Илон Маск: Бизнисмен од „Новото време“
Едно од работите што ќе остане запаметено на самиот почеток
на оваа година е тоа што, според истражувањето на медиумската куќа Блумберг,
Американецот со јужноафриканско потекло, Илон Маск, стана најбогатиот човек на
светот.
На списокот на најмоќни богати луѓе, што Блумберг го прави според свој индекс, Маск го надмина Џеф Безос, сопственикот на „Амазон“, на позицијата број еден, откако богатството на првиот човек на компанијата „Тесла“ беше зголемено за 150 милијарди долари.
Од тронот на 500 најмоќни на глобално ниво, Маск го истурка Безос, кој беше на врвот на таа позиција цели три години.
Безос не успеа да стане број еден по четврти пат, и покрај фактот што „Амазон“ заработи огромни пари обезбедувајќи услуги за испорака за време на епидемијата на вирусот ковид-19.
Скокот на акциите на компанијата за производство на електрични автомобили „Тесла“ и профитабилниот бизнис на компанијата Спејс Х (Спејс Икс), која секој месец лансира 120 комерцијални сателити во вселената, секако значително влијаат врз растот на богатството на Маск.
Сепак, многу важна улога во неговото лансирање на позицијата број еден меѓу богатите играше договорот што „Спејс Х“ го потпиша со НАСА во 2006 година за развој и тестирање на лансирни возила и товарни вселенски летала на Меѓународната вселенска станица.
Договорот и овозможи на неговата компанија пристап до парите на американските даночни обврзници, со кои Спејс Х ја произведе капсулата Кру Драгон, напојувана од ракетата Фалкон 9, која во ноември минатата година за прв пат ги однесе американските астронаути до Меѓународната вселенска станица.
Дотогаш, тие мораа да го користат рускиот вселенски брод Сојуз за тие цели, бидејќи во 2011 година, НАСА ја „пензионираше“ својата флота ракетни авиони Атлантис поради заштеда.
Маск инаку се смета за футуристички или бизнисмен од „ново време“ поради неговите амбициозни планови да формира флота за вселенски туризам, како и за колонизација на Марс.
ФОТО: EPA-EFE/ BRITTA PEDERSEN POOL