ЛАФ-МУАБЕТ СО СТЕФАН АНДОНОВСКИ: ПОВЕЌЕ СЕ РАДУВАМ НА РАЗГОВОР СО СЕМЕЈСТВОТО ВО ПИЖАМИ ОТКОЛКУ ВО СКАП РУЧЕК СО ЛУЃЕ КОИ НЕ ГИ ЧУВСТВУВАМ КАКО „СВОИ“

Непосреден, односно пресретлив, едноставен во односот со луѓето и елоквентен, таков е Стефан Андоновски - советник на градското собрание, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и раководител на партискиот истражувачки и аналитички центар, со кого разговаравме опуштено и отворено за неговата професионална ориентација, вклучително и за приватниот живот, од подруг аспект. 

За разлика од многумина, не се фингира, а очигледна е и неговата филокалија, т.е. љубовта кон етичкото, убавото, чесното. Стефан инаку е првиот и засега единствениот Македонец што магистрирал со десигнација cum laude (со почести) на SAIS (Школа за напредни меѓународни студии) при вашингтонскиот универзитет Џонс Хопкинс.

ММ: И покрај толкавиот брејндрејн (одлевање на интелектуалците, егзодус на мозоците), Вие решивте да се вратите од Америка. Зошто? Кој беше мотивот?

Кога животен повик ви се меѓународните односи, вие не сте човек кој живее за профит или за богатство. Често, тоа го правите затоа што сакате да ѝ помогнете на својата држава. Мојот мотив за студирање во Америка беше да учам од најдобрите во оваа фела. Па сепак, ако стекнатото знаење не го пренесете дома, барем кај меѓународната политика - тогаш, за мене тоа ќе значеше една пропуштена шанса. Чувството дека нешто ѝ должите на татковината, оттука е и мотивот и обврската да се обидете да ѝ вратите најдобро што знаете. Затоа, сѐ додека имам каков било простор за придонес, јас ќе останам тука за да ја направиме Македонија онаква каква што посакуваме да ја видиме.

ММ: Што научивте таму кога се работи за стилот, начинот на живеење? Што Ви се допадна кај Американците, што „презедовте“ од нив? Што не Ви се допадна во Америка, која е дистинкцијата меѓу Американците и Македонците во таа смисла? Ви се допаѓа ли американијадата? Каков е Вашиот став кон неа?

Ми се чини дека ние како Европејци (и ние Македонците во таа група) сметаме дека Америка е едно исто, независно дали се наоѓате во Њујорк или Њу Орлеанс. Но, тоа е толку голем простор, толку многу култури се наоѓаат на едно место што тешко е да се дефинира што поконкретно е нивниот цивилизациски стил. Ако со една фраза сепак треба да се опише, тоа би било - земја на можности. Таму, само ако напорно работите, можете да успеете. Независно од верата, расата, јазикот што го зборувате, возраста.., простор има за секого.

Мене лично, искуството во САД ме промени и во начинот на живеење, и во размислувањето, и во перцепцијата за материјалното и духовното. И можам да одвојам неколку работи кои ги „купив“ од Америка. Прво, односот кон облекувањето и пазарувањето. Таму научив дека можете да купувате кога е попуст, да заштедите, а еднакво да сте задоволни од нештата кои сте ги купиле. Толку многу луѓе гледате во еден ист ден и толку никој не го засега како сте облечени што можете да бидете целосно свој, слободен и неоптоварен. И второ, посуштинско, мислам дека таму го променив односот кон работата. Ми личеше дека Американците се многу поработливи од нас. Избираат област која ги привлекува и во која се добри и работат многу напорно во неа. Работниот ден трае и по 15-16 часови. Мислам дека ние сме помрзливи, генерално. Сакаме да правиме долги паузи додека сме на работа, кафињата ни траат со часови, и понеделник ни е ден за кафеана или дискотека, навистина многу порелаксиран живот. Не велам дека тоа е добро или лошо, но секако резултатот се гледа во економскиот напредок на општествата.

