„Ете мајко решив да се женам“: Кои од тазе брачните парови на македонската сцена слават Младенци?
Денес е Младенци, еден од поголемите христијански празници кој го празнуваат младенците во првата година од својот брак, односно сите оние кои се веначле по 22-ри март минатата година.
На македонската естрада имаше пролетни, летни, но и зимски свадби. Сите оние кои ја овековечија љубовта минатата и оваа година, денес празнуваат Младенци.
Познатиот македонски јутјубер Стефан Лазаров направи свадба во јули со својата избраничка Марта.
Истиот месец лани, се омажи и екс министерката Нина Ангеловска за нејзиниот избраник, докторот Виктор Станков. Свадбата ја направија во познат скопски хотел на кој присуствуваа познати лица од јавниот и политичкиот живот.
Во месец мај, се ожени и музичарот Христијан Тасковски - Таско со Наташа. Тој врската ја криеше во тајност, па дури и тајно ја запроси по три ипол годишна врска. Во јуни минатата година, Таско и Наташа го добија синот Лукијан.
По речиси една година откако пејачката Антониа Гиговска и нејзиниот партнер и татко на нивното дете, музичарот Роберт Спасенцоски, стапија во брак, поточно ставија потпис во матично, а овој месец направија венчавка во црква и голема журка со пријателите, семејството и соработниците.
Свадбата на деценијата се случи во октомври во Скопје, кога се ожени синот Јордан на поранешниот човек на УБК, Сашо Мијалков и примабалерината Александра Мијалкова. Како главен гостин на вечерта беше балканската дива Светлана Цеца Ражнатовиќ, а свадбениот репертоар беше надополнет со балетски перформанси, но и со неколку познати музички имиња.
Јули е месецот со најмногу свадби на познатите. Една таква беше и на познатата инфлуенсерка од Битола, Александра Шијакоска со нејзиниот избраник Едмонд. Парот направи регистрација во дворот од нивната куќа и журка за најблиските.
Поранешниот ТВ водител на естрадниот магазин „Бекстејџ“, а денес водител на „Г- Карпет“, Миро Кацаров направи свадбена веселба со својата избраничка Ивана. Свадбата беше налик забава и се одржа во дискотека во родниот град на Миро, Штип.
Во замок како од бајките се омажи писателката Марија Јаневска, позната под псевдонимот Лајла Грејс. Пред неколку години таа се пресели да живее и работи во Белгија, а токму таму ја најде љубовта на својот живот, Али.
Познатиот диџеј, Марјан Мац Петровски или познат како диџеј Мац стапи во брак со својата избраничка Татјана Јовановска. Свадбата беше со сите адети, а највесели гости беа кумовите- познатиот естраден пар, пејачка Сара Мејс и нејзиниот сопруг водителот Димитар Атанасовски.
Со картон на кој пишуваше „Ете мајко решив да се женам“, последниот ден од месец јуни се ожени и момчето со картоните, познато како Бомбакис. Само неколку дена пред Новата година, Бомбакис и неговата сопруга Вики ја добија ќерката Бисера.
Фото: ИнстаграмГабриела Додевска Глигоровска