Навремената едукација е клучна за здравјето и благосостојбата на тинејџерите

Кога информациите течат со брзина на светлината, тинејџерите се соочуваат со безброј пораки за тоа кои треба да бидат, како треба да изгледаат и што треба да постигнат. Ваквите притисоци, комбинирани со очекувањата за училишните обврски, пријателствата и семејството резултираат со преоптовареност кај младите луѓе, што понекогаш води и до изолација. Затоа, од клучно значење е да се одговори на итната потреба за образование и отворен дијалог - не само за тинејџерите, туку и за нивните родители - за младите да можат да донесуваат информирани одлуки за нивното физичко и ментално здравје.

Токму ова е една од темите којашто се начнува во новата кампања „Во ист ритам“, спроведена од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија.

Преку две кратки видеа во коишто главни ликови се тинејџери, нивните родители и психолози, тие прикажуваат само дел од предизвиците со коишто се соочуваат младите и за коишто е потребно да се зборува во рамки на образовните институции.  

„Адолесценцијата е време на огромни промени, и физички и емоционални, а на тинејџерите им треба водство и поддршка за да развијат здрави навики и механизми за справување. Сепак, истражувањата и искуството покажуваат дека децата на оваа возраст ретко зборуваат со родителите за степенот до кој тие борат со предизвиците, стресот, анксиозноста и сликата за себе. Немањето на целосни информации понатаму ги ограничува родителите во можноста да ги адресираат овие предизвици во разговор со своите деца, коишто одговорите често ги бараат на погрешни места, што ги спречува да ги донесат најдобрите одлуки за нивната благосостојба“, објаснуваат од ХЕРА.

Во едно од видеата откриваме дека иако родителите можеби веруваат дека нивните деца прво ќе се обратат кај нив со своите проблеми, поголема е веројатноста тинејџерите да им се доверат на своите врсници со коишто споделуваат слични искуства.

Преку објаснувањата од Кирил Тројачанец, психолог и експерт за стрес, откриваме и дека анксиозноста е најчест проблем кој влијае на менталното здравје кај тинејџерите, дека булингот влијае и на тинејџерите кои не се директно вклучени во него, како и дека најголемиот дел од тинејџерите стануваат свесни за своето тело и градат слика за себе многу порано пред да наполнат 18 години.

„Свеста и идентитетот за сопственото тело се гради веќе од 10-та до 12-та година. Затоа сметам дека би било од корист да се направи еден систем кој што би ги поддржал тинејџерите во нивниот личен раст и развој“, се вели во една од изјавите на Тројачанец.


Во следното видео, психологот Гордана Блажевска објаснува како стресот влијае на средношколците и истакнува некои од клучните фактори кои придонесуваат за тоа:

„Проблемите во однесувањето често се примарна причина што наставниците ги упатуваат учениците кај училишните психолози, како и потешкотиите во совладување на училишните задачи. Тие може да вклучуваат нарушување на часовите со некој облик на деструктивно однесување или агресија, кои влијаат на целокупната средина и атмосфера во класот или училиштето. Од сруга страна пак, кога учениците сами му пристапуваат на училишниот психолог, тие најчесто бараат поддршка за проблемите со менталното здравје, како што се анксиозност, депресија, стравови, несигурност и нарушена самодоверба, потешкотии во односите со врсниците. Овие прашања се сè почести кај тинејџерите“, вели Блажевска.  

Видеото исто така истакнува дека иако академскиот успех е еден од примарните извори на стрес, многу тинејџери се справуваат и со загриженоста за нивниот изглед, семејната динамика и односите со врсниците.

Понатаму, медиумските претстави на сликата на телото создаваат дополнителен притисок, особено во спортот, каде што често се очекува од спортистите да одржуваат одредени форми на телото врз база на сликата што ја гледаат тинејџерите во медиумите од познатите личности. Овие надворешни притисоци можат да ја нарушат сликата за себе и да доведат до нездраво однесување или дури и проблеми со самодовербата.

„Родителите и тинејџерите се две страни на иста паричка, и на двете страни им требаат алатки за да изградат целосно меѓусебно разбирање. Нашата кампања „Во ист ритам“ се фокусира на оваа врска, нагласувајќи дека преку образование и отворена комуникација можеме да им помогнеме на младите да донесуваат информирани одлуки за нивното здравје и благосостојба“, велат од ХЕРА.

ПР објава