Најдобрите шпиони не биле луѓе: Од сите проекти на ЦИА, овој е најбизарен

Се слушаше само шушкање на црни пердуви додека гавранот слета на прозорецот од станот во една зграда некаде во Источна Европа. Птицата останала таму некое време, а потоа одлетала. Во станот од другата страна на прозорецот, никој не го крена погледот од документите и вотката на масата, ниту пак внимаваше на парчето гипс што и онака најверојатно паднало од старата зграда.

Сепак, оние во станот веројатно ќе беа повнимателни доколку знаеја дека навидум незначајното парче не дошло од покривот на објектот, туку од седиштето на ЦИА, дека содржи електричен предавател доволно моќен да го пренесе нивниот разговор и дека големиот црн гавран не бил само обична градска птица, туку обучен агент на американската влада!

Да, добро прочитавте! За време на Студената војна, американската тајна служба тренирала шпионски животни!

Античка практика

– Никогаш не сме сретнале животно кое не би можеле да го тренираме – рекол Боб Бејли, кој целиот свој живот го посветил на тренирање на животни и бил еден од главните луѓе во тогашниот центар „Animal Behavior Enterprises“ во Хот Спрингс.

Во интервју за списанието Смитсонијан пред неколку години, тој потсети дека употребата на животни за воени цели датира уште од античка Грција. Работата на неговиот тим, сепак, сето ова го подигна на повисоко ниво.

Пред многу децении, набргу откако тој почна да работи со тимот во Хот Спрингс, започнаа посетите од различни разузнавачки служби. Студената војна беше на својот врв.

- Дојдоа кај нас да им го решиме проблемот. Животните можат да одат на места каде луѓето не можат да одат без да привлечат внимание – објаснува Бејли.

„Акустично маче“

Првите животни кои се приклучија на трката од Студената војна беа делфините. Врз основа на делумните документи на ЦИА кои се појавија во јавност во 1976 година, може да се види дека делфините биле обучени да откриваат подморници и дека Советите имале слична програма.

Еден од првите проекти на кои работеше Бејли беше оној со животни за кои многу луѓе мислат дека е невозможно да се обучуваат - мачки. Проектот беше наречен „Acoustic kitty“.

– Откривме дека е можно да се научи мачката да слуша човечки гласови, а помалку да реагира на звуци од околината – вели Бејли и додава дека на овој начин ова животно може да се претвори во многу добар апарат за слушање.

Во проектот беше вклучен и Робин Мичелсон, калифорниски отоларинголог и еден од пронаоѓачите на имплантот за човечки слух. Идејата беше да се постави жица што ќе оди од внатрешното уво на мачката до уред за снимање вграден во нејзините гради. Ова ефикасно би ја претворило мачката во жив уред за слушање.

Во книгата „Spycraft“ се наведува дека „акустичната мачка“ била наменета да прислушува неименуван азиски лидер. Во друг дел од „Волшебниците од Ленгли“ се цитира поранешниот службеник на ЦИА, Виктор Маркети, кој тврди дека овој проект пропаднал за време на теренското тестирање.

- Ја истовариле мачката од комбето, дошло такси и ја прегазил! И така, таму седеа во комбе со најсовршената опрема за прислушување на светот, а мачката беше мртва - тврдеше Маркети.

Бејли нема податоци за неуспехот (или успехот!) на овој проект, а ЦИА го одби барањето на новинарот на списанието Смитсонијан за документи поврзани со обука на животни за разузнавачки цели, наведувајќи дека „постоењето или непостоењето на бараните документи моментално е класифициран како доверливо“.

Шпиони кои времето ги „прегазило“...

Бејли со задоволство зборува за други проекти. Во текот на 1960-тите и 1970-тите, неговиот тим изградил модел на град на фарма од 270 хектари врз основа на фотографиите што ги добиле.

– Ова е просторијата во која сакаме да влеземе. Можеш ли да го натераш гавранот да стави уред таму за да можеме да слушаме“, се сеќава Бејли на еден разговор, иако нема да открие со кого го имал.

Тренирал и гулаби кои летаат пред воените колони и со слетување сигнализирале за присуство на непријателски војници доколку видат луѓе. Проблемот настанал доколку гулабите не налетале на никого. Тогаш тие едноставно ќе одлетаа и никогаш нема да се вратат.

На прашањето дали неговите животни некогаш биле користени во вистински операции, Бејли одби да даде конкретен одговор, но рече дека гавраните и мачките биле „ставени на позиција“. Таму стигнале главно скриени во дипломатски торби. Тој признава дека и самиот еднаш шверцувал обучен гавран на редовен, комерцијален лет.

Сепак, судбината на овие проекти сè уште е обвиткана во мистерија. Обуката на животни за разузнавачки цели беше официјално прекината од ЦИА во 1975 година по истрагата на Комитетот за злоупотреба на неколку американски разузнавачки агенции.

Бејли смета дека употребата на животните како шпиони е надмината денес бидејќи уредите за слушање се многу полесни за инсталирање и можат да бидат насекаде и со која било големина. Така, времето ги надмина неговите мачки.

извор:istorijskizabavnik