На Бугарите им се исуши, а сега вирее само кај нас и никаде во светот

Постојат растенија кои се развиваат на само мал број локации или само на една. Таквите се викаат ендемични видови. Ние имаме неколку на нашата територија, ама едно најверојатно расте само во Македонија и скоро да не вирее никаде во светот. Видот Astragalus physocalyx има регистрирана единствена популација на само една локација во земјава. Се работи за таканаречениот меурест козинец кој расте во јужниот дел, односно во близина на Богданци.

Растението за прв пат е откриено во градот Пловдив во Бугарија. Во 1902 година, поради вадење камен, уништено е единственото познато живеалиште на козинецот и видот се сметаше за изумрен подолго време. Цар Борис III учествувал во неуспешни експедиции за да го бара. Во 1950 година, во долината Струма кај селото Кулата биле откриени две растенија. Во 1961 година тие биле транспортирани во Ботаничката градина во Софија, каде што се одгледувале под строг надзор. Во 1976 година, шест растенија од ботаничката градина беа засадени на местото на првичното откритие на видот, меѓутоа, само едно од нив се вкорени, кое наскоро се исуши.

Неколку години подоцна, изолирани единици на козинецот беа пронајдени во Македонија. Во 2006 година, видот повторно беше пронајден во Долината на Струма. Исто така, видот неочекувано беше откриен во Турција но тој не наликуваше сто процентно на ова растение.

Инаку, Родот Astragalus е доста голем, опфаќа околу 3.000 видови кои всушност ѝ припаѓаат на големата фамилија растенија Fabaceae, од која попознати претставници ни се гравот, грашокот и леќата.

Популацијата има органичено подрачје каде расте и се развива, со мал број на единки, најчесто затскриено во густите боцкави грмушки на дабот прнар (Quercus coccifera). Расте на надморска височина од околу 200–300 метри.

Козинецот е повеќегодишно растение кое може да се размножува со помош на долгите подземни корења, па затоа и најчесто се сретнува во групи од повеќе единки, или пак со помош на семето.

Цвета во рана пролет во периодот април–мај. Има преубави розови или бледорозови цветови со големина од 1,5 и 2–2,5 см. Листовите се исто така малечки и подредени во круг при што формираат розета. Чашкините ливчиња пак се надуени и споени во форма на топчиња и во нив подоцна се развива плодот со семчиња. Плодот на козинецот како и на сите претставници на фамилијта Fabaceae е мешунка.

Некои видови од родот Astragalus имаат традиционална употреба за производство на природна гума за џвакање тракакант, додека други видови се користат како лековити билки (Abtahietal., 2015). Сепак, нема податоци за употреба на Astragalus physocalyx за медицински или индустриски цели во Македонија.

Растението е дел од црвената алармантна листа на строго заштитени диви видови во Македонија.