Сепак имаше и работи кои не ми се допаднаа во нивниот начин на живот. Сѐ во Америка се продава во XXL пакување. Бургерите, автомобилите, кока-колата... На пример, ако пазарите во маркет, најисплатливо е да купите еден галон млеко (3,6 литри). Кога човек живее сам или со цимер, нема никаква логика да купувате толку многу млеко затоа што тоа лесно се расипува. Замислете колку храна се фрла. Уште посуштинско, кај нив силно развиен е индивидуализмот. Не градат некоја топлина помеѓу луѓето, туку се фокусирани исклучиво на личните потреби во моментот. Некогаш имате чувство дека може да ви се слоши на улица, а никој да не подзастане да ви помогне затоа што сите се „опседнати“ со својот живот и својот мобилен телефон.

Ако ја сфатиме американијадата пејоративно, како нешто што е според вкусот на американската површна публика, евтини трикови, мигновени ефекти - мислам дека ќе погрешиме во анализата на ефектот на влијание кој го има американската цивилизација врз светот. Со развојот на социјалните медиуми, Нефликс, ХБО и глобалните брендови, живееме во свет на комерцијална (консуматорска) цивилизација. И тоа носи и добри и лоши влијанија. Добро е што сѐ повеќе луѓето зборуваат за екологија, здрав начин на живот, дигитализација, отвореност. Но, лошо е што заборавивме на емпатијата, чувствата на луѓето, станавме површни, себедоволни... Од субјект во деловниот свет, полека стануваме објект - па се продаваат нашите податоци на интернет, профили на социјалните мрежи, контакти, куповни навики.

ММ: Можете ли да го дефинирате својот начин, стил на работа? Ми се чини дека политикантсвото е доминантно, како да преовладува. Кои особини треба да ги поседува еден професионален политичар? Како е тука, во Македонија?

Сѐ уште не прифаќам да се нарекувам професионален политичар. Мислам дека оваа работа треба секому да му биде привремен ангажман, кога смета дека може да го даде максимумот за сопствената држава и народ и онолку колку што го држат силите.

Лично јас, кога ќе си земам важна задача, не спијам додека не ја завршам на најдобар можен начин. Се трудам да градам работни навики кои мислам дека не се честа пракса кај нас. Работам до доцна во ноќта, многу читам и домашна и светска литература од политика, историја, па сѐ до психологија, гледам да сум добро информиран и да учам од другите луѓе. Во секој проект што го работам создавам мали, но ефикасни тимови. Постојано се трудам да градам контакти за кои сметам дека ќе го преживеат тестот на времето. Едноставно кажано, барам искрени луѓе со чесни намери. И со нив сакам да соработувам.

За жал, и луѓето во политиката, и оние во медиумите, се повеќе фокусирани на добар наслов, ефектна секвенца, „бомбастична“ изјава која „лепи“, наместо дискусија за политики, за идеологија, за спротиставени мислења, за прочитани филозофии. И оттука, се мешаат критериумите и квалитетите кои еден човек треба да ги поседува. Дополнително на тоа, светот како да го зафаќа еуфорија на недоличното, што го засилува трендот на вулгаризација на политиката.Сепак, мислам дека скромноста и врвниот квалитет, можеби малку подоцна, но излегуваат на површина. И се ценат. Особено ако се сметате дека сте човек за долги патеки - без желба за инстантен успех.

ММ: Постои ли џентлменски однос меѓу политичарите? Според Вас, кои се битните карактеристики на џентлмените? Има ли тука, за кои политичари можете да кажете дека се вистински, прави џентлмени? Дали се сметате за џентлмен?

Мислам дека сум премлад да ги имам сите квалитети на вистински џентлмен, за вистински џентлмен потребно е и богато животно искуство. Јас се водам од принципот дека во секој меѓучовечки однос треба да влезете со почит. Дали тој однос понатаму ќе се развива кон меѓусебна почит, секогаш оставам да зависи од другиот.

Кај нас некако како да заборавивме на џентлменството во политиката. И, иако можеби ќе се сфати еднострано, мислам дека за тоа се виновни политичките „бомби“. Тој непримерен воајеризам ги направи и политичарите да не си веруваат меѓу себе, а и граѓаните да имаат најнегативни чувства кон политиката. Иако тоа се случи пред повеќе од 6 години, негативните ефекти сѐ уште силно ја валкаат македонската политичка сцена. Затоа можеби решението е во новите генерации кои треба да направат разлика од минатото.

