Интервју со Рејхан Сулејман: Добитничка на Годишната награда за млади истражувачи, за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 г. на Народна банка
Рејхан Сулејман e добитник на Годишната награда за млади истражувачи, за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 г. на Народна банка. Воедно, и алумни на студентка на три циклуси студии на УАКС – додипломски, постдипломски и докторски студии.
1. Рејхан, честитки за Годишната награда за млади истражувачи, за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 г. на Народна банка. Може ли да ни кажете која беше темата на истражувањето?
Благодарам многу за честитките. Темата на моето истражување е како претприемништвото влијае врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка), но со осврт на Северна Македонија. Темата е дел од моето докторско истражување, каде што освен влијанието врз економскиот раст, беше анализирано и влијанието на претприемништвото врз невработеноста. Периодот кога размислував за темата за истражување многу беа актуелни странските директни инвестиции и програмите што ги нуди нашата држава за нив да ги привлече. Доаѓајќи од домашна фирма која е и фамилијарен бизнис, почнав да се прашувам што е со нашите компании? И така се решив да направам истражување, за научно да го докажам влијанието на нашите компании (кои претежно се средни и мали претпријатија) во развојот на економијата во Северна Македонија.
2. Кои се Вашите професионални интереси и амбиции? Во која област сметате дека може да дадете најголем придонес?
Моите понатамошни планови се повеќе да се вклучам и во академскиот свет, и во светот на бизнисот, но се разбира, со цел пренесување на целото стекнато знаење и искуство на новите генерации. Освен личните, секогаш се обидувам да опфаќам и пошироки цели во моите интереси и амбиции, сакам да постигнам многу повеќе и за моето семејство, и за моето општество, и за мојата земја, а зошто да не и за целото човештво. Ние сме земја во развиток, за разлика од другите земји коишто веќе се развиени и имаат многу повисоки цели од нас, ние треба да вложиме многу поголем труд со многу голема прецизност за да стигнеме до одредено ниво во споредба со нив.Од друга страна пак, и светската економија (вклучувајќи ја и нашата земја) е во големо искушение по појавата на пандемијата. Мислам дека е должност на секоја индивидуа да бара решение за сите овие проблеми, секој во свое поле. И мојата основна цел е токму тоа, да вложам многу и да имам голем придонес во моето поле.
3. Како студентка на три циклуси студии на УАКС – додипломски, постдипломски и докторски студии, како го проценувате Универзитетот од сегашна перспектива, колку Ви помогна во твоето професионално спознавање и делување?
Покрај досегашните студии би го додала и моето 15 годишно искуство во приватниот сектор, или поточно во фамилијарниот бизнис, каде што почнав да работам од мојата 18 годишна возраст. Како студент за мене беше многу добро што теоријата што ја добивав од студирањето имав можност на терен да ја практикувам. Од една страна теоријата и од друга страна праксата, заедно ми помогнаа да ги видам двата света (бизнисот и академскиот свет).
4. Кои се Вашите идни планови? Дали се гледате себе си во професионалниот, бизнис свет, или пак во академските кругови?
Кога ќе искусиш ‘’best of both worlds’’, би рекла дека и не е толку лесно да издвоиш меѓу бизнисот и акамедијата. Иако себеси во иднина се гледам повеќе во академијата, од бизнисот ја црпам праксата, која што кога е комбинирана со теоријата излегува еден добар производ за студентите. Бизнисот придонесува да сум во тек со секојдневните проблеми и предизвици на бизнис климата во нашата земја, а од друга страна и теоријата придонесува да имам и научен пристап кон бизнисот и подолгорочна визија.
5. Што би им препорачале на младите што допрва размислуваат каде да студираат? Што е она што го издвојува УАКС од другите универзитети?
Има многу работи што го издвојуваат УАКС од другите универзитети, но една работа што мене ми остави впечаток е дека на УАКС имаш можност да стекнеш знаење од најискусните професори од земјата; амбициозни професори кои што се воедно и врвни истражувачи, и во исто време да изградиш пријателски односи со тие професори. Исто така би ја додала и можноста да стекнеш знаење од професори од странство кои што работеле во многу меѓународни институции низ светот. Сѐ на сѐ, знаењето го добиваш директно од изворот. Од нив се учат работи коишто ги нема во книгите.