Лицата со попреченост не треба да бидат згрижени, туку треба да се оспособат за да се грижат самите за себе
Земја за споредба: Словенија
Дали лицата со попреченост ги уживаат истите права како и останатите? Во многу случаи на лицата со попреченост им е оневозможен соодветен пристап до многу нешта неопходни за секојдневно функционирање во средината.
За правата на лицата со попреченост зборува документарната емисија на Балкон3 „Способности и попречености„ подготвена во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ“ финансиран од Европската Унија.
Земјите членки на Европската Унија овозможуваат стандарди и фундаментални права за лицата со попреченост, еднакви можности, инклузија. Ваквите стандарди и права се занемарени кај нас кога се во прашање лицата со попреченост .
Елена Кочовска, од Здружението Полио Плус вели дека поголемиот број општествени актери се уште гледаат исклучиво со медицинскиот и милосрден поглед кон лицата со попреченост. Според Здружението, организациите на лицата со попреченост се почесто зборуваат за социјалниот модел на прашањето на попреченост што е многу добра промена, аво последно време се повеќе и повеќе овој пристап е актуелен како модел на човекови права. Кочовскадодава дека во нашата заедница поради медицинскиот, религискиот, милосрдниот пристап, голем дел од лицата со попреченост немаат завршено ниту основно училиште. Тие како организација се трудат, ги убедуваат и ги мотивираат лицата со попреченост да дозавршат барем основно образование. Меѓутоа и тука наидуваат на препреки затоа што пристапноста не е решена во самите училишта, нема сервиси за подршка, а во голем дел истата се плаќа. Од тука се донесува заклучокот дека проблемот е подлабок.
Игор Шаиновски, продавач на магазинот Лице в лице ја споделува својата приказна„Како самостоен млад човек сакам да кажам дека сакам да работам, да создавам и да креирам и да кажам дека можам и сам да се гледам себе си. Тоа ми е најголемата цел. Со ова научив како се живее“.
Со години лицата со попречености укажуваат дека околината е таа што ја прави попреченоста, не тие самите. Тие се само обични луѓе како сите други, кои не сакаат да се одлучува во нивно име во замена за згрижувањето.
Словенија е земја членка во Европската Унија која е лидер кога станува збор за правата на лицата со попреченост. Словенија, една од најнапредните нови членки на Унијата, уште од 1991 година почнала развојна стратегија за заштита на лицата со попреченост со која на ова прашање му пристапила со концептот на човекови права наместо со медицинскиот концепт. Биле утврдени приоритетите: здравствена заштита, образование, вработување, социјална поддршка, правна заштита. Во подготовките и определување на приоритетите учествувале и лицата со попреченост, и експертите, и државните власти. Главната цел уште тогаш била – остварување на правото за самостоен живот.
Мира Потокар, директорка на компанијата Желва, Љубљана вели дека словенечкото општество позитивно гледа на лицата со попреченост.
Претпријатието Желва е посебно претпријатие кое почнало во 1991 со тројца вработени, а денес има 267, од кои половината се лица со различна попреченост. Тие извршуваат комунални и други услуги за јавните установи и за други компании. Мотото на претпријатието е дека за секого може да има работно место, тоа само треба да се приспособи.„Прилагодувањето на работните места се одвива така што сите работни места се прилагодени да можат да ги користат и здравите работници и лицата со попреченост… Имаме вработени и со ниско и со високо образование, сите имаат можности за развој на кариерата на ист начин како и здравите работници, тука не правиме разлика„, вели Мира Потокар.
Дарја Завиршек, професорка на Универзитетот во Љубљанасмета дека Законот за лична асистенција е еден голем исчекор кој им овозможува на лицата со попреченост да живеат независен живот. „ Овој закон почна да се имплементира од јануари 2019 и беше навистина голем пробив бидејќи тоа е единствениот начин на кој луѓето со потешкотии и со попречености можат да живеат независно. Но една од работите што се случија кога се имплементираше законот за личен асистент, а што не ги предвидовме, беше дека голем број родители станаа лични асистенти. А тоа не беше, тоа не е смислата на целата работа. Бидејќи независното живеење подразбира дека лицето со попреченост ќе добие поддршка со која таа или тој ќе може да постигне нешта што поинаку не би биле можни. На пример да оди на универзитет, да оди заедно со некого на работа, или да свири музика и други нешта.
Во Словенија нема еден, туку девет закони со кои што се штитат правата на лицата со попреченост. Тоа создава потреба од соработка и ангажман на многу институции заедно. Едно од основните начела според кои се водат политиките е дека ова не е хомогена група. Потребите не им се исти, и пристапот мора да биде различен за сите. Тоа важи и на ниво на целата држава, и на ниво на една фирма“.
Кај нас
Законот со кој треба да им се овозможат подобри услови на лицата со попреченост за да најдат вработување и самите да си обезбедат егзистенција е донесен во 2000 година, а почнал да се применува во 2001 година. Надлежна за неговото спроведување и за раководење со парите што се трошат за оваа намена е Агенцијата за вработување.
Валентина Георгиева од Агенција за вработување е децидна дека согласно овој закон, се предвидува да се доделуваат средства по неколку основи, и тоа по основ на вработување на невработени инвалидизирани лица.
“За што се доделува средства со износ од 20 просечни плати, нето плати, исплатени во РСМ, една година пред вработување на лицето. Потоа се доделуваат средства за адаптација на работно место, во износ до 100.000 ден. Треба да се адапттира просторот, работното место на кое што ќе работи тоа лице“.
Водењето политики со кои се создаваат инспиративни примери не е доволно. Уште помалку, кога тоа го прават невладини организации или други субјекти освен државата. Колку една држава ги почитува правата зависи најмногу од тоа колку напори, средства и сеопфатни мерки таа вложува во остварувањето на тие права без да биде приморана на тоа. Без да и зависи резултатот од изборите од тие мерки. Без да мора да дава отчети кон меѓународните организации и институции кон кои се обврзала. Едноставно, да ги спроведува затоа што треба да се спроведат, и да ги менува и надградува за да постигнат подобри ефекти. А има уште многу што може да се направи.
„Најголем работодавач ни е државата“, потенцира Елена Кочовска. Прашање е зошто ги нема лицата со хендикеп во јавната администрација, ниту како општи работници ниту пак како директори.
“Тоа е сериозно прашање. Зошто државата не ја отвори својата врата за лицата со хендикеп, и нека си ги земе субвенците. Најчесто државата топката ја фрла во приватниот сектор, меѓутоа својот двор никако да го отвори за лицата со хендикеп и ова ќе треба да се промени целосно“.
Без решавање на образовниот јаз, нема да се надмине јазот во вработувањето. Без индивидуализиран пристап, не може да се исполнат условите за секого. Без сеопфатни политики на сите институции, нема да има квалитетни решенија. Тоа ни го покажува европскиот пример. Тоа покажува колку личиме на ЕУ.
Погледнете ја целата епизода: