Илија Ампевски, инструменталист: Открив две нови ноти во највисокиот регистар на кларинетот – моето име ќе се запише во историјата, а верувам ќе биде благослов за сите колеги во светот

Илија Ампевски со кларинетот и сакасофонот се дружи 35 години. Сними свои изданија и се појави како гостин на значајни албуми со народна и етно фолк-џез музика. Го промовира македонскиот стил на свирење на кларинет и на сакасофон во многу земји низ светот.

Досега има снимено 103 ора и чочеци на 8 носачи на звук и две цедеа со духовна музика. Неодамна го промовираше новото 11 цеде со наслов „Шербет’“. Кога станува збор за влијанието на неговото музицирање, би можело да се каже дека е повеќестрано. 

Станува збор за сублимат од талент кој го поседува во консталација со одлично музичко образование од мали нозе, работа со извонредни имиња од македонската и балканската музичка сцена и најмногу со деноноќните дружења со „Клара“ и „Caкca“, како што ги има именувано кларинетот и саксофонот. Периодов интензивно се подготвува за јубилејниот концерт, кој треба да се одржи на 23 јули во Битола.

- Мојот престој ќе го искористам и за семинарот за кларинет и саксофон, кој ќе се одржи во Охрид од 17 до 19 Јули. Штотуку ја завршив мојата прва книга со мелографирани ора и чочеци. Годинава ќе ја обележам со многу активности. Но, најважното што ме прави посебно среќен е тоа што открив две нови ноти во највисокиот регистар на кларинетот. Откритието го патентирав и моето име ќе се запише во историјата, а верувам ќе биде благослов за сите колеги во светот. – открива Ампевски.

По успешната кариера во Македонија, во 1998 година се преселил во Канада и продолжил со своето животно и музичко патување, свирејќи за нашата македонска дијаспора. Истовремено соработувал и со врвни музичари од целиот Балкан, но и со џез музичари особено во Америка.

- Во Чикаго го направив мојот оркестар „Ампевски“, со кого имав големи успеси и добив многу добри критики свирејќи на многу фестивали и свадби низ цела Америка. Таму го снимив мојот 3 албум со етно џез музика, на кој свират музичари од различни профили и нации. Особено ми е драго што свирев со клавиристи како Бане и Александар Ѓорѓевиќ, Дача - виолина и хармоникашите Крис БајмаковиЌ, Ице Пецаковски, Ненад Периќ, Боро Шкориќ и легендарниот Миќо Радовановиќ – вели Ампевски, кој во 2009 година се врати во Македонија и живееше во Охрид сѐ до 2015 година. Во тој период сними два албуми со духовна музика.

- Во 2015 година добив повик да свирам со маестро Милан Завков во Австралија на една посебна свадба кај еден наш колега во Мелбурн и тогаш донесов одлука да се преселам во оваа земја, која многу ја сакам, во секој поглед. Од 2015 па до денес, прво сум македонски, канадски, а сега и австралиски државјанин.Оваа година ми е посебна, јубилејна. Наполнив 50 години, а истовремено и 35 години како музичар. Значи од тие 50 години, јас цели 35 години од својот живот сум музички активен. Живеам во гратчето Ливерпол, одалечено половина час од Сиднеј и работам како музичар со полно работно време. Веќе 6 години свирам со групата „Деспина“, и тоа се колеги кои ми се посебно драги. Инаку, секојдневно сум во моето домашно студио, во кое снимам музика за мене и за други пејачи, кои имат потреба од моите иструменти. Свирам и за неколку австралиски агенции, кои работат во организација на свадби за секакви нации и особено сум баран со мојот саксофон. – открива музичарот.

Тој е дел и од бендот на познатиот тапанар Еван Јако, кој е Асиријанец по потекло. Во 2022 година со овој бенд имал концерт во Опера хаус и повторно стекнал ново искуство.

- Во мојата долгогодишна кариера навистина голема чест е да се настапи на сцената на оваа врвна институција, а чувството е неописливо. На 30 ноември, повторно се подготвувам за вториот концерт во сиднејската Опера хаус. – открива Ампевски.

С.А.Н