Мр.фарм. Филип Ачкоски- топедукатор: Мораме да прифатиме дека добриот имунитет е инвестиција во себе
Овој човек едноставно е создаден да биде лидер. Со сето знаење што го поседува, тој ја буди свеста кај народот за здравјето и важноста од здрави животни навики. Филип Ачкоски е магистер по фармација со 15 годишно регионално искуство, експерт за маркетинг и продажба, организатор, водител и активен учесник на бројни семинари, работилници и едукации на здравствените работници со цел унапредување на континуираната медицинска едукација. Тој е топедукатор и промотор на здрав животен стил, организатор и активен учесник на бројни кампањи и настани за подигање на свеста кај популацијата за здравјето, менаџер во PharmaS... Многу нешта кои ги обединува, се‘ во служба на здравјето. Издаде и книга со наслов 50=100 (50 Здравствени совети за првите 100 години од животот) и претставува круна на проектот Топ Едукатор на кој работеше во изминатите 2 години.
- Основна цел е подигнување на здравствената свест и култура, градење здрави навики и подобрување на сопственото здравје кај општата популација. Кмигата 50=100 има за цел на едноставен начин да го подигне разбирањето на обичниот човек за најчестите медицински проблеми со кои се соочуваме секојдневно на пр. покачен холестерол, дијареа, имунитет, дијабет, чести инфекции, покачена температура итн. Книгата е практичен водич за самопомош на пациентот, дава препорака за превенција на состојбите, ни овозможува да ги препознаеме раните симптоми на болестите и не насочувакога да се јавиме на лекар. На овој начин сакам да го дадам мојот личен придонес во зачувувањето на можеби најважниот сегмент од нашиот живот – здравјето- вели Ачкоски.
ММ. Едукацијата е основната алатка за подобро
знаење, проширување на видиците и ментална гимнастика. Вие сте топедукатор,
врвен во едукација. Што всушност потпаѓа под таа едукација?
- Во текот на моето повеќе од 15 годишно професионално работно искуство како фармацевт и менаџер во здравствениот сектор во Македонија и регионот, имав можност да бидам организатор, водител и активен учесник на бројни семинари, работилници и едукации на здравствените работницисо цел унапредување на континуираната медицинска едукација. Можеби и уште позначајно, како едукатор и промотор на здрав животен стил, организирав и учествував во бројни кампањи и настани за подигање на свеста кај општата популацијата за важноста од изградба на здрави животни навики. Покрај ова работиме и специјални едукативни активности во чиј фокус е продажниот и маркетинг аспект во однос на промоцијата на безрецептните лекови и додатоците во исхрана. Согласно со моето професионално миље го изградив брендот - Топ Едукатор кој подразбира промоција на здрав животен стил преку едукација и личен пример.
ММ. Вашата област покрива повеќе полиња, сите во служба на здравјето. Па, како да си го сочуваме здравјето гледано од ваш аспект? Што е она на што треба да обратиме посебно внимание?
- Мојот принцип инсистира на наше прифаќање на сопствената одговорност за своето здравје и здравјето на нашето семејство и превентивно делување. Ова секако подразбира висока свест и основна здравствена едукација и пред се фокус на здрава исхрана, физичка активност, добра хигиена, наоѓање време за себе како и правовремена и соодветна суплементација со неопходните витамини, минерали и други клучни елементи за сочувување на оптимално физичко и ментално здравје.
ММ. На кој начин да се стекнеме со силен имунитет? Посебно во период кој е критичен за настинки и вируси, вклучително и коронавирусот?
- Мораме да прифатиме дека добриот имунитет е инвестиција во себе, а не нешто што се гради преку ноќ. Сепак, особено во периодот есен- зима корисно е да го надополниме здравиот животен стил со минимум три- месечно засилување на имунитетот со природни додатоци во исхраната. Ако треба телеграфски да набројам има барем 5 имуномодулатори кои се корисни за ‘’бустирање’’ на нашиот имунитет во овој период: Бетаглукани, пробиотици, витамини Ц и Д, како и минералот цинк, се разбира во точно дефинирани дневни концентрации.
ММ. Како ни помагаат наведените минерали и витамини во овој зимски период?
- Бетаглуканите се силни природни имуностимулатори кои ги активираат макрофагите кои го штитат организмот од навлегување на патогени. Витаминот Д, освен што е клучен за нашите коски и заби, помага и за намалување на воспалителните процеси приреспираторните и гастроинтестиналните заболувања. Витамин Ц има силно антиоксидативно дејство, ги неутрализира штетните дејства на слободните радикали и го намалува заморот и исцрпеноста. Цинкот придонесува за нормалниот киселинско-базен метаболизам, ги штити клетките од оксидативен стрес и учествува во изградбата на лимфоцитите со што директно го засилува имунолошкиот систем. Пробиотицитепомагаат за добро варење на храната и го чуваат интегритетот на нашиот дигестивен систем. Специјализирани пробиотици вршат директна стимулација на создавање на антитела и овозможуваат подобар имун одговор.
