Неверојатната приказна за рускиот селанец кој бил татко на 87 деца

Во 18 век, обичен руски селанец соборил два светски рекорди. По бројот на родени деца од две жени и по бројот на родени близнаци.

Два брака и 35 породувања

Фјодор Васиљиев е роден во 1707 година во семејство на кмет врзан за Никола-Шартомскиот манастир (регион Иваново, 321 километар од Москва). Детството го поминал во селото Ведење недалеку од манастирот, но подоцна бил префрлен во чинот на државните кметови (селани кои имале обврски кон државата) и почнал да служи на имотот Куфрино, исто така во Ивановско.

Васиљев првпат се оженил на 18 години. Името на неговата прва сопруга не е познато, но изворите ја крстиле како Валентина или Феодора. Тие живееле заедно 40 години. Помеѓу 1725 и 1765 година, неговата сопруга Теодора се породила 27 пати. Таа родила вкупно 69 деца, меѓу кои имало 16 близнаци, 7 тројки и 4 четворки. Две деца наводно починале во раното детство, додека другите станале полнолетни.

По смртта на неговата прва сопруга, Фјодор, кој имал 58 години, по вторпат се оженил со извесна Ана. Таа му родила 18 деца, шест близнаци и две тројки.

Семејството дало некои деца да ги одгледуваат брачни парови кои воопшто немале деца или кои имале по едно или две деца. Дел од семејството Васиљиев се преселил во Москва, живеејќи под покровителство на државата, пишува британскиот медицински журнал Лансет во 1878 година. Според експертите, на планетата Земја би можеле да живеат 80.000 потомци на Васиљев, се наведува на сајтот Kirillica.ru.

Слава и дочек кај царицата

Владимирскиот архиепископ дознал за ова многудетно семејство во 1782 година и веднаш ја пренел веста на Екатерина II. Потоа семејството и било претставено во живо на царицата, а Екатерина го наградила семејството за нивниот придонес во демографскиот раст на Руската империја.

За ова семејство и дочекот кај царицата дознал и еден од англиските трговци кој бил во Санкт Петербург и сето тоа им го соопштил на британските новинари. Така е објавена статијата за Васиљев во британскиот весник The Gentleman’s Magazine во 1783 година.

Екатерина Втора сакала да го споменува Васиљев во нејзината преписка со влијателни луѓе од Западот.

Рускиот историчар Иван Болтин исто така зборувал за Васиљиеви во кореспонденција со големиот француски натуралист Жорж-Луј Леклер во 1788 година, кој тврдел дека рускиот народ не е плоден. 

Ставови на научници и критичари

Генетичарите претпоставуваат дека токму Фјодор Васиљев го имал генот за „повеќе деца“, пишува сајтот Kirillica.ru. Сепак, некои научници се сомневаат во автентичноста на приказната за Васиљев.

„Тоа е нешто од областа на фикцијата. Замислете 69 деца! Ајде бре“, изјави за Би-Би-Си Џејмс Сегарс, раководител на репродуктивно истражување на Универзитетот Џон Хопкинс.

Научникот од североисточниот универзитет Џонатан Тили се сомневаше во бројот на повеќекратни бремености. Според него, раѓањето на само едно дете било комплициран процес во тоа време. „Па дури и 16 пара близнаци? Јас би бил многу изненаден од тоа“, коментира Тили.

На крајот на краиштата, според научниците, би се очекувало многу деца да умрат при породувањето, со оглед на нивото на развој на медицината во 18 век.


Фото: hr.rbth