Ако зборуваме за примери, од дома ме учеле дека не треба во животот да се имаат идоли, но сепак би ги одвоил Винстон Черчил и Барак Обама како светски лидери со силна доза на џентлменство во нивниот политички хабитус. Од македонските политичари, на неприкосновено место е професорот Љубиша Георгиевски. Џентлмен во зборувањето, во мислата, во облекувањето... Едноставно, редок светол пример за македонски политичар par excellence.

ММ: Сметате ли дека манирите во смисла на добро воспитание, однесување и пристојност исчезнуваат полека? И бескрупулозноста е доста присутна. Како да ги вратиме?

Пристојноста е како евергрините во музиката. Можеби во моментов ви е интересна некоја „шунд“ песна, но секогаш ќе им се вратите на евергрин песните. Бескрупулозноста покажа дека носи брзи резултати, и затоа луѓето ја применуваат. Но, уверен сум дека на долг рок ќе победи доброто воспитание и однесување.

Сепак, доколу општеството, партиите, компаниите дозволат да бидат управувани од просечни луѓе чиј единствен квалитет е потпикливоста, поткупливоста, немањето став и карактер, тогаш мислам дека нема да има простор за напредок. Решението е во тоа најдобрите да предводат. Доколку таа коцка од мозаикот вистински се намести, останатото ќе следи по неа.

ММ: И стилот, начинот на облекување има особена важност, значење кога се работи за комплетниот впечаток на еден господин човек. Што мислите, каква порака испраќате на обичните луѓе преку Вашата облека во смисла на естетика, се разбира?

За жал или за среќа, се наоѓам во јавна професија каде што првиот впечаток е пресуден. Оттука, многу се трудам секогаш да изгледам средено, чисто и складно. Се трудам да се облекувам како што ми е удобно, мислам дека луѓето веднаш би ја забележале неудобноста, па избегнувам да носам парчиња што не „припаѓаат“ на мојот карактер и тело. Сигурен сум дека на пазарот има облека за сечиj вкус и џеб, така што нема потреба да се облекувам во нешто што не ми e пријатно или e астрономски скапо платено. Верувам дека кога на некого му е удобно во облеката, околината тоа може да го забележи.

Секогаш сум облечен во согласност со локацијата, пригодата и опкружувањето. Не ми се допаѓа кога политичари одат на планина со чевли за в театар. Избегнувам пренагласеност, па дури некогаш знам и да сум си здодевен во изборот, но сепак не мислам дека задача на политичарот е да забавува со изгледот. Тука место треба да имаат телевизиските и уметничките ѕвезди.

Сепак, покрај облеката, сметам дека ставот кој го имате - држењето, зборувањето, говорот на телото, се оние кои повеќе зборуваат за вас отколку вашата облека. Многу ми се допаѓа стилот кој го пропагира ИТ индустријата - лежерно, cool - каде што повеќе зборува мозокот наместо паричникот.

ММ: Како ќе го дефинирате Вашиот стил, начинот на облекување? Кои се Вашите омилени парчиња облека? Што Ви е „слабост“?

Заради политиката, често морам да се облекувам поформално. Мислам дека од многу млад првпат облеков костум и затоа тоа не сакам многу рано да ми стане пракса. Мојот прв избор е секогаш smart casual: фармерки и кошула. Тие ми се најлесни за комбинирање поради многубројните настани и обврски кои ги имам.

Она што во последно време ми е интересно за експериментирање е оксфордскиот стил на бизнис casual - кошула со некој симпатичен дезен, памучен пуловер во различна боја и chino памучни панталони, со оксфорд чевли. Пуловерот знам да го заменам со некое сако со џебно шамиче или, пак, да додадам и некоја интересна вратоврска.

Можете да ме видите низ градот во блуза со качулка со натпис од мојот факултет, фармерки и патики, но и во костум кога станува збор за формална пригода. Сепак, секогаш се трудам сѐ што носам да е чисто, испеглано и пристојно.

Слабост ми се парфемите, во нив се заљубувам со години. Иако штедам, знам да потрошам и повеќе отколку што ми дозволува буџетот на квалитетен, добар парфем. Веќе подолго време го користам Mr. Burberry Indigo.

