Не паѓајте на оваа измама: Направија лажно интервју со Ѓоковиќ па сега крадат пари од сметките на луѓето
Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ мета на криминални организации - го користат за големи финансиски измами.
На една интернет страница, создадена само со цел за промовирање на дигиталната валута биткоин, се појави измислено интервју со првиот светски тенисер, во кое освојувачот на 17 гранд слем титули ги повикува српските граѓани да инвестираат во биткоин со цел да се збогатат преку ноќ .
Целата работа отиде толку далеку што измислениот текст наведува дека Новак, како гостин на една српска телевизија, рекол дека трговијата со биткоин е неговиот главен начин за заработка.
- Мојот главен начин да заработувам пари е новата програма за автоматско тргување со криптовалути наречена „ера на Биткоин“. Тоа е најдобрата можност да стекнам мало богатство за краток временски период. Ги поканувам сите да го пробаат пред банките да го затворат - гласи фиктивната изјава на Ѓоковиќ.
- Можеби сте скептични затоа што звучи премногу добро за да биде вистинито. Драго ми е што јас го пробав, бидејќи тоа беа најголемите и најлесните пари што некогаш сум ги заработил. Зборувам за дневна пасивна заработка, која изнесува десетици илјади динари. Ова е најбрзиот начин да се соберат пари во моментов. Но, тоа нема да трае долго бидејќи се повеќе луѓе ќе го откриваат тоа и банките ќе го затворат засекогаш - наводно додал Новак покажувајќи „докази“ на неговиот мобилен телефон.
Според истата страница, Народната банка на Србија побара да се запре емитувањето на интервјуто, но беше доцна, пишува Информер. Се разбира, интервјуто не беше ниту снимено ниту емитувано, ниту пак Новак некогаш спомна биткоини или тргувал со нив.
Екипата на Новак досега не реагираше на оваа измама, иако измисленото интервју со тенисерот дури излегува како реклама додека сте на друга страница.
извор: beograd.in