Научниците спуштија камери на дното на морето и открија живот на експлозивни направи
На дното на Балтичкото и Северното Море се наоѓаат огромен број неексплодирани воени направи од Првата и Втората светска војна, вклучувајќи торпеда, крстосувачки ракети, па дури и нацистички ракети.
Се проценува дека само во Балтичкото Море се наоѓаат околу 1,5 милиони тони такво оружје. Иако е опасно поради експлозиви и токсични супстанции, оружјето се претвори во неочекувани живеалишта за морскиот свет. Имено, германските научници забележале неочекуван раст на морскиот свет на дното на Либечкиот Залив (дел од Балтичкото Море), на длабочина од приближно 20 метри, во близина на градот Болтенхаген на северот од Германија.
Тим научници од Научниот институт „Зенкенберг“, предводен од Андреј Веденин, забележал дека бројни видови - од црви, школки, алги и ракови до морски ежови и ѕвезди - се населуваат на металните површини на овие направи, кои служат како привремени „вештачки гребени“.
Долгорочни планови
„Се подготвувавме да видиме значително помал број од сите видови животни. Но, се покажа спротивното“, објаснува Веденин. Десетици илјади единки на квадратен метар беа регистрирани на одредени површини, значително повеќе отколку на околното морско дно. Резултатите од истражувањето беа објавени во четврток, 24 октомври, во списанието Communications Earth & Environment.
Експертите објаснуваат дека металните површини и тешко достапните живеалишта, ненарушени од риболов или човечка активност, привлекуваат живот, додека поголемиот дел од дното на Балтичкото Море е рамен и сиромашен со живеалишта поради отстранувањето на камења и карпи кон крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век.
Иако новото живеалиште е изненадувачки позитивна глетка, научниците предупредуваат дека присуството на експлозиви и токсини носи долгорочни ризици за екосистемот. Во моментов се истражува степенот до кој организмите апсорбираат загадувачи и каков е нивниот репродуктивен капацитет.
Планирано е да се користат камери за долгорочно следење на однесувањето и растот на морските заедници на метални површини. Германската влада покрена иницијатива вредна сто милиони евра за пронаоѓање и неутрализирање на оружје во Балтичкото и Северното Море, додека некои научници предлагаат поставување вештачки гребени на местата на отстрането оружје со цел да се зачуваат новосоздадените живеалишта.