Генетика, умереност во сé и избегнување на стресот – тајните на долговечноста: д-р Методи Чепреганов, единствен во земјава со 63 монографии

Иако има 86 години, невропсихијаторот-епилептолог проф. д-р Методи Чепреганов е сѐ уште активен во својата професија. Во својот компјутер има заведено илјадници пациенти и води детална грижа за секој од нив. Забележителна е и неговата виталност и позитивен пристап кон животот. Тајната за договечноста ја поврзува со генетиката како основа на сé.
- Втората тајна е умереност во сѐ. Сѐ што правите треба да биде умерено. Третата е да избегнувате стресови или состојби кои го воспалуваат организмот. Тие прават дисбаланс на хормоните и психосоматски болести. Тоа е најголемиот проблем на цивилизацијата и на македонскиот народ. Македонскиот народ живее во пролонгирана стресогена состојба – вели професорот.
Д-р Методи Чепреганов максимално се посветува и на пишувањето. Наскоро ќе објави три нови книги - за патологијата која што е врзана исклучиво за мозокот. Со нив, вкупната бројка на објавени дела на 86-годишниот македонски и светски признат експерт за болести на мозокот ќе биде 65. Сите се од областа на неврологијата и епилептологијата. Факт кој зборува многу за неговата успешна работа, но и го издвојува како единствен во земјава со толку напишани дела.
Следната книга ќе ја посвети на Ковидот и последиците кои се појавуваат кај пациентите што ја прележале болеста.
- Ковидот прави една компликација, која често ја среќаваме кај пациентите. Станува збор за мали тромбоцични промени на мозочното ткиво. Забележавме и енцефалит (воспаление н.з) кај еден пациент кој прележал Ковид. Но, не знаеме точно дали него го предизвикал вирусот. Често гледаме и мали инфаркти во мозокот - вели тој.
Ковидот е животозагрозувачка пролонгирана стресогена состојба и според докторот нормално е тој да предизвикува рекција.
- Во случајот реактивно психичка промена, страв, општа анксиозност, лоши мисли, безволност, несоница, дури и страв од смрт, што е реалност. Меѓутоа, колкава ќе биде клиничката експресија зависи од менталниот склоп на личноста, од неговата карактерна матурација, колку сака и треба да се превенира од оваа трета светскабиолошкавојна. Што значи, постои објективен стресоген фактор, ама нашата лична реакција, од цитоархитектурата нанашиот личен психопрофил, колку умееме и знаеме да се заштитиме и да ги преземеме сите мерки на превенција, пред сѐ вакцинација, за да го покачиме и својот и колективниот имунитет. Треба да ни е јасно дека извесен период ќе живееме во кохабитација со вирусот, тој нема да исчезне одеднаш. Едно е сигурно, овој вирус се однесува надвор од сите природни закономерности на мајката природа - посочува д-р Цепреганов.
Секој работен ден прегледува од 10 до 15 пациенти. Посочува дека бројот на пациенти со стресогена реактивна слика, не е зголемен.
Д-р Чепреганов е дел од Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција. Награден е со орден Palmes Academiques од страна на Првиот министер на Франција во името на Министерството за наука.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА
Фото: Вангел Тануровски