Од голема македонска трагедија, до создавање ново езеро
Земјава ја имаат задесено големи трагедии во кои бројни човечки животи го загубија животот. Во неколку од нив, природните катастрофи си го направија своето, а цената беше платена со солзи. Така е и со Моклишкото езеро. За неговата тажна приказна малку се знае.
Тоа е мало урниско езеро во Тиквешијата, сместено во близина на месноста (и некогашно село) Моклиште, 3 км јужно од приградската населба Ваташа на Кавадарци. Езерото е настанато по природен пат со свлекување на огромни количини земја од ридот „Градот“.
Езерото е едно од најмладите хидрографски објекти во Европа и е единствен пример за урниско езеро. настанато со уривање на една од долинските страни на Ваташка Река (месен назив на Луда Мара).
Утрото на 5 септември 1956 година меѓу 6 и 7 часот додека се вршело меринизација на овците од Земјоделската задруга „Возарци“ во месноста и ридот „Градот“, при тектонско поместување на земјиштето, се одронил огромен комплекс на земјишна маса со камења, при што буквално бил затрупан и покриен простор во должина од 1.000 метри и ширина 400 метри. На одредени места натрупаната земја достигнувала и до 100 метри длабочина. Се проценува дека при оваа катастрофа се поместила земјишната маса од 12 до 15 милиони кубни метри. Во оваа несреќа животот го загубиле 11 луѓе и 1.200 овци. Огромна трагедија која и денес се прераскажува таму.
Геолошкиот состав на теренот овозможил подземните и атмосферски води што продреле низ пукнатина, да ја пореметат стабилноста на теренот, при што земјата се спуштила кон долината на реката Луда Мара. Оваа огромна количина на земја ја затворила старата долина на Луда Мара и создала природна брана висока 30 до 40 метри.
И така, од трагедија е родено ова езеро кое сведочи за загубата.
На Моклишко Езеро доаѓаат повеќе видови водни птици, од кои најзначајни се лебедите и уште поретките црни лебеди, додека на Тиквешко Езеро се среќаваат речиси сите видови водни преселни птици што прелетуваат преку Македонија.
Меѓу птиците најчесто има европски и светски ретки птици што се заштитени со закон и претставуваат значајна алка во целокупниот биодиверзитет. Се сретнуваат црвен ибис, бела мала чапја, чапја лажичарка, гускаста шатка тадорна, мал корморан и други. Освен нив, има голем број видови лиски, нуркачи, чапји, шатки, а по полето и два-три вида гуски.
Живописно и уникатно, со богата природа околу него, ова езеро е уште едно од убавините на нашата земја.