Не сум лицемер, работите во однос со луѓето ги решавам топло, директно и веднаш: Интервју со Петар Грашо
Хрватската музичка звезда Петар Грашо ужива голема популарност кај македонската публика. Многубројни фанови пред неполна недела со нетрпение го исчекуваа неговото појавување на импровизираната сцена во Ист Гејт Мол. Солистичкиот концерт на пејачот, ќе се одржи на 18 мај во Арената „Борис Трајковски“ во организација на „Прагма Продукција“
По настанот се упати во еден од скопските хотели, каде што го чекаше неговата сопруга Хана Хуљиќ Грашо. Таму го направивме и нашиот разговор.
* Една флоскула вели: „Големината на луѓето е во едноставноста“. Кога ве видов на сцената, сфатив колку сте едноставни, но забележав и дека сте и срамежливи? Дали сум во право?
- Да бидам искрен, ретко се сецирам себеси, малку се плашам од тоа. Зошто сум успешен, зошто полнам Арени, зошто не сакам себеси да се доживував пресериозно. И понатаму се доживувам себеси како оној Петар од пред 25 години. Некаде во длабочината на душата тоа е таа истата личност. Секако сите овие 25 години оставија на мене траги и печати од искуство, знаења, сознанија дека е нешто добро. Сознанија што сум погрешил, а што не сум. Но, секогаш кога одам помеѓу луѓето, не сум екстровертен, туку сум комуникативен човек. Кога ќе излезам на сцената, често се прашувам што работам тука. Ја обожавам сцената, но никогаш не сум ја сакал популарноста на сцената. Го сакам чувството на тоа дека можам да уживам во музиката. На сцената повеќе се вртам кон себеси.
* Дали екстровертноста беше одлика и во детството. Какво дете бевте?
* Каков бевте како тинејџер, во преодот на созревање?
- Имав убаво детство и пораснав во скромни, но добри услови. Секогаш тоа го нагласувам, за да не испадне дека продавам патетична приказна дека ми било тешко. Бевме една скромно добро семејство, кое имаше доволно и кое страшно многу делеше. Нашата куќа секогаш беше полна со луѓе. Ја делевме радоста. Мојот татко беше голем пријател со Оливер Драгојевиќ, со Борис Дворник. Тој беше познат кошаркарски тренер, и низ нашата куќа поминуваа сите можни тогашни кошаркари, познати фудбалери. А сето тоа се случуваше во стан којшто имаше 48 квадрати. Се сеќавам на толку прекрасни моменти од моето детство во таа куќа во која што живеевме. Можам да кажам дека тинејџерските денови ми поминаа во шегување, врева, со познатиот далматински хумор, постојано се печеше некоја риба, се пееше. Денес ретко луѓето се собират да пеат, а кај нас секоја вечер се пееше. Тоа беше време кога луѓето немаа ни интернет, ниту Нетфликс, ниту HBO, ниту една од тие платформи за да се оддалечат меѓу себе. Сите тие платформи беа на маса. Дојдеш и зборуваш што си правел тој ден, како си поминал, така што всушност јас сум една изгубена генерација, ајде така да ја наречеме. Не сум од постарата генерација, што се однесува на мајндсетот, бидејќи сепак се занимавам со дигиталија во својата глава. Но, не сум ни од младата генерација, која животот го поминува пред екран. Ги носам искуствата од тоа постаро време, а ги следам и новите работи. Иако, да ме прашате во кој вид луѓе припаѓам, јас сум и старомоден и модерен, иако повеќе инклинирам кон онаа филозофија кога на маса седиме неколку луѓе, да ги тргнеме телефоните и да зборуваме.
* А каков сте како сопруг? Старомоден, традиционален, модерен?
- Јас сум сопруг само еден месец, така што не можам да донесувам некои големи заклучоци. Не мислам дека сум човек којшто има многу доблести. Тоа за мене можат да го зборуваат моите драги луѓе, за тоа што е кај мене добро, а што не е. Ако мислам дека кај мене е нешто доблесно, тоа мислам дека е што сум едноставен човек. Не сум лицемер, работите во однос со луѓето ги решавам топло, директно и веднаш. И таков сум и во врската.
* Како би ја опишале Хана, вашата сопруга?
- Хана е една духовита, интелигентна, но, многу, многу повлечена и мирна личност.
* Хана ве придружува во Скопје. Дали првпат е во Македонија?
- Да, таа е првпат во Скопје. И додека имав интервју, ѝ реков малку да прошета, дека мора да го види градот, кој е еден од моите омилени. Во многу друштва сум го рекол ова и тоа воопшто не е додворување, јас сум навистина среќен кога ќе дојдам во Македонија. Навистина сум среќен кога ќе дојдам во Скопје, зашто тука луѓето едноставно имаат стил на живеење и начин на однесување кој мене неверојатно енергетски ми одговара. Сакав и Хана тоа да го почувствува.