ММ: Мислите ли дека брендираната, скапа облека е гаранција за висок, голем квалитет? Имате ли омилена трговска марка?

Во минатото, кога ќе видевте некој познат бренд, тоа секако значеше поголем квалитет. Но, како што „големите“ брендови започнаа да ги ткаат своите парчиња во истите фабрики во кои се произведуваат и „безимените“ брендови, ми личи дека квалитетот веќе не е толку директно зависен од брендот.

Сепак, затоа што често сум во патики, морам да кажам дека мојот омилен бренд е Nike. Некако најмногу ми лежат и во дизајн и во модел.

ММ: Кој или што влијаеше најмногу врз стилот, начинот на живеење што го претпочитате? Можеби Вашите родители, некоја книга, филм? Дали ја преферирате формата пред содржината или обратно?

Сметам дека родителите имаат голем придонес во тоа каков човек сум јас денес. Бев среќно дете во среќно семејство, каде што ми беа пренесени вистинските вредности кои мислам дека нема да се променат без разлика на какви било негативни случувања од секојдневието. Тие ме научија дека квалитетот е поважен од квантитетот, без разлика за што се работи и секогаш се водам по тоа.

Бидејќи стилот на облекување се гради со години, дефинитивно најголемо влијание има мајка ми. Таа е уметник, но и човек кој го почитува класичното, примерното. Нејзините добронамерни критики секогаш ги применувам.

Начинот на живеење во текот на животот мислам дека го градам сам, а најмногу од патувањата. Имам среќа и приватно и професионално да патувам многу. Секое патување ми носи нови сознанија во градењето на мојот стил на живеење, размислување, однесување. Се трудам да учам од секое вакво ново искуство.

Без да звучи како клише, многу повеќе се радувам на разговор со семејството во пижами кога сме сите заедно, отколу во скап ручек со луѓе кои не ги чувствувам за „свои“.

ММ: Какво е Вашето размислување за успехот, и во животот и во работата? Која е неговата мера, т.е. дали се мери со лимузина, хациенда.., т.е. богатство?

Многу доцна сфаќаме дека успехот и во животот и во работата се мери со чувството на среќа и задоволство. Доколку некого повеќе го прави среќен да патува секој месец на нова дестинација, друг да посвети 6 часа во денот на својата градина, а трет да купи нов автомобил, кој е тогаш поуспешен? Најверојатно оној кој го направил тоа што го прави среќен. За мене успех е да бидам човек кој ќе го запаметат по нешто добро. Сакам да создавам добри работи за другите луѓе, да пренесувам позитивни вредности кои ќе остават трага. Ако треба да дадам еден совет, тоа би било - планирајте го професионалниот живот, а уживајте во приватниот. Не обратно. Ми се чини дека само на тој начин може да се постигне чувството на задоволство во двете.

Блиц прашања:

ММ: Која е Вашата страст, најголема?

Раскажани и нераскажани приказни. Сакам да ги читам во книги, слушам во песни или гледам во театар, кино или ТВ серија. Сакам и да ги раскажувам.

ММ: Што Ве иритира најмногу?

Луѓе со просечни квалитети, а со натпросечни амбиции. Подготвени се да газат преку сите и преку сѐ само за да си ја остварат целта.

ММ: На кој Ваш животен потег сте најгорди?

Најгорд сум што станав единствениот Македонец кој магистрирал со десигнација cum laude (со почести)на една од најдобрите светски школи за меѓународни односи.

ММ: Жалите ли поради нешто кое сте го направиле? Постапка, на пример.

Жалам што не продолжив активно да се занимавам со спорт. Посветено тренирав ракомет и тенис, но тоа отиде во втор план со школувањето и политиката. Си ветив дека оваа година тука ќе посветам поголемо внимание.

ММ: Кој аксесоар, моден дотаток Ви е омилен? Дали си го купивте самите или можеби е подарок?

Омилен ми е еден специфичен метален часовник со парчиња бакар во него. Подарок ми е од татко ми и го носам многу често.

Игор Ландсберг

Фотографии: од приватната архива на Стефан Андоновски