Каде за Нова година: Под Јорган панина? Не! Овде, под оваа наша планина

Ја нарекуваат круна на Шар Планина. Како на Алпите, уште поубаво!!! 

Лешница e долина на Шар Планина, која се наоѓа во средишниот дел, помеѓу врвовите Среден Камен и Плат, на околу 17 километри северозападно од Попова Шапка. Оваа мала долина се протега на простор од околу 1.000 хектари и е распространета помеѓу клисурите на: Пена, Лешничка Река, Кривошијска Река и Скакалска Река. Фантазија, како на филм. Неверојатна, недопрена, исконска, наша, како во бајка...

Се дели на Долна Лешница сместена на надморска височина од 1.450 метри и Горна Лешница извишена на 2.221 метар надморска височина. Што значи гради полни чист воздух. Во зима целосно е прекиена со снег, релативно е достапна и нуди спокој како никаде на друго место.

Дивина, пространа ледина, водопад, густа шума, реки, бачило, мирис на борови... Со еден збор, делириум. 

Фауната во овој локалитет и пошироко е разновидна и се состои од повеќе видови крупен и ситен дивеч: кафеава мечка, дива коза, дива свиња, срна, како и разни видови верверици, волухарици (пухови), зајаци и други глодачи. Исто така застапени се повеќе видови водоземци и риби како и разни видови змии, поскок, шарка и др. Од птиците се застапени орелот, јастребот, ветрушката, бувот, гавранот, свраката, златовраната и разни помали видови шумски птици.

Големиот број бачила и близината на повеќе населени места нудат услови во иднина на Шар Планина да се развие еден нов вид алтернативен туризам.

Епа, не мора да чекате часовникот да отчука 12 за да си честитате. Секој викенд е создаден да одите да уживте таму. Ви треба топла облека и пропратни работи за планинарење. И нема да ве чини многу. Всушност, многу малку. Денски ќе уживате во рајот со кој располага, а вечерта мирно ќе спиете. Ако сте авантуристи, ова е идеално место. Кој пробал, знае!

Фото: Youtube/ Printscreen