* Кога беше моментот кога сфативте дека сте вљубени?
- Не сакам да зборувам за приватниот живот. Но, ќе одговорам. Во искрениот однос помеѓу двајца луѓе, не знаеш кога ќе се случи тој еден момент. Двајцата поминувавме низ еден многу специфичен период, на нашите поранешни приватни животи и во тој сегмент се случуваше и разговор, едно познанство на еден маж и една млада жена, на еден друг начин. И во тој еден таков вртлог на животот, се случи тоа што се случи.
- Верувам, затоа што немам друг избор, освен да верувам дека сѐ што се случува, треба да биде. Дали е тоа случајно или тоа е нечија волја, тоа го одлучува секој човек внатре во себе. Атеистите мислат дека е така како што е и дека немаат контрола. Луѓето кои се верници, веруваат дека сѐ се случува со некоја причина... Припаѓам на луѓето кои навистина веруваат дека сѐ мора да биде добро, ако добро веруваш. Човек сум кој верува дека сѐ што се случува, треба да биде. Ако е тоа судбина, тогаш верувам во судбината. Не сум атеист, туку сум практичен верник, човек сум кој во животот има моменти кога длабоко размислува, но има и моменти кога е опуштен и само живее.
Ние сме едно големо добро семејство
* Повторно ќе дојдете во Скопје на 18 мај кога ќе го одржите и солистичкиот концерт. На двата неодамнешни концерти во Арената во Загреб имавте продукција, визулени ефекти, сценографија на светско ниво. Што да очекува македонската публика?
- Навистина се трудам и инсистирам на своите големи концерти да имам максимална продукција колку што просторот може да издржи. Сигурно и во салата „Борис Трајковски“ ќе направиме што е можно повеќе. Тоа сигурно ќе биде извонреден спектакл, ќе има врвно озвучување. На својата публика ѝ нудам време на хитови. Секогаш сум се водел според мојот персонален фаворит. Немам некои идоли, но ако постојат тоа беа Битлси. Ги обожавам Пол Макартни, како и Брус Спрингстин. И сакам, да речеме, кога ќе одам на концерт на Макартни, да ги слушам два часа неговите најголеми песни, да плачам, и да се смеам, да уживам, и тоа е за мене живонта екскурзија. И си реков на самиот себе, кога веќе ја имам таа привилегија и кога веќе ја имам таа можност и таа среќа луѓето да ги знаат речиси сите мои песни, тогаш сите тие треба да ги ставам на куп, да ги донесам најдобрите музичари и да нема пауза. Два часа пееме и два часа уживаме. По две години Корона и две години тишина, ми беше феноменално да дојдам во загрепската Арена и навистина, и продукцијата и сѐ друго беше на високо, светско ниво. Но, најубаво беше тоа што, откако почна концертот па сѐ до крајот, 16 илјади луѓе не престанаа да пеат. И тоа може да се види на снимката од мојот концерт во загрепската Арена. Се надевам дека ќе направиме сѐ така да биде и на концертот во Скопје.
* Дали се промени вашиот однос со најверниот соработник Тончи Хуљиќ, откако станавте негов зет?
- Нашиот однос е отсекогаш ист, ние сме навистина генерално семејно врзани. И тој и неговата сопруга Вјекослава се мои продолжени членови на семејството. Нивниот син, братот на Хана, Иван Хуљиќ е еден од моите најблиски пријатели. И сето тоа што се случуваше во текот на последнава година, тие го примија со благослов, што мене ми е многу важно, како и моите родители. Ние сме едно големо добро семејство, кое се шегува во текот на вечерата, се смееме. Се шегуваме со Тончи, а тој со нас. Тончи се шегува со мојата мајка, па мојата мајка се шегува со него. Тоа е еден ужасно симпатичен, фелиниевски однос и тоа ништо не се промени. Тончи и јас секогаш јавно се шегуваме, но кога ќе влеземе во студио, кога работиме, тогаш е тоа еден флуид помеѓу нас двајца, кој не може да се опише. Тоа е еден спој, имаме и спротивставени мислења, и филозофираме, и жестоко зборуваме, па преспиваме, а сето тоа го правиме со цел песната да биде најдобра. И мислам дека тој однос во животот е најзаслужен, таа една авторска и креативна врска, којашто ја имаме со Тончи. Сето тоа е најзаслужно што имаме толкав број на исклучително успешни песни.
* По концертите, дали планирате нешто ново, албум?
- Излезе песната „Јел ти река ко“, која веќе во првата недела беше прва на топ листите во Хрватска неколку недели. На крилјата на таа песна, како и на крилјата на сите песни кои ги издадовме во последниве неколку години, ја работиме оваа турнеја. Секако работиме и на тоа да да имаме уште три-четири навистина добри песни, кои полека ќе ги пуштаме во етерот во текот на следната година.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА
Фото: В.Тануровски