,

Мажи vs. жени: Жени во сообраќај

Овој пат, во рубриката мажи vs. жени, копјата повторно се кршат на една интересна тема- жени во сообраќајот. Предизвикува поетесата Ана Бунтеска, а поетот Божидар Божиновски враќа со свој став.

Ана Бунтеска

Една од најлошите предрасуди, да не речам шовинизам ми е она дека “жена и автомобил не одат заедно”. Пфффффф, ма немој! Памтам, пред 20 и кусур години кога влегов првпат во кола, инструкторот ме праша “опаааааа, некој ја крадел колата од тато, а?”. А јас пуста, во животот ниту мастика немам украдено, не па кола. Ама нагонски ми дојде кога седнав, едната рака да ми биде на волан, а другата на мењач. И ај шо сум ѕвер за возење (си се фалам де, па што!), туку знам еден куп жени што возат подобро од мажите. Имам другарка која прва зема возачка дозвола од сите нас и ај што вози ко да е родена во кола, туку како за едно прекрасно женствено суштество, знаеше да откачи такви пцости, што дури и на мажите им се креваше коса на глава. Инаку, во живот нема опцуено, дури и тогаш кога сум ја молела да каже нешто гнасно.

Многу се нервирам во сообраќај, признавам дека првата погана работа што ја кажа ќерка ми, беше токму таа што ја научи од мене додека ја возев. Посебно ме нервираат опаските дека мора да е жена зад волан, ако некој вози бавно или заборави да даде жмигавец. Дека па вие мажите ѓоа од денот на раѓање, некоја наречница ве благословила да сте Бог на 4 тркала. Во мојава возачка кариера, сум се изнагледала машки егземплари кои чачкаат нос со она обврзно правење топчиња кои завршуваат некаде низ автомобилот, па такви кои возат навалени надесно, ко да си потпрднуваат цело време. Башка, многу сте бре нервозни во сообраќај. Само свирите, демек колоната ќе исчезне ако легнете на свирка и многу гестикулирате дур пцуете, па не ми оставате на фантазијата што сте ми кажале. Рака на срце, не дека ние сме совршени во вожњата. Мојот најголем грев е дека толку брзам некогаш наутро, што шминкачкиот ритуал ми е додека чекам зелено светло на семафор. И ај што некогаш не стасувам да се дошминкам, па се заборавам и така шетам пола ден, туку што таман кога сум на пат да исцртам совршена линија на окото, некој одзади ме вади од ум дека се вклучило зеленото.

И да, како совозачи сте уште полоши.

-Пази, пешак! (фала на предупредувањето, пешакот го гледам)

-Пазиииииии, застана овој пред тебе (превртување со очи и стискање усни-читај, пред да експлодирам)

-Даде жмигавец?! (ма јок, чекам тој зад мене да развие телепатски способности па да знае дека сакам да вртам)

-Трепка зеленото, тре.....абе трепкаше зеленото! (океј, трепни му и ти, впрочем не е жолто, не е црвено, туку уште е зелено. Што не е јасно тука!)

Митот дека жена не се снаоѓа во сообраќај е ист како оној дека маж не знае да готви, а од тоа можам само да изведам заклучок дека јас сум дефинитвно маж! Нам само ни треба да не ни ја поткопувате самодовербата кога сме во кола. Затоа што, женските возачи дефинитивно се повнимателни од машките, но веќе не знам дали таа внимателност е вродена или е повеќе страв затоа што ни е наметнато дека е тоа машка работа. Ретко кога има жени кои ги носат сопрузите на работа или кои одат да ги земат од работа. Повеќето мажи, дури и незнаејќи, наметнуваат психоза дека возењето е страшна работа, која бара исклучиво машки ум и рефлекси. Мислам, оваааај...па ние жените сме познати дека имаме страшни рефлекси. Не верувате?! Пуштете не’ во продавница кога има попусти, па да видите што е рефлекс да се зграби посакуваното парче облека пред носот на конкуренцијата.

Е сега, да не биде дека сме апсолутно совршени во се’, еве признавам дека не е баш дека знам како се местеше оној триаголникот кога автомобилот мистериозно ќе застане, или дека сум вична да сменам гума. Ама па затоа знам да се јавам во АМСМ, или да си викнам некој од другарите кои се тука како брза единица при проблеми на патот. И тоа е нешто, нели?

