во борбата против СИДА-та, па повика на масовно тестирање за ХИВ-вирусот со цел да се запре новата епидемија во земјата последнава деценија. Тоа, меѓу другото, и поради загриженоста дека Ковид-19 може да влијае на пристапот до тестови и лекови.

По повод одбележувањето на Светскиот ден на СИДА-та, првата англиска комисија за ХИВ, чијшто коосновач е познатиот поп-пејач, ќе објави 20 препораки за спречување нови случаи на ХИВ-позтивни до 2030 година.

Се препорачува тестирањето за ХИВ да биде стандардна практика за пациенти кои се јавуваат кај нов лекар, минуваат рутински тестови за брисеви или се примени во одделенијата за итни случаи во болница.

Повеќе од 38 милиони луѓе ширум светот денес се заразени со ХИВ, а болеста СИДА уби околу 33 милиони луѓе од почетокот на 1980-тите до овој миг.