Македонецот кој запиша студии на 16 години: Во нашата историја тој е најмладиот студент, денес реномиран доктор по економија
Да се биде најмлад студент е привилегија на оние кои имаат натпросечна интелигенција или едноставно толку добро знаат да учат, што неминовно е да се чекор или два напред од своите врсници.
Најмлад студент во историјата на универзитетот Св Кирил и Методиј со запишани студии на 16 години е Александар Караев, сега реномираљ доктор по економија, искусен професионалец во областа на Мали и Средни претпријатија, претприемништво и регионален развој.
Впечатливата работна биографија на Караев содржи 20 годишно иксуство во развој на бизнис и управување со проекти, модерирање на конференции и давање на консултатски услуги.
Интерсно е тоа што овој брилијантен човек спровел повеќе од 300 обуки и презентации за повеќе од 6000 приватни компании, невладини организации и јавни институции во Германија, Грција, САД, Србија,Јордан, Киргистан, Албанија, Азербејџан, Ерменија, Босна и Херцеговина,Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Грузија и Косово.
Неговите обуки ги следеле преку 10.000 луѓе. Основач е на УМФ Тренинг, компанија за обука, и консултантски услуги која им помага на организациите и поединците во подобрување на своите перформанси и оствараување на своите цели.
Сега излегува со неговата прво дело насловено како „Две свеќи’’.
Книгата претставува рефлексија на целото негово досегашно богато професионално, но и приватно искуство. Истражувајќи го патот до среќата, внатрешниот спокој и исполнетиот живот, фокусот го става на благодарноста. Аргументите во прилог на неговиот пристап ги препознава во се поизразената човечка незаситност во која мерката за доволно е целосно избришана.
-Често пати мислиме дека треба да сме благодарни ако се ни оди како што сме замислиле, ако сме среќни. Меѓутоа, среќата и наклонетоста на ѕвездите не треба да се причина за да бидеме благодарни. Напротив, тие се последица. Колку сме поблагодарни, толку посреќни стануваме. Среќата е состојба на умот, а најкраток пат до неа е да го забележуваме она што веќе го имаме- вели Караев.
Понатаму дополнува дека ние го имаме она за кое други сонуваат. Ако не сме благодарни за она што го имаме, зошто би биле среќни со повеќе? На пример никогаш во историјата луѓето не поседувале повеќе материјални добра, а никогаш не биле понесреќни. Имаме повеќе од нашите предци, но и нашите потреби растат. Излегуваме од продавница со полни ќеси храна, гардероба, но сме посиромашни на излезот отколку на влезот.
- Во главата не ни е она што сме го набавиле, туку она што некупено останало на рафтовите. Копнежот по она што го немаме е поголем отколку задоволството од она што сме го купиле. Во главата ни одѕвонува еден збор – “Уште“. Сите поминуваме низ разни животни искуства, кои можат да ни бидат драгоцени учители. За жал најчесто ги игнорираме таквите лекции и им робуваме на стекнатите навики и вкоренетите стереотипи и влијанијата на околината. Тие влијанија се многу суптилни и затоа постигнувањето на вистинска свесност бара вложување на континуиран напор и енергија. На пример често пати мислиме дека со материјални добра – подобра кола, поголема куќа, егзотичен одмор од кој брзаме да ставиме слики на ФБ – го зголемуваме нашиот статус, заборавајки дека вистински статусен симбол се независноста и можноста да располагаме со своето време онака како што сакаме- потенцира докторот.
Неговата мисија отсекогаш била преку консултантската работа и обуките кои ги спроведува, да им помогне на организациите и индивидуите максимално да го искористат својот потенцијал, а ако со оваа книга го инспирира читателот да почне да изградува благодарен став, макар и преку едно дополнително “Благодарам”, тој ќе сметам дека ја постигнал целта.