Сакам да кажам, намалете со етикетирањето. Можеби полека и ќе научите да уживате додека сме ние шофери. Можеби ќе сфатите дека и нашиот живот е во прашање ако аздисуваме. А дотогаш, само да кажам дека ако уште еден маж ми понуди да ми ја извади колата од паркинг, ќе почнам да врескам на цел глас. Знам дека мислите добро, ама мене возачката не ми ја дадоа оти сум фина, туку оти знам да возам, па и да паркирам рикверц без да удрам во некого и без да ја изгребам колата.

“Жена е тоа, ако даде жмигавец за лево, не значи дека ќе сврти десно. Можеби само ќе продолжи право да вози”...хе-хе-хе, а можеби и ќе застане на сред улица за да си ја докарминиса устата, оти пцовките се поубави кога се кажани преку црвен кармин.

Божидар Божиновски- Моџо Килингтон

Сега демек ме влечиш за јазик да речам дека жените се полоши возачи? Немам видено жена да вози трактор или комбајн што значи дека таа тема не ги интересира многу па ќе мора да зборваме за коли. И не се жените полоши возачи, жените се само различно лоши возачи од мажите.

Ќе прашаш, драга Ана, што значи тоа, а еве и што значи. Жена можно е да ти скриши фар на паркирање, да собере некое столбче, малку да ја изгребе колата или да те прегази ако ја нервираш ама за тоа прво ќе треба да смени од рикверц во прва. Мажите од друга страна се оние шо можат во три сатот сабајле да те соберат на Партизанска да не можат јапонски сатчии да те состават. Што во секој случај е полошо од малку оштетен лим. Полоши сме и шо можеме да се загиниме некаде по селата по патишта оти не прашуваме.

-  Мислам дека стигнавме на белоруска граница...

-  Уживај ти жено, од тука се оди за Радожда, јас го знам патот...

И нормално неизоставното – поубо возам пијан... Да возеше поубо пијан колите ќе одеа со литар ракија немаше да ги прават со 17 перничиња. Полицијата ќе те застануваше да дуваш и ако си трезен ќе ти даваше да пиеш.

-  Колку дувна?

-  0 промили...

-  0 промили? Па од вакви се гини по патиштата, срам да ти е!

-  Се извинувам... Прв пат ми е трезен да возам, жими мајка.

-  Немој ти мене тие финти, колега донеси три текили. Ми се гади од вакви несовесни...

Поинтересно од ова, шо сме како полови различно лоши во возењето е можи и психологијата зад тоа. Нисам психолог ал могу да погледам и други пресмешки шо ги носат на маици. Ако тргнеме дека сѐ што правиме е за секс (а е, не пишам овде за да ве просветлам) и самото возење и избор на кола е за секс. Традиционално и антрополошки (јеботе МАНУ отварајте вратите) желбата за расплод и сношај е таа движечка сила. Пред моногамијата беше многу поедноставно ама некои средни педали во развојот на човекот уште го носат до таа фаза. Колку повеќе секс толку повеќе шанси за младунче, не дека на светот уште то му фали ама природа. И изборот на кола е то.

Сега нормално дека не ве интересира колата туку да можите со чаша вино да правите муабет за Борхес, Маркес, Неруда и алтернативен исландски филм ама некаде тој куп лим брка работа за тоа што е купен. То е само начин за привлекување на внимание. Кај некои позитивно, кај некои види го сељакот ама 99 „Не“ и едно „Да“ е сепак „Да“... Сепак полесно е да си сељак со кола од 100к евра отколку да куцаш овде одговори на колумни и да одиш пешки. Животиште...

 Може зато е и она излезено дека тие шо имаат големи коли имаат мали органи за расплод. Од ние шо имаме мали, а немаме коли.

Пошто е 21 век, мора да опфатиме и една друга група на возачи, ако се возачи, оние на електрични тротинети. Тука секој род, машки, женски, флуентен, трет, седми род е хаос. То вози по велосипедска патека, на улица, автопат, на места за пешаци уште се немаат со авион судрено, веројатно затоа што немаше летови. Само одиш и ко комарец покрај тебе „зззззззз“... Согласни? Да. ОК...