ММ. Какви пробиотоци да се користат?
- Постојат бројни видови на пробиотици, но најкористени се т.н. лактобацили (млечно киселински бактерии) кои имаат докажани позитивни метаболички ефекти и висок степен на безбедност. Зависно од намената се користат специјализирани подвидови пр. Lactobacillus reuteri- при бебешки грчеви и хеликобактер, Bacillus subtilis – за засилување на имунитетот, Saccharomyces boulardii за примена со антибиотици и при дијареа итн.
ММ. Каква исхрана треба да се применува во текот на овие месеци? Телото е склоно кон здебелување во студените месеци...
- Зимскиот период е особен предизвик за задржување на добрата линија, од една страна заради значајно намаленото движење и активности на отворено а од друга страна и заради помасната храна која се конзумира и зголемените количини на алкохол. Овие 3 фактори се уште поизразени во тековната корона криза и значајно го забавуваат метаболизмот. Сепак нашиот фокус треба да биде на свеж, сезонски зеленчук и овошје секојдневно, во количини од 300-400 грама, интегрални житарки и доволни количини на вода. Кон ова секако може да додадеме и суплементација со пробиотски комбинации и јаболков оцет, со што би го оптимизирале нашиот метаболизам во периодот на ‘’седечки живот’’ и гастрономски искушенија J.
ММ. Колку течност во текот на денот треба да внесуваме и дали тоа подразбира само вода?
- Потребниот внес на течности варира во зависност од возраста и физичката активност, но сепак за возрасен човек дискутираме за некои 2 до 3л вода на ден. Иако може да имаме бенефит од пиење на чаеви или свежо цедени, незасладени овошни пијалоци, сепак треба да се избегнуваат безалкохолните пијалоци со шеќер (особено газираните) бидејќи се штетни за забите и желудникот, а може да бидат и причина за зголемена телесна тежина и дијабет.
ММ. А, што е со месото? Штетно ли е или сепак има бенефити за нашиот организам?
- Доаѓам од семејство каде месната исхрана е вообичаена база на главниот оброк во денот па сум малку субјективен по ова прашање. Шегата настрана, квалитетната месната исхрана е клучен снабдувач на организмот со протеини, но и витамини Д , Б12 и железо со што се спречува разни анемии. Притоа не треба да се претерува, особено во постара возраст, и да се држиме до 3 месни оброци неделно, пред се посни меса (јунешко, пилешко) а масните меса (свинско, јагнешко) да се остават како мали задоволства за посебни прилики.
ММ. Што е со физичката активност? Дали навистина може да го отстрани стресот?
- Умерена физичка активност од барем 30 минути до 1 час дневно ќе ни донесе значајни бенефити како за физичкото здравје така и за нашата психичка благосостојба. Притоа важно е да го одбереме оној спорт кој што ни прави задоволство и за кој сме физички подготвени. Сепак, доколку не сте професионален спортист, немојте да претерувате, поради опасноста од повреди но и предвремено стареење и срцеви проблеми. Значајно е и да не вежбате навечер, особено после 21 часот, бидејќи покачениот адреналин може да го попречи Вашиот мирен сон.
ММ. На што мажите треба да обратат внимание во поглед на нивното здравје?
- После 30- тата година, секоја декада од животот носи специфични здравствени ризици. За машката популација, за жал со новите сознанија веќе после 35тата, тоа се пред се покачениот холестерол, триглицериди, крвен притисок, дијабет итн. Во петтата декада покрај споменатите кардиоваскуларни ризици, треба да се обрати особено внимание и на здравјето на простатата и дебелото црево а понатаму стануваат актуелни и проблемите со еректилна дисфункција. Освен здравата исхрана и редовна физичка активност, важно е мажите да не претеруваат со цигари и алкохолни пијалоци бидејќи тоа може да ги направи пациенти пред време...
ММ. Кога не работите, како се релаксирате, каде одите, што правите? Дали сте семеен човек? Што ве исполнува најмногу?
- Како семеен човек со 2 мали момчиња поминувам доста време во заеднички активности, пред се од спортско-едукативен тип. Сепак се обидувам да балансирам и најдам време за себе и за релаксација, што искрено кажано, во тековнава ковид-19 криза е речиси невозможно. Во нормални услови, водам доста активен живот, го користам слободното време за разни патувања низ Македонија и во странство, редовно спортувам (кошарка и фитнес пред се) и се обидувам да ги одржам старите пријателства. Тие дружби за среќа сеуште се разновидни од спортски настани и концерти, до излети во природа или дружење во ресторан.
ММ. Најдобар ваш совет кој треба да го запамтиме?
- Сметам дека секој треба да прифати дека, во најголем дел, работите зависат од него, и да не се оптоварува со оние нешта на кои не можеме да влијаеме. Иако достигнувањето на оваа умствена позиција не е лесна задача, овој модус ќе ни даде сила да дадеме максимум и кога имаме тешки периоди а од друга страна ќе ни помогне да најдеме задоволство и во малите нешта.
Небојша Толески