Отворен е најдлабокиот базен на светот: Еве колку е длабок

Најдлабокиот базен на светот со пад од 45,5 метри, наменет за нуркачи, беше отворен викендов недалеку од Варшава. Наречен е „Deepspot“ и е полн со имитации на подводни пештери и урнатини на Маите, а исто така има и помал бродолом наменет за истражување.

Базенот е исполнет со 8.000 кубни метри вода, што е дваесет пати повеќе од волуменот на стандарден базен долг 25 метри.

За разлика од обичните базени, „Deepspot“ може да прими клиенти за време на пандемијата ковид-19 бидејќи е вклучен во категоријата нуркачки центар каде што се одржуваат курсеви за нуркање.

Исто така, се планира изградба на хотел чии соби ќе нудат поглед во внатрешноста на базенот и нуркачите. „Ова е најдлабокиот базен на светот“, изјави директорот на „Deepspot“, Михал Брашински, за АФП по големото отворање во саботата.

Претходниот рекорд, запишан во Гинисовата книга на рекорди, го држеше базенот „Монтеготото Терме“ во Италија, чиј вертикален пад беше 42 метри.

Но, се чини дека полскиот базен наскоро ќе падне на второто место бидејќи во Велика Британија следната година планираат да го пуштат во употреба базенот „Blue Abyss“ (Сина провалија) кој ќе биде длабок 50 метри.

„Иако овде нема убави риби или корални гребени, ова е навистина добро место за обука и подготвување за нуркање во вистинското море или океан“, коментира Пржемислав Кацпрзак, 39-годишен инструктор по нуркање.

Базенот ќе го користат пожарникарите и армијата и во него ќе се тестира разновидна опрема.

Изградбата на „Deepspot“ траеше две години, чинеше околу 8,9 милиони евра, а во него беа искористени околу 5.000 m3 бетон.



Можеби ќе ве интересира:

Вакво нешто до сега не е видено: Гига проектот „Срцето на Европа“ во Дубаи