Пеперутката Чингова окатка: Само во Македонија и ниту на едно друго место во светот

Во повеќе наврати сме пишувале за нешта кои ги има во Македонија и ниту на едно друго место.Треба да бидеме свесни што поседуваме и како да го заштитиме тоа.

Во Националната Стратегија за заштита на природата (2017-2027), превојот Плетвар- прилепско, се споменува во првите десет најважни центри на националниот ендемизам, особено по ендемичните  растителни видови кој се појавуваат поради специфичните почви и минерали кои се наоѓаат на подрачјето.

Типичен пример за еден таков ендемски вид е пеперутката Чингова окатка (Pseudochazara cingovskii), ендемски вид која според досегашните објавени истражувања се среќава само во околината на Плетвар. Оваа пеперутка за сега се знае дека живее само на Плетвар, на површина не поголема од 1,5 км² и на ниедно друго место во светот. Припаѓа на родот лажни хазарки (Pseudochazara). Пределот кој го населува е сув, со каменита, варовничка подлога, која е прекриена со ретка вегетација, на надморска височина од 1000 до 1200 м. Како возрасна единка, пеперутка, лета од крајот на јули и почеток на август кога и се размножува и полага јајца, но сѐ уште не е потврдено во која форма ја минува зимата. Според Butterfly Conservation Europe, овој вид на дневна пеперутка претставува еден од најретките и најчувствителните видови во Европа.

Овие пеперутки се светлосиво обоени со што успешно се прикриваат од грабливците и кореспондираат со бојата на камењата.

Во истражувањето на Македонското ентомолошко друштво, се нотира дека на Плетвар се наоѓаат не повеќе од 3000 возрасни единки од овој вид и дека има тренд на намалување на бројката.

Овој вид на пеперутка од 2010-та се наоѓа на Црвената листа на загрозени видови, во категоријата критично загрозен вид со тенденција за опаѓање на популацијата. Главна закана за опстанокот на оваа пеперутка е рударската индустрија и  каменоломот кој се наоѓа во близина на нејзиното живеалиште.