Каде заминуваат и што работат струмичаните кои се откажуваат од земјоделството?

Жители на струмичките села ги оставаат нивите разочарани поради ниските приходи во земјоделството, и заминуваат во европските земји за да си обезбедат подобар живот. Возат камиони, работат како градежници, се селат во Германија, Швајцарија, Словенија, кој каде ќе се снајде.

Луѓето кои останале во струмучките села, велат дека не може да се прави споредба некогаш и денес, затоа што порано имало многу луѓе кои живееле од земјоделство, а денес не е така.

„За десет години мислам дека половина од луѓето кои работеа, се откажаа од земјоделството. Моите свекор и свекрва живееја од земјоделство, а јас и сопругот работевме во фабрика во Струмица. Сега многу малку луѓе останаа на земјоделство. Јас не работам, но соседите велат дека сите трошоци се 100 отсто покачени, ѓубрива, препарати и нема некоја заработка. Млад свет нема. Тие бегаат во Швајцарија, Германија, а дел и во Словенија. Се сеќавам дека во Куклиш порано имаше многу пластеници, земјоделството производство беше доста присутно и во селото Баница, но работите многу се сменија“, раскажува повозрасна жителка на Вељуса.

На интернет има многу огласи каде се продаваат плацеви, ниви, но и куќи во струмичките села со добра местоположба и плодна почва.

„Пред 30 години, иако моите родители имаа  работа, сепак во село садеа пиперки, бостан, тутун, и со тие пари одеа на одмор, школуваа деца или пак вложуваа во куќи. Сега младите избегаа во Германија, Швајцарија, Австрија, Словенија, кој каде ќе се снајде. И во најголемите струмички села веќе не е како што беше“, вели Тони од Струмица. Повеќе по темата прочитајте на Фактор.мк


Фото: фреепик