ПОУЧНА ПРИКАЗНА: Никој не е сам на овој свет! Само една порака која е неверојатно моќна
Постои една легенда кај Индијанците која раскажува за момчињата кои стануваат возрасни личности. Нејзината содржина е кратка, јасна и носи само една порака која е неверојатно моќна и поучна. Таа до ден денес се раскажува и нѐ поучува за животот и луѓето со нивните карактери, чија комплексност се гледа во едноставноста.
Таткото го одвел својот син длабоко во шумата, му ставил превез преку очите, го качил на едно пресечено стебло и го оставил.
Од момчето се барало цела ноќ да седи на стеблото, без да се помрдне од местото и без да го трга превезот од очите, сѐ додека не ги почувствува првите зраци на сонцето на своето лице. Не смеело ниту да плаче, ниту да бара помош. Кога ќе ја преживее ноќта, ќе стане возрасен човек.
Забрането му било да разговара со другите момчиња за своето искуство, бидејќи секое од нив морало да влезе во зрелото доба на свој начин. Момчето, се разбира, било многу исплашено. Можело околу себе да ги слушне сите звуци: Од дивите ѕверови и разните птици па сѐ до далечните гласови на луѓето кои исто така можеле да го повредат или убијат.
Постојано го чувствувало и звукот на ветрот кој во лицето му носел трева и песок. Сепак, младиот Индијанец храбро го поднел сето тоа. Знаел дека тоа му бил единствениот начин да стане возрасна, зрела личност. Конечно, по ужасно поминатата ноќ, сонцето излегло и момчето можело да го тргне превезот од очите.
Во тој момент, младото момче открило дека неговиот татко цело време седел покрај него, на другото пресечено стебло и внимавал да не му се случи нешто лошо.
На сличен начин, никој од нас никогаш не е сам на овој свет. Не губете надеж, бидејќи секогаш има некој кој внимава на вашиот живот.
Фото: unsplash