КОЛКУ ТИ Е ПЛАТАТА: Прашање кое луѓето често го поставуваат, но дали треба да се одговори?
„Колку ти е платата?“ е прашање кое често луѓето кај нас го поставуваат. Анкетиравме граѓани на оваа тема и тие велат дека ова прашање им пречи, затоа што е лично и не сакаат да откриваат колкави приходи имаат, посебно не на луѓе со кои не се блиски. Објаснуваат дека и во фирмите каде работеле или работат, не практикувале со колегите да коментираат за висината на платите.
„Јас кратко време работев, и се воздржуваа да не ми го постават тоа прашање. Но, луѓето често ги прашуваат другите за висината на платите, а на вработените им е срам да кажат колкава плата земаат, посебно ако работат за минималец. Јас такво прашање не поставувам, освен на некои кои ми се блиски, блиска другарка и слично. Тоа прашање се смета за некултурно. Луѓето можеби не се задоволни од платите, но немаат излез и работат за таа плата“, вели младата Маја Т.
За да избегнат да наведат конкретна сума, граѓаните одговараат дека се задоволни или дека платите се солидни, дека им одговараат условите на работното место и слично.
„Зависи на кого, некому кажувам колку ми е платата, а некому не или не кажувам целосно. Во фирмата каде работам не прашувам за висината на платите на останатите, но за друга фирма каде сакам да отидам да работам, прашувам колкави се платите, да знам дали вреди да се смени работно место. Досега сменив три фирми, и беше забрането со колегите на работа да коментираме за платите. Од мене лично си тргнувам, не е во ред да се поставува такво прашање“, рече Зорица Р.
Друга повозрасна жена вели дека е непристојно самото прашање, но и да добие информација за платите во некоја фирма или некоја бранша, тоа нејзе ништо не ѝ значи, ако нема искуство во тој сектор, не планира да бара работа итн.
„Тоа е некултура, а јас ако не работам, не знам, што ми значи таков одговор? Не ме интересира, секој за себе треба да си води сметка“, кажа таа.
Психологот Наташа Дамјановска објаснува дека живееме во општество каде економската ситуација не е на завидно ниво и оттука потекнува и таа љубопитност за тоа кој, колку заработува. Вели дека ако луѓето би биле поисполнети, тоа прашање нема да го поставуваат.
„Во однос на тоа прашање, би кажала дека се работи за љубопитност, а и со оглед на нашата социо-економска ситуација, самото општество наметнува да бидеме уште пољубопитни, кој, колку и каде заработува. Тоа е сплет на околности, а верувам дека во западниот свет не го поставуваат тоа прашање, баш е одраз на некултура да прашаш кој, колку заработува. Луѓето си земаат за право да навлегуваат во личниот простор на другите. Тоа е и нашата социо-економска состојба. Кога луѓето би биле позадоволни, посреќни, нема да ги интересира колку другиот заработува. Тоа е одраз на лично незадоволство. Тоа е еден од факторите да се интересираат за животите на другите“, вели Дамјановска.
На странските форуми, има дискусии каде луѓето коментираат дека во светот има и земји, култури, каде висината на платата е нешто што луѓето отворено го коментираат со другите, но додаваат дека има и одговорни професии кои не се доволно платени и тоа може да создаде непријатни чувства.
Истражувања кои се правени во светот укажуваат дека споделувањето на информациите за висината на платите, можат да имаат позитивен, но и негативен ефект, и зависи кој прашува за таква информација и во кој контекст.
Истражувањето кое пред неколку години го направи Paylab, во кој е дел и MojaPlaća, покажа дека 74 отсто од Хрватите сакаат да знаат колку заработуваат нивните пријатели, соседи и познаници. Испитаниците од Хрватска се најсклони да откријат информации за плата на пријатели и познаници (69 отсто), додека испитаниците од Латвија (51 отсто), Финска (54 отсто) и Полска (54 отсто) се најмалку склони да откријат информации за истото.
Сања АтанасовскаИзвор: ФАКТОР